Колку енергија троши интернетот?

04.06.2012 09:02
Колку енергија троши интернетот?

Сте се запрашале ли некогаш колку вкупно струја се троши секој пат кога праќате е-пошта, твитнувате или кликате „ми се допаѓа“?

Во 2011 дигиталниот свет, односно количината на информација која се создава и репродуцира, достигна 1.8 милијарди терабајти, и овој дигитален свет се удвојува во големина секои две години. Голем дел од овие дигитални податоци се чуваат во огромни податочни центри (дата центри) и за нивно одржување е потребна голема количина на енергија.

Еден 10MW-тен дата центар може да користи енергија колку и еден помал град. Ако на тоа се надоврзе фактот дека во светот има околу петстотини илјади дата центри (според Emerson Network Power), тогаш ние зборуваме за 2% од вкупната енергетска потрошувачка на глобално ниво. Тоа значи, за да можеме ние на мира да си сурфаме на дигиталните бранови, потребни се 406 TWh електрична енергија годишно.

Интересно е што кај традиционалните дата центри само половина од оваа енергија се користи за напојување на серверите што ги чуваат нашите сервиси за е-пошта, профили од социјалните мрежи и слично. Останатата половина од потрошената енергија оди за напојување на разладните системи на овие сервери и дата центри или се губи при претворањето на наизменичната струја во еднонасочна.

Некои дата центри користат природни подземни резервоари за ладење на нивните сервери со што ја подобруваат ефикасноста на искористување на енергијата, односно го подобруваат односот помеѓу енергијата искористена за компјутерите и онаа искористена за зградата.

Неделава, од Green Data Center најавија ново потенцијално решение на проблемот со потрошувачката на енергија – ќе го направат најмоќниот дата центар на еднонасочна струја во светот. Бидејќи претворањето на наизменичната струја во еднонасочна доведува до дисипација, Green DC одлучија дел од нивните сервери да работат исклучиво на еднонасочна струја, со што се намалува бројот на трансформации од пет на два.

Со овој чекор од Green DC се надеваат да заштедат негде помеѓу 10 и 20% на електрична енергија.

Извор: energetskaefikasnost.info

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото