Век на сегментација

07.06.2012 10:15
Век на сегментација

Во 1949 г. Рајнхолд Нибур ја објави книгата со наслов „Вера и историја“. Нибур воочи некој вид секуларна религија, посебно силна во годините по Втората светска војна. Се работи за верувањето дека историските сили постепено водат кон „обединување на човештвото“.

Старите национализми ќе избледат, веруваа многумина. Транспортните и комуникациските технологии ќе ги обединат луѓето. Вредностите ќе се спојат.

Ова оптимистичко верување беше во средиштето на многу повоени проекти, првин Обединетите нации, а потоа Европската унија. Замислата беше да се создадат мултилатерани тела кои ќе го забрзаат процесот на спојување, хармонизација и мир.

За жал, ова морално, културно и политичко спојување не се случи. Во наредните децении, луѓето во различни земји, па дури и луѓето во една иста земја, станаа различни барем исто онолку колку што станаа слични.

САД се една земја со заедничка историја, единствена валута и силен идентитет. Па сепак, државата сè повеќе, а не помалку, се поларизираше. Управувањето со државата стана потешко, а не полесно.

Како што комуникациската технологија стануваше сè поглобална, вкусовите стануваа сè повеќе, а не помалку, парохијални. Итан Зукерман од МИТ во списанието Wilson Quarterly забележува дека 95% од вестите кои ги читаат корисниците на интернет во Америка потекнуваат од САД, додека во многу други земји луѓето читаат и помалку странски вести од нас.

Неуспехот од спојувањето е највоочлив во Европа. Навистина, еден мал сегмент од европското општество станува сè повеќе транснационален. Но само 2% од Европејците живеат во земјата чиишто државјани не се.

Општо земено, европските држави имаат многу различни сфаќања за владеењето на правото и политичкиот поредок, различни работни етики и концепции за државјанството. На пример, доколку ја разгледате Студијата за европските вредности, ќе забележите запрепастувачки разлики во самиот континент.

Помалку од 40% од Данците ја сметаат работата за „многу значаен“ дел од својот живот, во споредба со околу 65% од Французите. Над 80% од Хрватите сметаат дека е должност родителот да стори сè што е можно за своите деца, дури и на сопствена штета. Само околу 55% од Германците се согласуваат со тоа.

Светот е поинаков во зависност од тоа на која нација припаѓате. Според истражувањето на Pew центарот, 73% од Германците сметаат дека економската ситуација во моментов е добра. Во Франција, нивното мислење го делат 19% од населението, а во Шпанија само 6%.

Ако го погледнете Светскиот преглед на вредностите, ќе забележите дека во повеќето западни земји сè повеќе се сомневаат во своите соседи, а не сè помалку. Варијациите меѓу државите се огромни, но нивото на општествена и политичка доверба опаѓа речиси насекаде, освен во нордиските земји. Со други зборови, ако воопшто постои некакво обединување, тоа се огледува во нашиот договор да не си веруваме едни на други.

Денешната европска економска криза е директна последица на оваа сегментација. Кризата на еврото не е должничка криза. Вкупното ниво на европскиот долг не е толку висок. Тоа е криза на легитимитетот. Задолженијата се различни во различни земји, а Европејците со едни навики и вредности не сакаат да ги спасуваат Европејците со други навики и вредности.

Творците на европскиот проект веруваа дека монетарната унија ќе ги приближи луѓето. Но, кога насила ги спојувате народите чиишто вредности се разликуваат, крајниот резултат ќе биде нивното оддалечување.

Сè наведува кон тоа дека еврото ќе пропадне. Тоа не е посакуван исход. Рецесијата и хаосот кои ќе следат потоа би можеле да бидат застрашувачки од обете страни на Атлантскиот океан. Но, би требало да се подготвиме за крахот, бидејќи чувството на зеднички идентитет, неопходно за опстанок на еврото, не постои.

Европејците губат надеж во европскиот проект. Поголемиот дел од нив сметаат дека интеграцијата ѝ нанела штета на нивната економија. Во сите земји освен Италија, поголемиот дел се противат на давањето поголем буџетски суверенитет на Брисел, според резултатите од истражувањето на Pew центарот. Од поважните европски политичари, најпопуларна е Ангела Меркел, која ја поддржуваат 80% од граѓаните во Германија, 66% во Британија и 76% во Франција.

Европа и понатаму ја измачува истиот проблем која ја измачуваше изминатиов половина милениум. Премногу држави на толку мал простор. Не постојат историски трендови или технократски планови кои можат да го изменат тој основен недостаток.

Поважното прашање гласи – како ќе излезе светот на крај со сопствената сегментација? Како да се владее во раздор? Ако мултилатералните организации не можат да ги поврзат државите, дали едноставно треба да се вратиме во периодот на регионалните хегемони – или хаос?

Во секој случај, првиот чекор е напуштањето на илузијата за споивоста и плановите кои се засновани на истата. Нибур во 1949 г. го доведе во прашање наивното верување дека историјата води кон единство. Го цитираше псалтирот: „Оној, Кој живее на небесата, ќе им се смее и Господ ќе ги исмее“.

Извор: The New York Times

Илустрации: Ји Јанг

Коља, шо прајш, ќе ти ја

Коља, шо прајш, ќе ти ја секнат чешмата.

Да бе, види го! Срам те било

Да бе, види го! Срам те било што објавуваш вакви работи!

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото