Страв

09.12.2011 14:53
Страв

Глувци

Глувците живеат во нашите ѕидови, ама во кујната не нè вознемируваат. Ние сме задоволни поради тоа; само, не ни е јасно зошто не влегуваат во кујната каде што им поставивме замки, бидејќи влегуваат во кујната на нашите соседи. Иако сме задоволни, тоа сепак и нè загрижува, бидејќи глувците се однесуваат небаре нешто не е в ред со нашата кујна. Ова е дотолку повеќе загадочно бидејќи нашата куќа не е толку уредна како куќата на нашите соседи. Има многу повеќе расфрлана храна во нашата кујна, повеќе трошки по површините и поцрнети главици кромид клоцнати покрај лајсните на долните елементи. Всушност, има толку отпадоци од храна во нашата кујна што единствено ми текнува дека тоа ги поразува и самите глувци. Во некоја уредна кујна за нив претставува предизвик секоја ноќ да наоѓаат доволно храна за да преживеат до пролетта. Таму секој час стрпливо ловат и грицкаат сè додека не се заситат. Меѓутоа, во нашата кујна налетуваат на нешто што е толку чудно за нивното искуство што не можат да се изборат со тоа. Можеби и се одважуваат на два-три чекора, но набрзо ги зашеметуваат мирисите и глетките ги набркуваат назад во нивните дупки, обесхрабрени и засрамени што не се способни ни штета да направат како што треба.

Излет

Изблик на бес близу патот, одбивање разговор на патеката, молчење во боровата шума, молк преку стариот железнички мост, обид за смирување во водата, одбивање да се оконча расправијата на камените плочи, бесен извик на стрмнината од земјениот насип, плач меѓу грмушките.

Настрано однесување

Само да ти објаснам дека за тоа се виновни околностите. Не значи дека сум настрана ако пикам сè повеќе и повеќе парчиња искинати хартиени марамчиња во ушите и ја врзувам главата со шал: додека живеев сама, ја имав сета тишина што ми беше потребна.

Страв

Речиси секое утро, една жена од нашиот крај истрчува од дома бледа како вар, во капут кој лудачки се вее околу неа. Вика: „Тревога, тревога“, и некој од нас ѝ приоѓа и потоа ја придржува сè додека не се смират тие нејзини стравови. Знаеме дека таа си го замислува сето тоа; во суштина, ништо не ѝ се случило. Но ја разбираме, бидејќи тешко дека има еден меѓу нас кој барем понекогаш не почувствувал потреба да го стори истото што и таа, и секојпат, потребна ни е сета сила со која располагаме, па дури и силата на нашите пријатели и нашите семејства, за да нè смири.

Здодевни пријатели

Познаваме само четворица здодевни луѓе. Останатите наши пријатели ги сметаме за многу интересни. Меѓутоа, повеќето пријатели кои ние ги сметаме за интересни нè сметаат за здодевни: оние најинтересните нè сметаат и за најздодевни. Во оние малкумина преостанати кои се некаде на средината, чиј интерес едни за други е взаемен, немаме доверба: секој миг, сметаме, би можело да се случи да станат премногу интересни за нас, или ние премногу интересни за нив.

Лидија Дејвис (Lydia Davis, родена 1947) е современа американска писателка и преведувачка од француски јазик. Досега објавила шест збирки раскази. Нејзините раскази се ценети поради концизноста и хуморот кои ги содржат во себе. Некои од нив се на границата помеѓу филозофијата, поезијата и кусиот расказ.

Илустрација: Хана Ким

ОкоБоли главаВицФото