1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 10:08
Неколку куси раскази од младиот писател Мане Манушев. Станува збор за автор кој сè уште се бара себеси, талка низ различни поетички концепции, понекогаш идејата во расказите е премногу директно искажана, но сепак со ова објавување го поддржуваме неговиот талент.
Конверзација
Многу често мислев дека мојата мисла некој ја чита.
Беше единствена, едноставна, напати смешна и изулавена. Кога почнав за првпат, нешто оживеа концентрирано на самиот јазик, посебно наместен да се разберам со Другите.
А Другите, секогаш пред да изустам збор или нешто слично ми велеа – знаеме. Јас тоа си го задржував за себе.
Многу години поминаа откога почнав првпат. Ама, еве како сè уште збор не кажав. И се така. Јас запни, Другите – знаеме. Пред да ги запрашам што знаете, како знаете, тие ми одговорија: „ете така знаеме, сè знаеме“.
Оттогаш молчев.
Љубомора
Нивната љубов беше преголема дури и за универзумот. Нивната љубов беше отровна стрела. Така беше со милениуми и милениуми. Тие двајца заедно го победуваа времето, му пркосеа на хаосот, си поигруваа радосно со небесата, невино трчкаа околу соѕвездијата. Гореа во себе и за себе.
Тогаш некој љубоморно се испречи помеѓу нив. Тој некој Бог реши да создава свет. Не можејќи да ја гледа нивната љубов и среќа, бидејќи ја имаше моќта, ги раздели за навек. Ги остави осамени и ги проколна никогаш повеќе да не се сретнат. Така и бидна.
Нејзиниот љубовник го викаат Ден, а неговата љубов Ноќ.
И двајцата се сè уште полни со љубов, но во нив пламти тага и бол зошто не можат да се видат за да си кажат колку си недостасуваат.
Пост(о)ење
Сè почесто почна да ми се случува откако ќе заспијам некаде после 00:00 часот да се будам во 04 ч., особено кога спијам на туѓ кревет. Така беше и сега. Тешко се адаптирам во туѓи домови, посебно кога станува збор за спиењето.
Беше тоа некоја соба во која јасната месечина фрлаше светлина по ѕидовите отсликувајќи сенки од гранките на дрвјата растреперени и разиграни од ветерот. Погледнав пред себе и забележав светкање на диоди од рутер, дигитални бројки од часовник, позлатена икона на некој светец прикачена на еден од носечките столбови. Се завртев лево од мене и на креветот забележав голо тело на некоја девојка. Да, мислам дека беше девојка, сигурен сум дека беше девојка, познавајќи ја мојата сексуална ориентација без сомневање беше девојка.
Не знам која беше, ниту како сум ја запознал.
Пред некој ден гледав една емисија во која беше гостин еден мој колега, ако можам така да го наречам – колега, бидејќи како што тргнала работата тешко дека би имал некого кого би го нарекувал Колега. Тој мој Колега зборуваше и ги бранеше правата на некои хомосексуалци, сексуални работници, домашни миленичиња, вегетаријанци и какви уште не групации. Кога новинарот го праша дали е тој хомосексуалец, овој мојов Колега одговори: На тоа прашање нема да ви одговорам. Чекај бе малку, Колега, нема од што да се плашиш кажи си слободно која е твојата сексуална ориентација. И еве сега јас ќе му одговорам на новинарот: Је бе је, мојот колега е хомосексуалец. Тоа не го потврди мојот Колега, туку тоа е мое мислење и впечаток. Не може маж да седи с’крс нозе цела емисија од два часа и да гестикулира како да е Чичолина. Од друга страна јас јавно признавам дека не сум наркоман, иако пошироката јавност има поинаков впечаток, јас јавно кажувам дека не сум тоа што јавноста мисли. Дури и ми било интересно кога некој ќе ме прашаше: A што дрога имаш земано? да му одговорам Сè, иако абер немам од такво искуство. Тие што ме познаваат доволно знаат дека во средно држев предавања по училиштата за штетните последици од дрогата, дека ги мразам тие со шприцови, шмркачите и не знам кои други начини на конзумирање на дрогата.
Девојката до мене се преврти. Не можев да се сетам ниту која е ниту што е. Само ми текна дека додека бев на работа и стоев пред рулетот, еден човек ми рече: „Стави сè на црвено, па шо биде нека биде“. Рулетот заврте, No bets. Човекот пребледе.
Тогаш дојде Вероника и ми рече: „Те бара новата шефица... Слушаш, те бара новата шефица“.
Се завртев кон девојката, ја погледнав низ светлината на месечината, а во главата ми одекнуваше: „те бара новата шефица, новата шефица, шефица...“
Ред и след
Чекањето требаше да се исплати.
Редица. Голема редица во банката. Повеќе немаше ниту скршен денар. Земаше стипендија. Немаа пуштено пари за претходниот месец. Трудот заслужува восхит, а веќе последните неколку мигови времето како да ги конфискуваше стрпливоста и присебноста. Искреноста се движеше во здивот на брановите кои со своето сеопфатно лице проговорува громогласно и потоа се впиваа еден во друг замолчувајќи се протнати во морскиот хоризонт. Миризбата на нагазена алга се пробиваше во внатрешноста на бродот, голем список на железо. Се што му е потребно е само мала поправка која веќе подолги години не е извршена, а тој го очекува сето тоа. Гледајќи низ прозорецот, користејќи го секој момент новодојденецот, млад и фин, се обидуваше да си претстави пејсаж, искрено кажано, само за него. Малку сонце пред заоѓање, липи, тополи, зацрвенето небо, простор околу летната бавча и ..., тука завршуваше. Мислеше дека тоа е влезот што гарантира добра слика, или добар живот, или само една нова измислица и лага. Полнејќи се со камените рабови и морската пења воздивнуваше и тоа го чуваше само за сопствениот љубопитност. Помислата што го обземаше е споменот, задолжителниот зрак сончевина и балконот што му го одземаа модрото време преку денот. Во него тешко можеше да се види отпор. Седна на столот, го тргна погледот од школката што ја држеше и морето и привидните сцени се изгубија задушувајќи се во влажниот ѕид. Собата претставуваше некаква јадовина. Инсистираше да ја нарекува гулабарник. Ја остави школката. Го зема весникот. Слабоста му беше единствената тага, миризлива, што му корнеше во градите. Го остави весникот и стана напуштајќи го сопственото аталје.
Постоеше простор низ кој сакаше да помине за да го почувствува времето. Понизно се трудеше. Градското централно подрачје го исцрпува. Одејќи по улицата наидува на парче хартија, го зема и чита: „... пронајдете ја вашата солидарност...“. И уште повеќе сакаше да ја преиспита матноста која го води кон сè она што му недостасува. Тажен, радосен, преобразен во размислување со ефикасност имаше намера да го притесни сериозниот проблем. Но, тој нема проблем. Сериозно се подбива со амбицијата. Тоа е затоа што тој нема амбиција. И уште повеќе, се задушуваше како асматичар инспириран од сенките полегнати на тротоарот. Немаше негова сопствена животна комедија.
Симпатично се пробиваше низ безвременските опсесии. Почнува да го губи сопствениот идентитет, значи го губи и телесниот орган за чувство. Нема мозок. На сите ја претставуваше важноста демаскирана како сензација без мирис, допир, љубов.
Ред. Се приближуваше кон жолтата линија.
Примамливо го осветлуваше пред себе долгиот грч на залезот. Неговите крилја го сечеа воздухот. Велеше во себе потскриено дека станува папагал. Лаже. Никој не му верува. Подрипнува горе, потклекнува доле. Трепереше качен и поставен лице в лице со огромната височина од облакодерот. Сите довикуваат да не полетува. Тој е убеден дека е папагал, ги убедуваше сите дека се папагали. Долу поминуваше група безгрижни луѓе, и тој е безгрижен.
- Ме чекаат доле сини прозорчиња и облачиња- велеше мирно небаре се нурнал во простор со сигурносен уред.
- Симнете се, животот е пред вас- му велеа, а нему тоа му годеше.
Беше речиси целиот мрачен, изгледаше преплашено. Му текна на папагалот во кафезот што го имаше во аталјето и веднаш помисли како го отвора прозорецот и го слуша мавтањето на крилјата на неговото домашно милениче кое сега веќе се оддалечуваше во затемнетиот предел губејќи се во слободата.
- Ќе го пуштам – си рече доволно гласно за само тој да се слушне.
Во тој момент погледна околу себе. Се врати од залутаните мисли токму на време кога му беше дошол редот пред шалтерот.
- Имате 3.600 денари на вашата сметка ... -
- Дајте ми ги сите.
Тогаш ги зеде парите и замина. Можеби чекањето му се ислатеше.
Слики: Dan McPharlin
Мане Манушев е роден 1983 година во градската болница во Велес.
Своето основно и средно образование ги завршил во родниот град.
Во 2006 година дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје,
на катедрата за Општа и компаративна книжевност.
Моментално се занимава со пишување поезија, проза, кратки раскази и есеистика.
Исто така се занимава и со истражувачка дејност од областа на
Ирската културна и социјална историја.
Ова е негово прво јавно промовирање.