Булки и тенкови, Циклами

24.08.2009 13:05
sagashite.jpg

Два нови хаибуни од Мартиновски

БУЛКИ И ТЕНКОВИ

Половина детство и половина младост ми поминаа во слушање вести за војни.

Секоја година нова војна. Де војна на друг континент, де војна во соседството. Де студена војна де жешки судири. Де граѓанска војна де војна меѓу цивилизации. Де медиумска војна де виртуелна. Де војна меѓу закрвени соседи де братоубиствена војна. Само што ќе заврши една, еве ти ја новата.

Од толку војни имам дури и скица за сценарио за научно-фантастичен филм: преку референдум Земјаните решаваат да се прекрстат во „Марсовци“, оти само марсовото племе може толку да војува. Марсовците смртно се навредени и почнува седмото продолжение од Војната на световите...

 

Природата е постојано убава. Ама ми се чини дека е особено убава кога сфаќаш дека нема да ја гледаш со векови, туку уште со децении, или со години, месеци, денови... Уште е поубава покрај толку војни.

 

Се возам низ прекрасни предели. Утрово се плашам да пуштам радио. Но и без вестите, јасно ми е дека сега војната тропа и на нашите порти.

 

Меѓу ливади

со булки претекнувам

колона тенкови.

 

 

ЦИКЛАМИ

- Најмалите највисоко ќе потераат. Најубаво е да следиш како пркнуваат – ме советува старата цвеќарка при изборот на циклами.

Пред неколку дена видов една падина со циклами. Ми личат како пеперуги кои решиле да останат вечно закачени на рачките од цветовите. Си ветив дека кога ќе се вратам во градот ќе го посетам цветниот пазар и ќе се почестам со една саксија.

- Стави ги до прозорецот. Ем луѓето однадвор ќе имаат убава глетка ем и цикламите ќе си гледаат надвор. Ако нема потреба не им ги спуштај ич ролетните… Така некако гласи вториот совет.

Ги земам најмалите циклами, плаќам и се поздравувам. Ја ставам саксијата во малиот простор меѓу работната маса и прозорецот.

 

Му давам вода

на цветот, а потем од

чашата пијам.

 

Навреме се сетив на третиот совет: цикламата не бара премногу вода.

Ги гледам цикламчињата, ама ги гледам само јас. Толку се мали што однадвор не се гледаат. За жал, ни цикламите не можат да ги видат новите облаци кои се трупаат на небото.

 

Српот месечев

го сечка облакот на

снегулки ситни.

 

Толку ми е убава глетката што одлучувам да не излегувам вечер. Ги оставам ролетните отворени, како што ме советуваше цвеќарката. Ги тргам до крај пердињата и го гасам светлото. Седнувам на креветот, се виткам во ќебето. Во мракот го следам паѓањето на снегулките и ми се чини дека како што бавно паѓа снегот така бавно растат и цикламите. Речиси незабележливо и крајно спокојно. Сепак, си велам, само ми се причинува.

Телефонот ѕвони и одам во дневната соба. По получасовниот муабет со пријателот се враќам во собата. Се стаписувам.

 

И цикламите

пркнале да гледаат

како снежи.

 

Слики: Shiori Matsumoto

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото