Прометеј

28.05.2012 15:02
Прометеј

Иако Ридли Скот одамна ги прифати новите филмски трикови и играчки, вклучувајќи ги и компјутерски генерираните слики, познато е дека верува во она што тој го нарекува „снимање на реалноста“. „Прометеј“ претставува реткост во морето епски филмови кои се потпираат на компјутерски генерираните сцени. Станува збор за огромен научно-фантастичен свет во кој поголемиот дел до сценографијата, реквизитите и авантурите се реални. Тоа дава воодушевувачко чувство на опиплива стварност, во која секоја наредна сцена е повпечатлива од претходната. Еден член на екипата на филмот вака го опиша тоа: „Ридли го изгради најголемото игралиште за вонземјани на светот“.

Екипата на филмот искажува голема почит кон дизајнерот на сценографијата и неговиот тим уметници. „Тешко е да се објасни впечатокот кој го остава прошетката по една ваква сценографија. Тоа е многу инспиративно на повеќе нивоа. Се случуваат толку инстинктивни нешта додека снимате во реална сценографија. Сите се однесуваат поприродно бидејќи кога околу нас сè е толку реалистично, чувството е небаре сето тоа навистина се случува. Секој детаљ е заснован на реалниот свет, вистинските информации и логичните референци. Ако сакате да ги исплашите луѓето на подлабоко, емотивно ниво, тогаш морате да имате реалистични кулиси.“

Филмот е сниман на пет локации на студиото Пајнвуд во В. Британија, вклучувајќи ја и најголемата студиска платформа во Европа од 59.000 м2, „платформата 007“. Снимањето започна во август 2010, иако прелиминарните работи започнаа многу порано. По петнаесет недели снимање во Британија, екипата се префрли на Исланд.

Ридли Скот, реномираниот филмски автор кој со филмовите „Осмиот патник“ и „Блејд Ранер“ го помогна зацврстувањето на НФ жанрот, во новиот филм „Прометеј“ на гледачите им го пружа сето она што претставува негов заштитен знак: акција, возбуда, страв, и уште многу нешта.

„Прометеј“ во целост е снимен со 3Д камери, без потреба да минува низ конверзија во постпродукцијата.

Иако веќе три децении нема снимено научно-фантастичен филм, Ридли Скот никогаш не го изгуби интересот за таквиот жанр. Меѓутоа, неговото враќање мораше да биде проследено со доволно добра и голема идеја. „Во текот на неколкуте изминати децении бевме затрупани со акциони, научно-фантастични и филмови со чудовишта“, вели Скот, „така што, основното прашање беше – колку можете да бидете оригинални?“

„Причината поради која не снимив ниеден НФ филм, освен фактот што бев зафатен со работење на други филмови и истражување на различните жанрови, е тоа што не наидов на ништо доволно вистинито, оригинално и силно. Прометеј ги има сите овие карактеристики.“

„Нешто остана во мене уште од ’Осмиот патник’, а тоа е мистеријата која стои зад него. Кој е тој? Од каде доаѓа? Има ли мисија? Каков вид технологија би поседувал неговиот вид? Помислив дека овие прашања би можеле да бидат основа за уште поголеми идеи“, вели Скот.

Па така, „Прометеј“ е дефиниран со нови идеи и прашања кои ја преокупираат фантазијата на режисерот. Како што вели Скот, верните обожаватели во филмот ќе препознаат „делови од ДНК на ’Осмиот патник’, но идеите со кои се занимава овој филм се единствени, провокативни и досегаат далеку“.

’Прометеј’ настана како почеток за приказната за ’Осмиот патник’, но во меѓувреме стана многу повеќе од тоа, и еволвираше во нов универзум. Го нарековме бродот Прометеј според титанот од грчкиот мит, кој им се спротивставил на боговите и на луѓето им го дал огнот, поради што е ужасно казнет“, вели Ридли Скот.

Џон Спајтс, косценарист, вели: „Ништо не беше однапред дадено, моравме да создадеме сè отпочеток. Во создавањето цел еден свет со Ридли Скот имав огромно платно на кое можев да сликам“. Другиот косценарист, Дејмон Линделоф, вели дека бил запрепастен од визијата која Скот ја имал за „Прометеј“: „Предизвикувачки е, живописен, и она што никој не го очекува“.

Накратко, во желба да ги пронајдат творците на животот на Земјата, научниците од бродот „Прометеј“ и мега-корпорацијата која со милијарди долари го финансира патувањето, ги предизвикуваат боговите... Исто како и митолошкиот јунак според кого е наречен бродот.

Овој филм се занимава, меѓу другото, и со врската меѓу луѓето и нивните богови, и со тоа што се случува кога ќе им се спротивставиме. Сепак, „Прометеј“ најмногу е филм за луѓето од иднината, кои пред предизвик ги ставаат некои од најважните човечки филозофски идеи.

Двајца брилијантни научници, Шо И Халовеј, мотивирани од различни потреби, ја водат експедицијата во непознатите делови на универзумот. Шо е религиозна: таа сака да ги запознае „боговите“ и на тој начин да направи чекор поблиску до своите традиционални верски убедувања, додека Халовеј трага по побивање на верските теории за настанокот на животот. Работејќи како археолози, обајцата наидуваат на пиктограми кои упатуваат на истата локација во длабоката вселена, и ја убедуваат компанијата „Вејланд индустрии“ да ја финансира мисијата.

Ни научниците, ни останатите патници на бродот не се подготвени за она што ќе ги снајде. Наместо богови, тие се среќаваат со многу опасни и надмоќни суштества, а наместо рај тие ќе се најдат во нешто што многу повеќеќе наликува на пекол.

Можеби некои нешта е подобро да се остават неистражени?

Your browser is not able to display this multimedia content.

Силните жени во главни улоги се заштитен знак на Ридли Скот: Сигурни Вивер во „Осмиот патник“, Џина Дејвис и Сузан Сарандон во „Телма и Луиз“, Деми Мур во „Џи Ај Џејн“... „Прометеј“ има дури две сјајни улоги кои ја продолжуваат оваа традиција. Нуми Рапас е Елизабет Шо, научничка која станува војник кога ќе се соочи со опасноста, а Шарлиз Терон е Викерс, деловна жена која ги претставува интересите на мега-корпорациите и големите финансиери.

Дејвид, кој го глуми Мајкл Фасбендер, е буквално машина – андроид создаден од корпорација. Тој води сметка за бродот и посадата која е потоната во хибернација за време на долгото патување, но е многу похуман одошто може да се очекува од еден андроид. За него „Прометеј“ е како игралиште за дете, и тој ужива во тоа одново и одново да го гледа филмот „Лоренс од Арабија“.

Капетанот на „Прометеј“ го глуми Идрис Елба, актер кој со Ридли Скот соработуваше на филмот „Американски гангстер“, а позната е и неговата улога во ТВ серијата „The Wire“. Логан Маршал-Грин го игра научникот Холовеј, партнер на Елизабет Шо во потрага по одговорите на прашањата за корените на човештвото.

Артур Макс ги дизајнираше и вселенскиот брод, возилата и пределот од планетата кон која е насочена експедицијата, како и градбите и леталата кои ќе ги пронајдат таму. За бродот „Прометеј“ Макс вели дека сакал да направи „уметничко дело кое би било претставник на вселенските летала со сета можна технологија неопходна за продирање во најдлабоките делови на галаксијата. Изучувавме многу нацрти на НАСА и Европската вселенска агенција, па си поигрувавме со тие идеи во рамки на замислата како би изгледало патувањето во вселената една генерација после нас“. Макс првин ја осмислил внатрешна архитектура на бродот, а потоа според неа ја обликувал и неговата надворешност.

Новите суштества во филмот се дел од креативниот супервизор за ефекти и шминка, Нил Скенлан, и супервизорот за простетика, Конор О’Саливен. „Ние ја претставуваме еволуцијата на овие суштества на еден логичен и биолошки начин“, вели Ридли Скот, а Скенлон додава: „Секој стадиум на животот на некое суштество има одредена цел. Воведовме нови елементи кои не се нужно чекор зад оние во ’Осмиот патник’, но имаат слична ДНК. Многу идеи на Ридли потекнуваат од природата – растенијата, зеленчукот, морските суштества и другите животни. Ништо не е измислено.“

Филмот својата македонска премиера ќе има на 8 јуни, во скопското кино Милениум.

Текстот е добиен од дирекцијата на филмската куќа Fox.