Куси-куси раскази, преглед 17-23 август

23.08.2010 12:28
Куси-куси раскази, преглед 17-23 август

 

ПАРАДОКС 

***

Пишаното во целоста на материјалот е достапен на располагање во контура на зборови, надвор или согласно со било која лингвистичка логика; без никакво осигурување, на метафоричен или директен превод; заедно со, но без потреба, за никаква употреба или полезност од истиот, во склоп на договорот за негово обештетување. Читателот раководува во изборот на читаното и е директо одговорен за активноста на извршеното, а индиректно за било каков резултат од произлезеното заседание на законодавното толкување. Писателот одрекува било каква одговорност за коинцидентален или елосен, благодет или загуба, соединет или ејависно од сè или делови од напишаното, надвор од наведените прописи.  Сè што е, не е напишано да се протолкува како предлог или совет од психолошка или политичка природа; и ништо поинаку освен како улога и ролја на фантазијата засебна од ваше височествената. Ништо од напишаното, смее да служи како намена, причина или изговор во извршување на истото.  Не се подржува, охрабрува,  бодри, ниту пак покорува; одобрување, преземање, спроведување или разменување, на сè или пак на било кој концепт или филозофија  во сè напишаното. Секое пишание кое настапува како контрадикција на горе наведеното, е да биде прифатено и толкувано како ништо поинаку,  освен  чиста гозба на гостољубието. 

 
 
КЛИКЕР 

 

Изразување

Кога не би се изразувала во  прво лице, ти би бил моето второ јас. Тој одамна ме напушти.
Кога би ти се обратила во вокатив, би се намалила мојата вредност номинативно.
Кога написмено би ти го интерпретирала мојот говор, би видел колку сум интерпунктивна. 
Изразот само го следеше одразот.

 
Марија Стевановска 

 

Експозиција

 

Многу од луѓето, кога ќе научат за заплетниот скелет, сепак не успеваат да ја видат неговата поента. Зошто, тие велат, би сакале да го користат форматот кој се наоѓа во секоја друга приказна позната на човештвото - каде е креативноста во тоа? Чувството за уметност? Одговорот од уредувачите на ракописите е едноставен: тоа успева. Велат, има причина зошто секоја приказна која ги допира твоите сетила звучи познато кога ќе ја разголиш до гола кожа. Сепак, велат, предизвик е, да се најде приказна која не ја следи ова структура до одреден степен, кој е исклучително тежок.
И сега јас си велам: фабуларниот заплет го немам (нема ништо во мојата глава, ниту пак во мојата секојдневност), предизвикот е голем, но од старт осуден на неуспех поради исклучителната тежина... па, како сега јас да напишам нешто, тоа е единственото нешто кое мислев дека го можам, дека го знам... и сега, дното...
ахх... ќе имам ли повторно експозиција?
 
 
ZigusZagus

Задоволство

Го удрив Езра и тој падна плачејќи на подот.
Го прашав:
 - Зошто си пизда?
 - Не знам - одговори низ млазот од солзи.
Тој секогаш плачеше. Од радост и од тага.
Неговото присуство во просторијата го зголемуваше нивото на влажност.
Беше Јули, а Езра плачеше. Се испотив.
Солзите се издигнаа во пареа.
 - Ајде стани - му подадов рака, но не се фати за неа. Сега тој мене ме праша:
- Зошто ме удри?
- Не знам - му одговорив.

 
 
Ана Давидович

 
...

 

Си беше еднаш, еден здодевен топол ден, кога тој дојде. Веќе бев истоштена од секојдневното чекање, повеќе не го очекував, па затоа, ете, тој дојде. „Зошто дојде“, го прашав.
„Дојдов, зошто повеќе не ме бараш“, рече.
 

Не знам

 

Седев на клупата пред зградата, далеку од мојот дом, запалив евтина цигара, се напив од водата која ја наточив од дома, седев и дишев.
Можев така со саати, но сепак поминаа само петнаесетина минути. Се качив на точакот и заминав дома.
Нешто го прекина тоа тивко постоење. Не знам што беше, само знаев дека морам да станам и да заминам од таа тишина…
Можеби беше претивко… Не знам...
 
 
Маријана Јанческа

 

Исечено

 

Во очекување на Возбудата од Досадата што доаѓа, флегматично ги вртам Тв-програмите.
- Каков широк спектар на некоректност! - извикувам.
- Длабински инсталирана варваризација - ме дополнува жена ми.
Го гасам телевизорот. Го палам животот.
 
(Не)пар

 

Плодна ноќ. Набрекната. И наежена. Подготвена. За што? За некој кој ќе ја вдиши пареата испуштена од малите зацрвенети усни. За некој кој сака да си ја истрие кожата со друга од ист ков. За некој кој сака да ги гледа ѕвездите благо потпрен на нечие рамо. За Анабела.
Само што рамото на кое сакаше да се потпре - го немаше. Вклучително и кожата од која сакаше да се истрие и усните кои сакаше да ги проба.
Затоа, пак, имаше солзи. И тупаници во ѕидот. Потоа уште поголеми солзи. И бол. Вистински. Суров, вкрварен и затоа потешко варлив.
 
 
Nu Tella

 

Фотографија

 

Тоа пладне бев пресреќен. Конечно си го купив фотоапаратот што толку долго го посакував! Професионален. Се опседнав со неговата механика и опциите што ги нуди. Ни миг не сакав да го испуштам од раце. Дури и име му дадов - Тоде. Правев фотки најразлични - од пејсажи до остатокот од храната. Цело маало го фотографирав. Се задржав пред дворот на нашата сосетка. Стара бабичка. Беше навалена на столицата, дремеше на пладневното сонце што како злато и се беше истурило врз старото лице. Кучето се врткаше околу неа. Кога дојдов дома, не можев да и’ се изнагледам на сликата. Куќата и дворот беа во една хармонија со мојата замисла за фотографска целина. Ми создаваше некое чувство на смиреност и спокојство.
Вечерта дознав од моите - бабичката починала утрото, спиејќи, на својот трем, во својот двор.
 
Писателите

 

Разговарале двајца писатели - едниот млад и неискусен, а другиот стар и мудар. Младиот го прашал постариот:
-Господине, кои дела се поубави, оние кои писателот успеал да ги доживее или оние кои се плод на неговата фантазија?
На тоа стариот писател му одговорил:
-Момче, она што фантазијата може да го оплоди, тоа човекот ни во сто животи не може да го проживее. Моќта на фантазијата е огромна, синко, не познава граници, а само бескрај до кој се стигнува кога срцето е мост до таму...
И писателот пополека се искачи на зелените облаци,се престори во бела птица и исчезна во виножитото...
 
Внука ми

 

Малечката ни дојде на гости. Нашето сонце, со разиграни златни спирални прамени, фатени во шнолче. Секогаш кога доаѓаат со сестра ми ја крадам од споулавената собиранка во кругот на семејството и ја водам во парк. Исто беше и таа сабота. Паркот беше преполн, народ колку сакаш, деца еден куп. Малечката, растрчана наоколу, со куклата во раце, ги мамеше погледите на разнежнетите минувачи. На лулашките се здружи со друго девојче. И тоа имаше кукла, па нашава не се смири додека не и’ ги искорна сите ексремитети на кутрата играчка. Понатака играше момченце со топка. Им се придружи. Повеќе се врткаше околу другото девојче и внука ми, не знаејќи како да го привлече неговото внимание, толку силно ја гризна другарката за рачето, што мајка и’ мораше да ја смирува додека мене ми упатуваше злобни погледи. Се извинив сто пати. Кога си заминаа, внука ми се запна за топката на момченцето. Својата кукла не ја ни погледна. Кога на крајот ја доби топката, се сврти накај мене и ми рече: Сакам дома!
Колку ја сакам, таа е мојата миленица, мојот ангел. Но во неа тоа пладне го видов светот во мало...
 
Просјак

 

Тој наконтен, распослан подолго од татковата черга, под сенката на гордата му брада го гледа него - старец, просјак, стуткан, наведнат со главата до најдлабокото дно на шупливата улица. Подадената рака која едвај се држи на ковчињата ми изгледа како разлајан пес, како гребеж во грлово, најболен. Со неа ја бара милостината од нас што ни самите за себе ја немаме. Што им е грижа на богатите за плачот и стенкањата на сиромавите, кои не можат да ги слушнат во длабоките им соништа? Зошто судбината за некои била паун разнобоен, а за некои црна врана, како солзите на старецот што срамно капат на асфалтот и ги влажнат неговите стапала? Сиромаштијата е болест што на наконтениот му создава мачнина во стомакот. А мене, сиромав во џебот колку старецот, ми создава плач кој не протекува, а расте,од мака што немав да му фрлам некоја пара. За него, за себе. Како шлаканица, ја почувствував врелината на празнотијата право врз образите...
 
 
Лола На Боков

 

Женски ракопис

 

Во неговите работи најдов ливче со женски ракопис. Не барав намерно, ми требаше нешто, заборавив веќе што. Пишуваше: „Не мисли на мене!“. Знаев дека е од неа... Кога влезе, не можев да го гледам. Сакав да го удирам силно, да му вриштам дека е глуп и папучар! Како можел да дозволи да го остави? Како може уште да го чува ливчето? Нели го понижува? Кога ја видов, а тоа беше само еднаш, не ми се допадна. Не можев да поднесам дека била тука пред мене, пиела од истите филџани, спиела на истите перници, спиела воопшто... Мразев што водел љубов со неа, полудував! Кога ќе помислев дека се смеел со неа, правев сè за да го растажам. Кога ќе ми текнеше дека и со неа се карал, уште пожестоко го напаѓав. Ми пречеше да слика зашто сликал кога бил со неа. Не сакав да гледаме филмови зашто тоа го правел со неа. Пуштав музика која не му се допаѓа само за да не ја слушаме музиката која сигурно ја слушал покрај неа. И така, почнав да пишувам за тој да чита. Тоа никогаш не го правеле заедно. Луѓето не читаат заедно.  
 
 
Ивана Ристевска

 

Дивоградба

Без дозвола почнав да го градам. Темел ми беа зборовите. Речениците беа прости, но задоволни што ја видоа белината на листот. Секое проширување губеше смисла.
На сцена стапија  следниве личности: лекторот изврши контрола, рецезентот напиша остра критика, издавачот замавна со рака.
Расказот бил премногу краток.
     

 
Наташка В.

 

Молба

 

Пуштете ја да оди, не многу далеку и не многу близу. Некаде на средината меѓу вашите желби и нејзините потреби.
Таа е дрво кое нема корен, јаболкница која нема сенка. Пуштете ја да оди за да има каде да се врати... за да има некој што ја чека. Зарем не гледате дека е пиштол на сопствената слепоочница, бомба во устата своја?!
Пуштете ја да оди, Ве молам искрено, да оди таму кај што коските ќе ја здоболат за Вас!!!
Таа е грутка земја што нема свој печалбар, мало зрно семе, што никогаш можеби нема да из’рти...
Пуштете ја да умре од одење, да плаче од инаетење и немојте, Ве молам искрено, да ја сметате за смисол на животот.
Таа е...
 
Одлука

 

Се вратив на почетокот и сè уште не знам дали победив или пак го сопрев времето, избришав сè што можеше да ја потемни мојата светлина.
А тргнав сама, и сакав да понесам сè, но изразот од огледалото ми рече дека детството не се собира во куфер. Каков е тој багаж без детство?
Чувствував голема сила, се борев со очајот, го бркав ѓаволот од мислите, а во срцето Бог ми шепотеше дека не сум сама. И застанав цврсто спроти ветрот, чекав да ме дотолчи и пепелта од мојата душа да се разлее по светот како доказ за мојата широчина.
Безусловната љубов, ја заслужив по раѓањето... Сепак, не ми се даде ниту еден знак на подршка, сочуство... Вечен мрак или милост, јасен беше изборот! Ама за одлучните.
Јас зедов и од двете, и еве ме на почетокот, и сè уште не знам дали сум сама или во сопствената темнина не ги гледам другите.
 
Уште колку? Уште малку...

 

Мисли, надежи, визии во фонтаната жуборат, во рацете желби горат, камбаните грмат: „Христос воскресе! Навистина воскресе!“
Уште колку? Уште малку...
Бескрајот е далечен. Вечноста е поблиска. Зелените мачји очи од туѓиот кошмар го најдоа сопствениот кров. Спокојно ќе се роват и мугрите ќе ги победат.
Уште колку? Уште малку...
Една ноќ, едно утро, еден ден или додека оваа свеќа догори? Жената се породи на улица која завршува во гробишта. Женско. Маж и’ спие под ровката земја. Жив.
Уште колку? Уште малку...
Расклатени беа сите маси, а тој беше гладен. Плускавецот на градите го болеше. Траги од игла на рацете немаше. Никој не се изненади.
Уште колку? Уште малку...
Сонцето изгреа за да зајде веднаш. До утре ќе се заборави. Можеби сонот ќе му напише епитаф и ќе се бори со јавето.
Уште колку? Уште малку...
 
 
Исидор Ивановски

 

Галванизација

 

Од левата страна започнува линија која се прекршува на четири делови и завршува во нејзиниот почеток. Секоја четвртина од левата линија е четвртина од уште една таква линија поврзана со уште три леви линии преку една која со крајот во почетокот стои над главата на Νικόλαος. На десната страна од левата линија стои мала лева линија од стакло во која се гледа почетокот од левата линија. На првата четвртина десно од почетокот на левата линија има нацртано мала лева линија. На спротивната страна од малата лева линија - на втората четвртина поврзана со горната лева линија, има отвор во облик на мала лева линија. Телото на Νικόλαος ја допира нацртаната лева линија. Вратот на Νικόλαος почуствува удар кој доаѓаше од другата страна на левата линија, потоа уште еден се до последниот пршлен. Линијата беше исполнета со метал. Ја допре со внатрешниот дел на усните и ја мрдаше главата во сите насоки. Во неговата плунка остана мирисот на железо и јаглен. Неговите образи беа влажни од металот. Го протри лицето со рацете и го залепи челото на металот за следниот удар. Νικόλαος не доби нареден удар. Се симнав низ отворот и му зарив стакло во половините. Ја испушти душата без да го види моето лице.

 
 
Даниела Јакимовска

 
На денешниот репертоар се...

 

Таа прекрасна просторија ги немаше перфектните ѕидови за одличните претстави.  Да, претстави. Секогаш кога желбата длабоко ќе и’ ги надразнеше белите дробови. Ќе чекаше да помине полноќ (никогаш порано), ќе ги изгаснеше сите светла, освен тоа на ламбата, и ќе ја пуштеше актуелната мелодија. Така припремена, ќе ја активираше имагинацијата. Набрзо, прстите ќе и’ зачекореа по нерамната кожа и сенките ќе го започнеа полноќниот танц. Ох, каква игра беше тоа!
Не, во оваа претстава немаше ни место, ни простор, ни време. Ниту пак имаше напишано некакво сценарио од претходно. Сè се одвиваше од миг во миг, од секунда во секунда.
Времетраење? Онолку колку што имагинацијата имаше подготвено за оваа вечер.
Кога актерите ќе ги наведнеа главите, светлината се гаснеше и тие заминуваа на заслужен сон по добро завршената работа.
И кога задоволна ја гушна перницата, се сети - утре ќе ги варосува ѕидовите.
 
Погрешна слика

 

Се работеше за наизглед едно обична и безгрижна девојка. Таа не можеше да се замисли во острите канџи на суровиот живот. Мислеа дека на нејзиниот животен список се редеа само значајни успеси и награди. Никогаш ја немаа забележано без нејзината позитивна насмевка на лицето. 
Во очите на другите, таа беше сè што никогаш не успеа да биде.
И се потруди таква и да остане, ама само во очите на другите. 
 
Маска

 

Не се потребни никакви зборови за да се опише магичноста на идеалот и целокупната перфекција во детали.
Само одбери го твоето ново јас и за твоите значајни пет минути, ја доби битката.
 
 
Сината птица

 

Љубов

 

Во болничката соба гордо влезе докторот. Не знам зошто, но во таа гордост ја открив лошата вест. Т.М стоеше до мојот кревет, ја држеше мојата рака. Докторот ми кажа дека левиот бубрег сосема ми откажал, а десниот бил во лоша состојба. Не сум имала многу време, само уште една недела живот. Целиот свет ми се сруши, а Т.М не ја пушти мојата рака. Јас го имав единствено него, друг немам на овој свет. Ми беше сè. Сепак, сакав да го оставам. Вечерта пред да ги добијам силните болки ми предложи брак. Ќе го одбиев да не ми се слошеше. Сакав да најдам некој што ќе ме разбира, но сега, ја пронајдов смртта.
Следното утро во собата влегоа Т.М и докторот. Со насмевка на лицето докторот ми кажа дека токму Т.М може да ми дарува бубрег. Ми кажа уште дека сум имала среќа. Ма, каква среќа! Јас него ќе го оставам и точка! Ќе продолжам понатаму... но каде би продолжила кога ќе умрам.
Операцијата беше успешна, преживеавме!
Дознав дека сака да ме остави, нејзин пријател ми призна. А и јас почувствував, тоа може да се препознае. Затоа и' предоложив брак, но ќе ме одбиеше, очите ја издаваа. Затоа сега, кога и дарував орган, кога и подарив живот.. Многу добро ја познавам, таа никогаш нема да си замине.
 

 

Thursday November

 

Катарза

 
Мајка ми почина кога имав 9 години. Татко ми оттогаш ја бараше утехата во алкохолот како секој слаб човек, кој оддавајќи се на тагата и пиејќи, не согледуваше дека така сè повеќе ја зголемуваше. Умре многу набрзо по нејзината смрт, на моите неполни 11 години. Така, јас решив тагата да ја претворам во стих, во текст. Пишував долги ноќи под светлината која доаѓаше од една тивка свеќа. 

Станав познат поет, болката од несреќната животна приказна ме направи поет. Бев баран во многу држави, луѓето сакаа да ја слушнат мојата поезија, живееја тие за таа катарза која следуваше по завршетокот.
А јас, сè уште пишував и пишував, но никогаш не доживеав катарза.
 
 
Наташа У.

 

Страв

 

Никогаш не сум ја сакал темнината. Ме потсетува на сонување, а пред сонувањето секогаш сум испитувал извесен страв.
Од кога се сеќавам за себе, спијам сам. Во истата соба, со истиот зелен часовник над мене. Секогаш кога ќе го изгаснам светлото, акцијата стартува. Звукот од часовникот станува приметлив, тик-так-тик. И... срцето ми се вкочанува. Пребледнувам и си ги напрегам сетилата до максимум. Ми изгледа како некој да се качува по скалите. Најпрвин тоа беа духови,  Баба Роги и привиденија.  Кога малку потпорансав почнаа да се качуваат крадци и убијци. Сега имам 20 години. Го гасам светлото, и ете ти го истиот страв. Не е страв од невидливости, ниту од човеколики зла, тоа е најстрашен страв. Страв од самиот себе.
 
 
Ви.За.

 

Болеста наречена убавина

 

- Леле, колку сум си убава! - си велеше Марија додека се чешлаше пред огледалото. Сините очи и совршено обликуваното лице оддаваа впечаток на примерна и ретка убавина. Марија имаше, се разбира, убаво тело и прави нозе, какви што посакува да има секоја жена. Таа знаеше дека нејзината убавина е предност, но знаеше и дека таа носи несреќа. На работното место никој не се концентрираше на тоа што таа зборува, туку гледаше во божественото тело. Марија избра да биде недофатлива. Можеше да работи како отмена проститутка, но нејзе и’ се допаѓаше повеќе чувството на недостижност и идолизирање додека ја гледаа и мажи и жени. Марија! Икона! За жал, годините поминуваа, а Марија, која се беше навикнала на затегнатата и извајана симетрија, почна да старее. Кожата почна да и’ се отпушта, да свиснува, да се набира. Марија упорно се обидуваше да го задржи младешкиот изглед. Се оперираше. Сакаше нејзиното тело да остане такво какво што било. Свежо и симетрично. И тогаш, кога мислеше дека успеала да го оствари својот сон: вечна симетрија до крајот на животот, и’ пријде едно детенце од соседната куќа и и’ рече: -Тетка Марија, зошто кожата на лицето ти е мазна, а рацете како на баба ми Ана?
 

Камениот мост и безимените

 
Кога се движиш од Старата чаршија кон плоштадот мора да преминеш преку петстотинилетниот мост. На него ги гледаш дивите продавачи на импровизирани штандови. Продаваат парфеми, играчки, чадори, градници, разни џиџимиџи. Прашуваат упорно дали некој нешто сака да купи.

Мостот е невидлива граница. Само домородното население ја забележува. Тој ги дели луѓето на „ние“ и „тие“. Зад мостот порано имаше важен трговско-занаетчиски центар, сега има само златари.
Кога веќе стоев на мостот, едно детенце со црна и кадрава коса извика: - Дај ми 10 денари! - Зошто просиш? Не одиш на училиште? - го прашав. - Па, тука најлесно така ќе најдам пари! - На нашата планета не ни требаат пари. Ќе замавнеме на тапан и паѓаат храна и пијалоци од небото.
Одеднаш како мравки кои бараат храна, повеќе дечиња притрчаа кон мене. - Дај ми 10 денари! - викаа сите едногласно. Се затрчав кон другата страна на плоштадот. Темносини облаци го зацементираа небото. До обележаното место на куќата на една скопска доброчинителка удираше дете на тапан. Каде е куќата на детето? Дали ќе се врати дома? Зошто немаат пари во нивниот свет? Кога повторно погледнав, детето го снема!
 
И машко и женско!

 

- Ту, дај боже да се роди машко! - си рече загрижениот татко и чекаше бабицата да го повика. - Кој ќе ја ора нивата?! Не знам како ќе биде ако биде женско! - додаде тој. Одеднаш од собата се зачу детски плач. Леле! - викна мајката од собата. Помагајте луѓе, Перса се онесвести! Детето беше и машко и женско! Бабицата сепак брзо се созеде и застана покрај мајката. - Божја казна, ќерко! Детево е проклетство! И машко и женско! - Е, добро де, мајко! Престанете, какво е такво е! - велеше мајката. -Ова да остане во собава! Само ѕидовите да останат сведоци.- рече бабицата и си замина. И покрај милата мајка, поширокото семејство не беше среќно со леунчето. И машко и женско! Растеше, а во семејството решија да го воспитаат како машко. За подоцна да ја ора нивата. Но, и покрај тајната, луѓето од селото го гледаа Неделко многу чудно. Му се смееја и му довикуваа лоши зборови. Детето многу патеше. Честопати се враќаше расплакано и црвено во очите. Но дома не знаеја како да помогнат. Сите беа беспомошни и молчеа. Траеја! И еднаш, додека маалските тепачи сакаа повторно да го задеваат Неделко, тој се досети како да ги избрка: ги соблече гаќите!

 
 
Елла

 

Детето

 

Таа среда одлучив да одам кај неа по месеци.Најдобри другарки во средно a сега скоро туѓинки. Со смс порака како најава, јурнав кон нивниот стан со многу љубов и едно скромно пакетче за малиот. Вратата беше отклучена, но само што ја подотворив ме сепнаа викотници. Во претсобјето решив да почекам да стивне моментот. Можев да ја видам неа крај умивалникот, миеше садови. Го видов и него како и се приближува, подивен и гневен, и ја удира по главата. Таа изненадено се исправи и удри во наткасната. Пресилно. Стоев зад подотворената врата, вкопана во место. Не можев да се помрднам. Срамно дремев во замелушено неверување. Таа ја изми и последната лажица и го погледна. Со глас подуен од болка и’ бес рече: „Те мразам и презирам. Сè твое ми е одвратно. Не те поднесувам. Не само што не си ни потребен, но си излишен ти гаду... Ах , да не беше детето...”Тој тргна кон неа кога таа му се фрли како мачка. А јас скокнав по скалите и излегов од зградата. Трчав и трчав и трчав. Не можев да погледнам назад. Не сакав да видам, ни самата не сакав да се видам... Не можев да ја гледам болката. Ни својата ни туѓата. Доста ми беше од бројните погреби на љубовта. Се запрашав: Навистина, што ако не беше детето?
 

Таа чека

 

Секојдневието се влече праволиниски. Ригидна траекторија на отсутна возбуда. Ја нема фантазијата да го сервира појадокот. И ручекот е проѕирен. Заситува, но не радува.
А таа чека. На него. На послужалникот кој треба да е полн новини. Или старини. Таа живее во свет каде секоја буква е посебна, натежната од можности. Букви што патуваат преку ѕвездите, сателитите и интернет провајдерите.
Виното фрла конфети по миговно среќните мисли, а таа чека на сврзниците, извичниците и другата пријатна интерпункција. Таа ја дочекува зората будна зашто знае дека мугрите молкнат привидно спокојство. Емоциите се вртлог на очекувањата. Времето стои за нив.
Таа ја чека вечерата. Ги следи знаците кои ги раководи Млечниот пат. Во прашање се само неколку метри поплочени со едноставност. Нив двајца ги делат чекори. Тие делат сè.Но само во мислите. Таа чека... Да почне животот.
 
Иронија

 

Мојот подбив нема издршка. Веќе одамна ја изгубив поддршката на себството. Срамниот кикот на мојот молк ме ужаснува. Ме ничкосува нечистотијата. А амбивалентноста ме преполови. Сум разоружана. За едно небо и една вистина. Решив: совеста и волјата ќе ги дадам во хуманитарни цели.
 

Занает

 

Мојата пријателка, која заврши педагошки, работи во продавница. Продава чорапи. Нaшата заедничка пријателка, која заврши педагошки, работи во трафика. Нејзината  братучеда, која заврши педагошки, насади тутун. Соседите имаат ќерка која заврши педагошки. Таа не работи никаде.
Јас им давам часови на тие што сакаат да се запишат на педагошки. Секој мора од нешто да живее.
 
 
Габриела Стојаноска-Станоеска

 

Вина

 

За првпат таа вечер, после безброј вакумирани деноноќија, дувкаше ветре и плоштадот вриеше од луѓе кои не личеа на хорор кукли кога Сара за малку ќе ги исцапаше Сашко и Весна. Нешто во паунестата насмевка на Сашко и’ го турна погледот кон стомакот на Весна. „Ооо, имате ново!“, експлозија во очите на Сара додека му велеше „Здраво“ на Сашко. „Да, ќе бидам татко!“, врескаше на сите страни неговото „Здраво!“. Весна не праша ништо за Сара бидејќи фазата: од каде се знаеш со таа жена беше милиони галаксии зад нив. Во брзото разминување Сашко не го улови руменилото што ја претвори Сара во наивна тинејџерка. „Добро е! Добро е што е вечер и добро е што е добро. Морам да и’ кажам на Бети.“ Малку подоцна, во едно гратче обгрлено со алпска свежина, исто така се потеше додека се кикотеше по телефон четириесетгодишната Бети сеќавајќи се како се тегнеше белото еластично цревце на малиот Саше во шупата на дедо и’, каде заедно со Сара долго го проучуваа. Но, тогаш имаа само шест и не можеа ни да претпостават какво олеснување ќе доживеат по многу години кога ќе разберат дека нивниот Саше, после единаесет години во брак, чека дете. Без разлика што се шушкаше дека жена му ги лечи јајниците.
 

Реклама за станбени кредити, кредити за доградба, реновирање и трошачки

 

 

-          Фрижидерот го купи ти, точно пред да се земиме, но ти го купи, не тие, затоа ќе си го качиме со нас на горниот кат. И онака не ставаат речиси ништо во него.
-          Да го оставиме долу. Подобро ние да слегуваме кога ќе ни затреба нешто, отколку тие да се качуваат и постојано да ни се шетаат низ соба. Или... да му најдеме место во салонот!?
-          Е, уште тоа фали. Малку замрзнувачот во салонот ни ги смрзна меѓуфамилијарните односи, па и фрижидерот. Ако сакаш ни три ката да не можат да нè соберат...
-          Аман со тоа фенг шуи. Огледалото наспроти трпезариската маса го дуплира изобилството... Нам ќе ни се дуплираат трошките и ајварот, мори, еј....
Дамата со професионален изглед и розов поглед на свет им подава розова картичка низ екранот од педесет и два сантиметри кој во истиот момент се претвора во огромна розова плазма со Max Tv. И двајцата се стрчуваат да премотаат назад, едниот со далечинското, другиот со копчето на екранот. Слушаат: Огледало секако ќе има (насмевка), вие гледајте да се огледуваат насмеани лица во него (намигнување). Младите сопружници, мажот и жената, умираат од смеење.
Бриши го последново!
 

Белоцрн свет

 

„Што бараш сега тука ти?“ – изненадена пресилната радост наврекнато ја праша малата точка страв која и’ се плеткаше меѓу нозе. „Чудно како ме препозна, но јас секогаш сум си била тука. Веројатно никогаш досега не сум била толку крупна, си рече како за себе, а потоа се издра: да знаеш, благодарение на мене и ти денес порасна повеќе од другпат.“
 

Баба

 

Уште како малечка, Ана чувствуваше дека не е само таа, дека во нејзиното детско тело живее некоја стара баба. Не знаеше каде точно, но мислеше дека и’ е најчесто во главата, а за очите беше сигурна дека не се нејзини. Тие очи уште тогаш гледаа на светот околу себе како да имаат само уште еден ден за живеење. Ококорени ко филџани имаа толку многу за гледање што немаа време за играње без гледање, за јадење без гледање, за сонување без гледање како се сонува. Таа баба знаеше дека се родила многу стара и единствено се плашеше со текот на годините да не се подмладува и подетинува, па да умре како тукушто родено бебе. Зашто некаков процес мора да има, на стареење или на младеење, не ќе да е таа еден од исклучоците. Но, Ана растеше и старееше, а бабата секој ден умираше и никако да умре, ни како стара, ни како бебе. Вечно замрзнатите слики вредни за помнење се прелеваа од преполната глава, па низ очните и носните канали преку плунката доаѓаа во крвта. Срцето долго време ги прочистуваше од неиздржливата носталгија и патетика, но и тоа како да се замасти, па во последно време не работи беспрекорно. Вчера на пример, Ана првпат доби чувство дека е сама. И беше само баба, без трага од Ана.
 

Играчи

 

И тој порано страстно играше спортска. Сега веќе три години си стоеше на зборот што си го даде сам на себе дека повеќе нема да се надева на таква среќа. Па, влегуваше во кладилница само кога требаше да уплати за неговиот најдобар другар-колега кој живееше две автобуски станици подалеку од неговата во непосредна близина на кладилницата. Сепак, се немаше откажано целосно од прогнозите, но ги правеше онака, за себе, во својата глава и секако за својот другар кога тој ќе побараше мислење зашто сè уште важеше за добар прогнозер. Многу пати другар му се усреќи по негова заслуга и голем по душа го честеше на разни начини, од скара до карта за концерт, па дури и најнов модел на мобилен телефон. Единствено нешто што нему не му се допаѓаше кај другарот беше тоа што играше со големи суми. Така, денес, кога одеше да му уплати со сума повисока од половината од неговата месечна плата, го фати паника и рацете му се тресеа како на стар човек. Тактиката беше добра, прогнозата ветувачка, но без да сака, неговиот мозок пресметуваше што сè може да купи со толку пари и се прашуваше дали му е навистина добар другар на неговиот најдобар другар кога продолжува напред, а нозете му се враќаат назад.
 
 
OlivEra...

 

За еден сон

 

Видов очи од тага натежнати, дур трепнав беа затворени. Чув зборови за друг шепотени, премолчев, нека се залудни. Ја продолжив тишината… Но, една солза по образот се стркала! Лижев, лижев, да не оставам да стигне до устата, па цела ноќ солено да сонуваш... А потоа излегов.
Најдов туѓи раце, украдени ли беа или загубени? Што да правам со нив? Ги прегрнав силно да не бидат сами, ги погалив нежно, да не се тажни. А можам и да ги подарам... Потоа на нозе наидов, се бркаа по улицата, им свирнав по мене да тргнат да не настане бучава. Ме послушаа... На аголот се судрив со друг минувач, се извинив, но тој не ме ни погледна! Затоа нозете ги пратив да го доведат, а на рацете им наредив трупот да му го одземат. Па, на мене го ставив веќе да не ме удираат! И продолжив...
Помирисав липи и ги следев. Попат низ детството минав, под нивните гранки си играв, првиот бакнеж таму го побарав, паднав и ме здоболе ко некогаш, но, не заплакав. Луѓе има... Едно дете на клупата учеше букви да пишува, се сетив колку јас во тоа уживав. Еден старец низ паркот полека одеше, помислив: осамен се чувствува... Другите не ги забележав. А кога липите повторно замирисаа, рацете на детето му ги дадов, се израдуваа дека ќе помогнат. Нозете со дедото ги запознав, сега можат заедно да шетаат... Трупот го оставив да ги чува! А јас побрзав, навреме да проверам да не спиеш случајно со устата отворена...
 
Ѓеврек

 

Си беше еднаш еден чичко, продавач на ѓевреци. На секој голем одмор стоеше во еден училиштен двор, со своите смешни мустаќи и секој пат кога некое дете ќе купеше ѓеврек тој го земаше ѓеврекот, ја местеше дупката пред својот лик, намигнуваше и со огромна насмевка го подаваше. Сето тоа изгледаше како една весела игра или барем така му се чинеше на Малиот кој секој ден гледаше отстрана. Немаше пари за ѓеврек... Се чудеше како чичкото не го боли окото, се обидуваше скришум да трепка повеќепати и се збунуваше. Но, барем гладта ја забораваше...
Еден ден, кога се расчисти гужвата околу ѓевреците, чичкото го повика Малиот, зеде еден ѓеврек, неколку пати го размавта пред својот нос, намигна и му го подаде. „Повели!“ - му рече, „затоа што знам како е, можеше и да украдеш...“ Малиот побрза да го изеде, но дојде Дебелиот и му го скрши од главата. Малиот само се сврте кон чичкото и му намигна...
Сега живее со сестрата на Дебелиот, помалата, и секое утро им почнува со по еден ѓеврек. 
 
Достоевски ме скокотка

 

Достоевски ме скокотка. А мене кога ме скокоткаат многу се смеам, некогаш ми се чини дека ќе умрам од смеење... Затоа читам полека, внимателно.
 
 
Милена Цветковска

 

Злоба

 

Мојата баба отсекогаш велеше да не се плашам од гласни, насмеани луѓе. Плаши се од луѓето што молчат. Бегај од намќори, недоквакани, исфрустрирани, бегај од оној кој не се сака ни самиот себе, бидејќи како тогаш очекуваш да сака некој друг околу него?
Куче лае, а мече трае. Трај-прај луѓе.
Овој дел е посветен токму на таква личност. За да го заштититме нејзиниот идентитет ќе ја наречеме Смрдливка.
Смрдливка доаѓа од мало провинцијалско гратче, каде израснала во многубројно семејство, кое ја мазело и пазело до бескрај. Во главата и всадиле дека е убава, умна, воспитана и дека ќе успее. Наоружана со вакви илузии оди во Големиот град и наеднаш – нејзините соништа пукаат како мали меури од сапуница.
Одеднаш сфаќа дека ова не е нејзината мала паланка каде ја познаваат сите и сите пријателски и се насмевнуваат и и подаваат рака за помош кога и е потребна. Тука ја нема нејзината класна која воедно дома и била прва комшивка која мешала ајвар со нејзината мајка во дворот. Тука го нема ни чичкото од шалтерот во поштата кај кого никогаш не чекала ред, затоа што токму тој чичко е втор братучед од колегата на нејзиниот прв братучед од вујко.
 
Неподносливата тешкотија на работата

 

Околу 16 часот се пакуваме – доста е за денес. И утре е ден. Не, чекај, утре е продолжен викенд, некаков си празник на зелената трева или светски ден на прдежот или ден за заштита на лица кои носат капи во зелена боја.
Ете така, утре е петок и сме слободни.
Си одиме дома, помина уште еден изнамачен, стресен ден во администрацијата на едно министерство.
 
(авторот ползува спомени од вистински случки и настани)
 
Горчина

 

Љубоморен си, ме контролираш, јас те прашувам зошто таа девојка ти се смешка, се караме за идиотски работи, јас лажирам оргазам, ти ми велиш дека сè што сакаш е да живееме заедно и да си склепаме едно мало, убаво бебе. На крајот, уште пред да се земеме, завршуваме со развод.

 

Кускус

 

Пронајдов конкурс за кус расказ. Кускус расказ. Колку навистина кус треба да биде?
Колку должината на двојот пенис, дигнат?
Колку среќата во бракот на мајка ми, која може да се собере во должината на шишенце за етерично масло?
Колку моето прво љубовно разочарување? Или здивот при губење на мојата невиност?
Колку една зен поема?
Кус. Кусичок.

 

 Содржината на расказот

 Содржината на расказот „Љубов“ од Сината птица е ист со содржината на една серија од „Д-р Хаус“, со единствена разлика што таму се работеше за две девојки...

 Многу има!:)

 Многу има!:)

 Zloba e ekstremno glup

 Zloba e ekstremno glup raskaz ...na frustrirana licnost...zalno...

Не можам да се помирам со

Не можам да се помирам со фактот дека истата авторка кој го напишала расказот „Горчина“ е авторка и на расказот „Злоба“. Но, очигледно, двојноста во човекот отсекогаш постоела. „Злоба“ е стварно злобен расказ. Расказ произлезен од една навистина искривена перспектива, расказ заробен во малограѓанските стереотипи на големо распространети во Големиот Град, стереотипи според кои жител(к)ите на Големиот Град имаат право да судат за оние од малите градови/села т.е. за оние од провинција како за „намќори, недоквакани, исфрустирани“ и сето тоа така фино завиткано во формулата „мојата баба добро ми велеше“. Гледаме како овој стереотип се пренесува „со гордост“ од колено на колено и, жалосно, но во XXI век има многу луѓе кои не се ослободиле од него и кои се сметаат себеси за супериорни само затоа што по игра на случајот се нашле да живеат во Големиот Град (а колку е голем, тоа е друга приказна!). Како да е тоа толку многу важно. Ако на бабите сте им дозволиле да ви ги перат алиштата, не значи дека требало да им дозволите и да ви ги исперат мозоците. И не само на бабите, не мислам буквално. Не се тие толку виновни. Виновни се луѓето (особено младите) кои не успеваат да се ослободат од стереотипите. Некаде на „Окно“ имав прочитано дека стереотипите се резултат на страв. Па, сите заробени во стереотипи, преиспитајте си ги своите стравови, и судете им на своите судови.  

расказот Љубов е мошне

расказот Љубов е мошне поентирачки но некако ми се чини познат (се надевам дека грешам) не знам каде ја имам сретнато оваа приказна ..или моѓеби во филм..како и да е ..Од овој преглед
Ми се допаѓаат расказот За еден сон, Погрешна слика, Детето, И машко и женско..Навистина плодна недела.
 

Да тоа беше доктор

Да тоа беше доктор Хаус...сега се сетив

 Мене ми се допаќа

 Мене ми се допаќа Нутела...си држи до себе авторот...

Искрено  расказот е напишан

Искрено  расказот е напишан според мое дамнешно лично искуство. Во мојот случај не беше ситуацијата како што е опишана, но бев на работ ..и само една личност тогаш беше со мене. Расказот многу ми значи и е посветен токму на таа личност. Многу би ми било криво ако навистина е така како што велат Ловец и Јулија   :(. Поздрав

ne se soglasuvam so

ne se soglasuvam so konstatacijata na redakcijata na OKno deka avtorite se se' podobri. iako vo kvantitet se zabelezuva odreden napredok (stvarno ima mnogu avtori), kvalitetot e na prosecno, da ne recam potprosecno nivo. raskazite se slabi, neinventivni i dosadni. retko koj raskaz ke te natera da go zadrzis vnimanieto, a uste pomalku da go zapamtis. so seta pocit kon mladite avtori, ama mislam deka mozat podobro, mnogu podobro. bi gi istaknal raskazite Baba, Zanaet, Zenski rakopis i Divogradba. Inaku, iako e dobar, raskazot na Natasa U., Strav, uzasno potsetuva na eden raskaz od eden mlad avtor, mi se cini deka bese Gjorgji ili Goran Krstevski ili taka nesto.

Јас критичаре, не се

Јас критичаре, не се согласувам со тебе. Сите раскази се инвентивни, а сличноста со други раскази е нормална. Настаните се повторуваат, па така и да е настанот сличен, начинот на раскажување е различен.
Поздрав
 

Целосно се согласувам со

Целосно се согласувам со Критичарот. 90% од расказите се тапа: неинтересни и без некоја подлабока смисла. Како да се пишувани „ради реда“. Авторите изгледа сакаат да праќаат што повеќе раскази и стремејќи се кон квантитет, расказите сосема им губат на квалитет. А, што се однесува до сличноста на расказите, Мамлаз, не е за оправдување. Да се биде добар автор значи да се биде оригинален. Повторувањето на темите во толкава мера како што е во овој преглед зборува за неинвентивност и за просечност, па дури и потпросечност. Целта не ми е да ги обесхрабрам авторите и авторките. Напротив, да им укажам дека можат подобро, само треба да пишуваат од себе, според она што им го кажува нивниот внатрешен глас, што чувствуваат дека треба да го споделат со другите, а не според тоа што пишуваат останатите на конкурсот, што е оценето како позитивно во коментарите или од комисијата. Да се слушаат совети како да се пишува ако не се сигурни - да, но да копираат, во никој случај.

Dobro Anonimna nema da

Dobro Anonimna nema da izdvois nitu dva-tri raskazi za nijansa podobri od drugite?

 Па дури оваа недела има

 Па дури оваа недела има расказ за Достоевски,минијатура....со сета должна почит кон авторот,но зарем не ве потсеќа тоа на некој расказ од прошла недела??...И секако,расказот со саатот....каде е оригиналноста?

Здраво луѓе, еве да се

Здраво луѓе, еве да се надоврзам. Не е во ред да се повторува на ист конкурс иста тема. Анонимна, од една страна имаш право за инвентивноста. Но, од друга разбирам раскажување на една приказна на два различни, но инвентивни начини. Приказната за Пепелашка сигурно ја има на многу различни начини раскажана. Јас уште сите раскази досега, но ќе биде брзо:) А дали повторувањето е од ист автор.
Поздрав до сите.

Констатирав дека оваа недела

Констатирав дека оваа недела имаме 4 раскази поврзани со староста или поточно со зборот „БАБА„. Многу интересно!

 И четири (ако не и повеќе)

 И четири (ако не и повеќе) автореференцијални раскази :)

„Задоволство“, „Молба“,

„Задоволство“, „Молба“, „Детето“ и Nu Tella fucking rock. :)

За писателите, или ете за

За писателите, или ете за оние кои се' уште не се декларирани така - (би ги нарекла пишувачи)  асоцијација ми е нескротливиот дух по трагање на зборови и начинот на размислување кој всушност сам по себе претставува дело, постојана борба за да се изнесе на површина она што се чувствува и доживува.  Не го сфаќам задоволството од клонирани зборови и идеи.  Се чувствувам бедно што и моето напишано е споменато како веќе некаде прочитано. Воопшто не се гордеам, тоа е против моите размислувања и ставови. Инаку, сметам дека целта на конурсов е токму тоа, да се коментираме и да се поправаме, па би сакала  да напоменам дека и покрај многуте раскази, мојот вкус го задоволуваат  Женски ракопис,  Баба,  Машко и Женско,  и Занает.

 Особено ме фасцинира

 Особено ме фасцинира леснотијата со којашто Нутела раскажува,и сета разноликост која на истиот му помага да побегне од еден здодевен шаблон.Само пофалби!А оваа недела ми се допаѓа и Дивоградба!

Не е проблем што некој во

Не е проблем што некој во расказот позајмил одреден мотив или дури цела структура. Би рекол дури дека тоа е пожелно. Особено би било пожелно, ми се чини, реферирањето баш кон „пониските“ културолошки депоа, од типот тв-серии или поп музика... Камо среќа навистина, вие, мали дилетанти и идиоти (кој се вреѓа од ова нек го сфати го парафраза на доктор Хаус), да знаете да реферирате, алудирате, цитирате, мудро мамите, (де)конструирате... „Оригиналноста“ е преценета. Битна е вештината. И отсекогаш било така. Уметноста е занает (самиот збор го збори тоа - умеење; а и латинската етимологија, арс, води во иста насока).
На пример, расказот кој (оправдано) се поврзува со серијата Хаус занаетски е чиста катастрофа; прво раскажува женскиот лик, во прво лице, а завршува, без никаква најава и логика, машкиот лик. Освен тоа, цело време се чувствува и присуството на тн. „објективен“ раскажувач, самиот автор, кој е уфрлен во зборовите на женскиот лик, кој, па, поради тоа, делува сосема неверодостојно и лажно. Тоа го прави расказот тешко срање, а не алузијата на доктор Хаус; камо среќа стварно да беше алузија, да имаше интелигенција, хумор (/де/конструкција, реферирање на изворот) и, па повторувам, вештина...
Абе, глупава дечурлано, вие прво треба да отворите речници и граматики! Вие сте неписмено племе! Баш ко што Цепенков ве окарактеризира: Македонци - гнили конци!
(не се вреѓајте, па велам, оти само ви демонстрирам стратегии на цитирање, (де)конструкција, провокации... во оваа излишна фуснота која е тука од чисто едукативни причини, кои, па, отварам фуснота два и завршуем за денес, знаат да го закопаат, ако се преагресивно тупнати, секој текст)

Мој фаворит е расказот

Мој фаворит е расказот Фотографија. Чисто, прецизно, јасно - директ у стомак со суровиот крај. Почнува тривијално („Тоа пладне бев пресреќен“), ве заведува во шармантно наизглед ќорсокаче и одеднаш од мрачниот шифоњер испаѓа мртвата баба. Идилична фотка со мртва баба за која никој не знае дека е мртва (а може и не е мртва?! може авторот е садист?) Така треба да се работи! Без многу украси и одвратни стилски фигури! (какви што има грст и плева низ вашиве чкрабаници, плева што треба да се бричи со зеленото џамче на немилосрдниот критички суд, ебате копиљаците ем без школо ем без страст за самообразование ем без внатрешни радари и компаси!) За среќа, повторуем, по некој од вас и не е баш до тој степен непоправлив дилетант...

Kopii,

 
 Vozvrakam so seta dolzna pocit, no tekstot go prativ pred dve nedeli... Dokolku bese objaven minatata nedela, tvojot komentar mozebi nemase da postoi. Prifakam kritiki, no vo ovoj slucaj ne! I pred se`, tekstot nema raskazuvacka forma, ednostavno e del od mene... Poznavam mnogu luge koi nemaat "skokot"... Ako me razbiras... :)

 Mojot komentar bese upaten

 Mojot komentar bese upaten do Kopii...

Анонимна, ама сите скоро се

Анонимна, ама сите скоро се автореференцијални:)
Мене да ви кажам последната реченица од расказот Злоба ми беше тешка за читање. Посебно заради роднинските врски и релативните заменки, со што баш правилно со помош на јазични средства го отсликува нашето испреплетено „ВРСКАЏИСКО и РОДНИНСКО„ општество.
Инаку да споменам на неколку места ја сретнав истата грешка и тоа најверојатно ќе стане можеби и норма за некое време: зборот „каде„ е пред сè прилошко-прашален збор. Но, само во говорниот јазик (многу често се слуша веќе на вести, но и во текстови) игра улога и на сврзник за местни-зависни реченици. Во литературниот јазик е сепак подобро да се рече КАДЕ ШТО исто како КОЈШТО, КОЈА ШТО.
Во говорниот јазик: Јас бев таму КАДЕ цветаат булките. (Ова веќе многу често се слуша!!!)
Но, поправилно: Јас бев таму КАДЕ ШТО цветаат булките. 
Но, да не филозофирам многу! Тоа можеби веќе не е ни грешка според стандардот. Ако знае некој нека каже!
 
Поздрав,
МАМЛАЗ

Толстоевски ти изгледа не си

Толстоевски ти изгледа не си баш Толстоевски, барем не си ни алузија (или пак сакаш да бидеш субверзивна деконструкција) на Тој чие име го носиш пред - ски-то македонско кога можеш да речеш „одвраттни стилски фигури“. Фигурите не се сами по себе одвратни. Да беше така немаше да и се восхитуваме на голем дел од литературата (од најстарата до најсовремената). Одвратни се само лошите, неуспешните стилски фигури- оние кои не се тоа. А тебе ако ти се допаѓаат голи реченици без украси, тоа е прашање на личен вкус и одбран само еден од можните многубројни стилови. Затоа немој да го наметнуваш твојот избор како да е единствен или не дај Боже правило. Толку имав да ти забележам, а сега ако сакаш удостои не барем со уште некој пример, освен Фотографија, кој е дело на уште некој (белки не е само еден) „не баш до тој степен непоправлив дилетант“. И тоа само за да го запознаеме подобро твојот вкус и субјективен избор, а не за да научиме како се пишува. Тоа ќе го правиме од врвните Пруст, Џојс, Ман, Кафка и да не ги редам оти и на набројувањево ќе му најдеш маана. Да си ни жив и здрав и фала што се обидуваш да не просветлиш!

хахах. Почнаа

хахах. Почнаа расправиите. :)
 

стара финта од излижаниот

стара финта од излижаниот арсенал на толстоевски - земи лом направи све по список за да ги разжестиш читателите, и оттука да се разврзе бујица коментари која ќе ја наречеме онлајн расправа а во основа ќе биде чисто кавгаџиство, но доволно да би илустрирала за популарноста на овој пост и овој конкурс.
дон дрејпер ениуан?

Jas licno nemam favoriti ovaa

Jas licno nemam favoriti ovaa nedela osven sto me zaskokotka "Zadovolstvo". Drugite - njet.

 Ќе се обидам да спречам

 Ќе се обидам да спречам коментариве да преминат во маалско довикување и исвиркување. Би сакала да ве повикам сите вас кои сте заинтересирани за конкурсов, дали како автори, дали како читатели, да дадете свои коментари: читателите за тоа кои раскази им се најдобри и задолжително - ЗОШТО, а читателите како се инспирирале да напишат одреден расказ (нели, сите сме луѓе, не сме машини, имаме разум и чувства, нешто ни се случува... и пишуваме расказ). Молам за ДОБРОНАМЕРНОСТ. 
 
Моите омилени од овој преглед:
 
1. „Фотографија“ - Nu Tella. Овој расказ ми се поврза со теориите на Ролан Барт за фотографијата. Ако театарот се врзува со животот, според него, на фотографијата и е блиска смртта. Таа овековечува, но и скаменува еден миг, па кога ќе се види стара фотографија неизбежно е да се помисли на смртта. Парафразирам, така што не ми земајте здраво за готово. Но, она што во овој расказ јасно е постигнато, тоа е доведување на оваа релација на ниво на движечка сила на расказот. Идејата за фотографијата и смртта паралелно со неизвесноста на расказот - дали бабата е сликана мртва или се фатени нејзините последни мигови на живот, последните вдишувања и издишувања, кај мене ја поттикна онаа добро позната философска запрашаност пред перенијалните, би рекла вечноизмачувачки теми на човекот. Понекогаш на овие теми размислуваме поттикнати од некаква едноставна случка во нашиот живот, од некој детаљ фатен во минување, но запрашаноста што произлегува од уметноста, од еден ваков расказ, е вистинско уметничко доживување, вистинско читателско уживање. За тоа уживање треба да и заблагодарам на Nu Tella и нејзиниот, според мене, најдобар расказ за оваа недела.
 
2. „Женски ракопис“ - Лола На Боков. Кога расказот ќе започне банално и кога приказната се движи во добро позната насока, па си мислиме дека тука нема ништо - само глупава љубовна приказна за женска љубомора, како удирање од ѕид доаѓа пресвртницата која расказот го води во сосема друга насока и на таа банална љубовна приказна и дава нов изглед, нова димензија. Умешност е да се вметне апотеоза на пишаниот збор онаму каде што најмалку се надеваме. Барем во фикцијата да си замислиме дека уметноста може да биде решение за разни проблеми... Да си ги приспособиме зборовите на Курт Кобејн кој пееше „Who need action when you got words? во нашиов контекст и да кажеме „Што ни треба освен пишан збор?“. Добро е барем во расказ тоа така да функционира, ако не во реалноста.
 
3. „Исечено“ - Марија Јанческа. Пред некој ден слушнав една супер реченица: „Денес и здодевноста не е тоа што беше. Поздодевна е.“ Реченицава ме тресна од земја, а расказов што го прочитав толку добро ми го заокружи впечатокот. И тоа говорејќи за една голема здодевност (во расказот е пишано „досада“, што особено ми пречи!) - медиумската. Во тие подвижни слики од нашиот телевизор, во кои мислиме дека се кријат цели светови, во кои ни се пласираат милиони информации во секунда, во маркетингот и надуените политички фалби, поплаки и жалби, ретко кога може да се види нешто навистина вредно за внимание. Па така, лесно можеме да станеме заробеници пред една „кутија што говори“ и ако и се препуштиме може да ни ги окупира сите сетила и преку нив да стане господар и на нашите мисли. Страшно, навистина. За среќа, постојат и такви меѓу нас кои ја воочуваат „голата вода“ во сето тоа и повикуваат: „Изгасете го телевизорот. Запалете го животот!“
 
4. „Погрешна слика“ - Даниела Јакимовска. Еве една тема што се повторува од минатиот пат - перцепцијата на другите. Но, ако темата е добро и оригинално (и тоа  е релативен поим, секако!) обработена, каков што е случајот тука, расказот може да биде навистина добар. Минатиот пат пишував за расказот „Дали е...“ на Nu Tella на оваа тема. Таму беше тематизирана перцепцијата на другиот од аспект на ликот. Тука, пак, е тематизирана перцепцијата на себеси преку другиот/другите. Паралелно и темата на идентитетот: јас не сум она што сум, јас сум она што другите сакаат да бидам. И реченицата што боли: „Во очите на другите, таа беше сè што никогаш не успеа да биде“. Жално и мизерно, но некои навистина живеат за другите и премногу се грижат за туѓото мислење.
 
Морам да прокоментирам уште за расказот„И машко и женско!“ на Ви. За., просто ме копка. Не сум воодушевена од расказот. Има многу недостатоци. Авторот мора да поработи на начинот на раскажување.  Темата на андрогиноста е особено привлечна и интригантна тема и затоа морав да го споменам овој расказ, има трошка оригиналност, но за да биде добар расказ, авторот мора да се погрижи за посуптилна реализација на темата. Можеби наредниот пат.

Би ја издвоил можеби само

Би ја издвоил можеби само уште Ана Давидович: медитативна, непретенциозна, економична во изразот, а сепак создава атмосфера на која и’ верувате...
Уште еднаш ќе потцртам: многу важен е аголот од кајшто се раскажува (кој раскажува?) и тонот, интонацијата. Можете повеќе да експериментирате; ако сте незадоволни со позицијата сезнаечки објективен раскажувач или ако ве ограничува субјективниот тон на еден од ликовите; можете да создавате мали драмски ситуации, или да го поместувате субјектот на раскажувањето (како кај Сарамаго или Кортасар) итн. Ради тоа е битно (ради ширењето на лепезата техники) да се чита и алтернативна, експериментална литература.
Во тој контекст, Глупава Дечурлана, сосема се согласувам со твоите забелешки кон мојот претходен коментар; не бев доволно прецизен во осудата на баналните, на тривијалните стилски фигури (всушност, главно лоши метафори); а всушност, јас сакам стилски фигури, и тоа што покомплексни, што позагадочни... Од другата страна на тој порив за комплексно (а елегантно, компактно, прецизно) веројатно стои поривот за едноставно, минималистичко, сведено... Тие два пориви ваљда се надополнуваат:)

Браво за конструктивноста на

Браво за конструктивноста на Анонимна, која не дозволи дискусиите на овој „форум“ да се сведат на навреди и (недо)лични препукувања.

 

Здраво, Анонимна да не си ти

Здраво,
Анонимна да не си ти во комисија? Многу си објективна, тоа е тешко ако си учесник во конкурсот:) Ајде и јас ќе прокоментирам подоцна:) Поздрав
Ви.За.

 Поздрав до зрелоста со која

 Поздрав до зрелоста со која Анонимна му приоѓа на конкурсов и слободното коментирање.Чест ми е што еден од моите раскази Ти остави позитивен впечаток.Поздрав и пофалби за Твојот коментар!

Бре бре многу начитани

Бре бре многу начитани вие
Алал вера

Параноја тепа, а н.? Али, да,

Параноја тепа, а н.?

Али, да, без разлика дали е човекот кој мислам дека е, а на кој, кога тоа би бил, би сакал да налетам некаде на отворено, чисто колку да продискутираме дали имаме или немаме изградено ставови за ова или за она, Толстоевски за критикиве е апсолутно во право - без деструктивност, немате творештво.

И, тоа е тоа. Тука завршува приказната.

А, останатиот башибозук од коментари се само куси моменти на идилично самозадоволство и по некој незаслужен аплауз гратис. Ќе ги заборавите до утре. Оној коментар кој нема да ве здоболи до сржта не е ништо повеќе од обичен куртоазен маневар и (не)промислена (само)заблуда. Без оглед на причините поради кои е напишан, философијата зад која се затскрива е прилично погрешна.

Единственото нешто во кое не се слагам со него е забелешката за оригиналноста, или креативноста, како и да беше. Али, тоа веќе говори за некои негови слабости, што не е мој проблем.

Dverski abe kaj e tvojot

Dverski abe kaj e tvojot raksaz?
 

Поштуем. :) Немам

Поштуем. :)

Немам расказ/песна. Оние што ги пратив на конкурсов, ако ги одземеме 4-5-те од пред година и пол, се единствените нешта што ги имам напишано било кога.

Токму затоа и дробам дека ни треба асална критика и дека немаме три чисти од ништо. И, токму затоа и не се дувам кога мене ме касапат. Тоа, и пошто сум цел муж. Од горе до долу. За разлика од некои од Велес. :)

Уште некој проблем?

А, за пишување ќе ти склепам нешто за сат-два, не е проблем. Ама, ќе го ставам тука, во коментари, па нека ги бришат после. :)

И, ај не ме прозивајте више. Читам правопис.

zborot e ZATSKRIVA ne

zborot e ZATSKRIVA ne ZADSKRIVA

Фала. Видиш, комуникација. :)

Фала. :) Видиш, комуникација. :)

Au, tie od Veles se

Au, tie od Veles se KATILJ! Taka velat Skopjani:=) Dverski od kade si? Mnogu mrcis? Da ne si od Prilep`?
hhahaha

Абе, Цепенков убаво викаше -

Абе, Цепенков убаво ни викаше: „Велешанка, палдум ханка!“. Али, тоа е, трпиш и ќутиш. :) Не, не сум од Прилеп. Слабо баратам со гранки. :)

 Зошто мислам дека Дверски и

 Зошто мислам дека Дверски и Толстоевски е една иста личност???

Пошто итро си забележал/а

Која? Елвис Пресли? :)

би требало комисијата да го

би требало комисијата да го прави она што го прави анонимна и тоа за сите објавени раскази. да објасни кој расказ е добар, кој лош, на кој што му фали етц...
се разбира, не мора да ги употребува зборовите „срање“, „тапа“, „неписмено племе“ за да видиме колку се авторите мали, а колку е комисијата голема .Бидете  малку понежни- очигледно е дека голем дел од автроите се многу млади и конкурсот им е супер шанса да експериментираат и да видат каде се.
секој може да се прави фраер и да се расфрла со термини, ако е студент или ако има завршено Општа и компаративна книжевност, што се гледа од авион кај Толстоевски и кај Анонимна.
за поздрав е ставот на Анонимна која ги анализира расказите што и се допаѓаат, па муабетот не се сведува на уаааа и бравоооо.
кој може како неа, нека повели.
јас го немам тоа знаење, не сум го читала ни Ролан Барт ни Цветан Тодоров, ни Дикро, ама тоа не ми пречи да уживам во расказите на А. Мишо и на Д. РОудс.
од понудениве раскази, ми се допаѓа „Занает“.
не знам зошто. :)
поздрав

 Браво, Дверски, успеа, пак е

 Браво, Дверски, успеа, пак е по твое. Пак се сврти дискусијава во насока во која тебе ти одговара, во која можеш да ги испишуваш со сладострасно уживање своите пцовки и навреди и своите омаловажувања на сите што не се ти. Но, добро, ти имаш свој став и очигледно имаш свои следбеници. Всушност, каква држава - таков народ - такви стари автори - такви млади автори. Сите како да сакате да бидете нечии следбеници. Кога ќе ви се пружи шанса да го кажете своето мислење, кога ве молат да го сторите тоа, вие се плашите од слободата или од тоа што немате мислење, па вашите коментари се од типот: „Да, треба да коментираме“, „Да, треба да си го кажеме мислењето“, „Ајде да си го кажеме мислењето“. И - никој не кажува ништо ново. Додека вие пишувате дека треба да се дава личен суд за расказите некој ќе напише дека сè е срање, дека не вреди да се коментира, дека ништо не чини и дека ако веќе коментирате треба да плукате по другите затоа што само ако ги здоболи ќе се свестат за својата глупавост, вие сте готови и собирате плунка, но не за да плукате во свое лично име, туку за да се лижете. 
 
Искрено, колку и да уништува се, Дверски не ми пречи толку колку сите вие останати. Ме убива апатичноста на народов во државава, никој ништо не прави, сите си трпат и си траат. И, кога помислив дека најдов луѓе со кои можам виртуелно да споделувам мислење, на мојот мајчин јазик, открив дека тие луѓе се истите оние што ги среќавам дома, на улица... Истите апатични створења кои не се трудат да создадат свој став, кој бараат лидер за да го следат. Кои освен „браво“, „така е“ и „уааааа“ не знаат ништо. Како партиски приврзаници на митинг. Смешни ви се тие луѓе? Е, па, и вие сте смешни. Ви предизвикуваат сожалување? И вие мене.
 
Не треба да имате завршено книжевност или да сте доктор на науки за да кажете „ова ми се допаѓа ЗАТОА ШТО: ме погоди, ми беше интересно, уживав, се забавував, јас барам тоа и тоа од краток расказ...“ и што знам веќе што не. Или „Ова не ми се допаѓа ЗАТОА ШТО...“ 
 
Сакам на сите да ви се заблагодарам што ми го уништивте ставот дека младите се прогресивни, дека во нив е силата. Очигледно, младите кои пишуваат и кои кажуваат дека ја сакаат книжевноста немаат ни сили ни желба да се борат за неа. Љубовта кон книжевноста е или пасија или не постои. Ако вашата љубов е пасија и на овој начин се однесувате кон неа, можам да замислам како се поставувате кон другите нешта во животот. 
 
Жал ми е за редакцијата на „Окно“. Не го заслужуваат ова. Тие вложуваат максимален труд со минимум средства за да ни овозможат да живнеме во оваа наша општествено-политичка средина во која никој не се грижи ни за култура, ни за книжевност, ни го интересираат конкурси, ни млади автори. И на крај го добиваат ОВА! 
 
Поздрав до сите.

Џабе Анонимна, ми бришат

Џабе Анонимна, ми бришат коментари, не можам ни да ти се извинам на раат. :)

Еве, ако мислиш дека е до мене ќе се повлечам и тоа од одма. Не коментирам више. :) И, нека не те лаже Ви.За. во коментарот подолу за некакви си дупли профили. Веќе напишав некаде, па го уредив постот, дека немам повеќе од една сметка на порталов. И нема да регистрирам нова. Ни денес ни утре. За тоа ти јамчам со глава. Но, не велам дека други немаат. Напротив. Знам и кој има. :)

Инаку, пред да одам во предвремена пензија, или некаде позади бинава, кај солзине, рачето на прозор и морничавиот поглед, присети се за момент како ти почна да коментираш и од каде, всушност, излегоа оние твои генијални коментари на претходната тема? И под генијални мислам генијални. Точка. :)

Кој беше мотивот? Комплиментите? Поддршката? Позитивизмот?

Ајде. :)

 Дверски, ако ти ги бришат

 Дверски, ако ти ги бришат коментарите тоа сигурно не е за тоа што се добронамерни и полни со извинувања. Инаку, извинувањето не се прифаќа, затоа што сметам дека нема мене за што да ми се извинуваш. Лично, ништо не си ми згрешил. И не сметам дека треба да се „повлечеш“, како што велиш ти. А, за дупли акаунти воопшто не ми е гајле. Кој што знае нека прави. Не ме интересира идентитетот на тие што коментираат толку колку што ме интересира содржината на коментарите.
 
Се потрудив да се потсетам како и од каде сум почнала да коментирам. Се потрудив и да сфатам зошто ми го поставуваш тоа прашање. Те цитирам:
 

„Инаку, колку и да сакам конструктивен позитивизам кај филолозите :) од мојата виртуелна околина, сепак, би било во ред, барем некој од нив, од време на време, да се осмели да сподели нешто повеќе од (прокламацијата за) тој толку учен, племенит и храбар позитивен молк.“
 

Ти бараше нешто што го нарекуваш  „конструктивен позитивизам“, под што јас претпоставив дека бараш конструктивност и позитивност (мислам дека тоа подразбираш под „позитивизам“, инаку нема смисла). И, одговорив на тоа со конструктивност и со позитивна поставеност кон конкурсот, кон авторите, кон расказите, кон книжевноста, воопшто. Посветив време и внимание на расказите и на моите коментари. Доволно време и внимание за да ми биде криво и да ме боли кога пишуваш дека сум била во потрага по аплаузи и пофалби од коментаторите. Не буквално, се разбира, но меѓу редови и доволно јасно за секој да разбере. И сега, кога јас ја прифатив делумно твојата иницијатива, ти продолжуваш да плукаш. И мене ми се допаѓа кога некој не се вклопува во калапот, кога отстапува од мислењето на мнозинството, кога кажува дека нештата не му се допаѓаат, кога СЕ ДЕРЕ дека нешто не му е во ред, дека нешто му пречи. Јас напишав и дека апатичното однесување на останатите повеќе ме нервира од твоето. Но, биди доследен на себеси, следи ги сопствените идеи и повици. Биди и ти конструктивен, а не деструктивен.
П.С. Во врска со моето мислење за твојот расказ, морам да кажам дека беше само обид за навреда како одговор на твоите навреди. Се надевам дека не ми земаш за зло и дека си способен да ми простиш. А, реалното мислење во друга можност, на друго место.

 
Поздрав,
А. 

Лепа Ангелина, предлогот ти е

Лепа Ангелина, предлогот ти е разумен, оценувачите на расказите да срочат пообемни образложенија за повеќето раскази - но ние неаме ресурси за тоа. Ваљда знаете дека Окно се праи за многу мали пари, добиени од Сорос фондацијата. И од никој друг. Така што, не се стига, на пример, целиов конкурс да се води попрофесионално. Ние, ако памтите, сличен концепт имавме и со конкурсот Електролит кој одеше на Темплум сајтот (пред Окно да постои), но и таму пресисавме, оти немаше поддршка, се’ беше чист ентузијазам, т.е. желба нашата литература да почне да се поправа од темелите, а не од кровот, кој ионака е разјебан (ДПМ, МАНУ итн.).

Од друга страна, реално постои проблемот на кој укажува Анонимна: нам ни се разјебани и темелите и кровот, вода (канализациска) ни тече околу нозе, ветар ни фучи (у глаа, „ветар го вее“, ко што велат пословиците:), а целава куќа ни се подронуе (додуше, и термитите на власта не да ја изгрицкаа...).

Но, сепак не би бил толку мрачњикав ко Анонимна. Тоа е што е. Единственото место од коешто можеме да тргнеме е токму ова на кое се наоѓаме. Не можеме да ги чекаме подобрите времиња, туку да ги создаваме, да им одиме во пресрет. Кој? Ако не ние? И кога? Ако не сега?

Анонимна, нашиов народ е во

Анонимна,
нашиов народ е во текот на целото постоење во летаргија! Ништо не се случува. Се чека другиот да го направи тоа! Некои штрајкаат, а другите им фаќаат сеир, а кога они се потрефени, и они врескаат, а па после па тие другите се праат сеирџии. Инаку ја разбирам донекаде твојата гневност, Анонимна! Од друга страна има и добри коментари на овој форум. Не е се лошо. Овој форум, освен што е поучен, и е интересен поради тоа што се јавуваат лица со повеќе имиња. Па така испаѓа дека имаат следбеници.
Не ми оставија многу раскази впечаток, но тоа е поради тоа што немав се уште време сите да ги прочитам. Но, има неколку кои би можел да ги издвојам. Идејата на расказот Злоба многу ми се допадна. Провинцијализмот во нашата земја е многу актуелна тема. Некои работи се прават, некои не! Расказот на НуТела со бабичката исто така ми остави впечаток. Истото можам да го кажам за расказот Баба. Идејата на староста како мир и спокој. Приказната на Лола на Боков исто така ми се допадна. Пораката која се развива на крајот е дека луѓето не прават се заедно, дека тие за некои работи се индивидуалисти. Посебно ме изненади крајот. Мислев дека ќе биде банална љубовна приказна, како и некои други.
Поздрав
Ви.За.
 

 

  Onoj koj ne znae da pravi

  Onoj koj ne znae da pravi razlika pomegu kritika i navreda ne treba voopsto da komentira! No, koga veke go pravi toa, treba da bide ignoriran. Isto kako so malo dete: koga pravi belji i mu obrnuvas vnimanie se` poveke besnee, koga go ignoriras prestanuva. Sekoja cest za avtorite! Pozdrav

ОкоБоли главаВицФото