Оправдано присутни

04.12.2012 12:29
Оправдано присутни

Почитувани,

Чест ни е да ве поканиме на тридневна акција на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена Оправдано присутни – искуства на слободата. Отворањето е на 6 декември во 20:00 часот во локалот на бул. Климент Охридски бр. 23, Скопје.

Оправдано присутни – искуства на слободата е тридневна акција во рамки на која Јадро ќе направи своевидно резиме на активностите, продукцијата и улогата на независниот културен сектор во Република Македонија. Со овој настан членовите на Јадро, но и сите останати претставници на независниот културен сектор кои се вклучени во градењето на исклучително важен сегмент од социо-културниот контекст, ќе потсетат дека низ искуството на слободата и низ својата посветена работа, успеале да остават печат и да влијаат врз демократизацијата на културата, уметноста и општетсвото. Независниот културен сектор е оправдано присутен иако не доволно поддржан од креаторите на политики во независна Македонија. Затоа, овој тридневен настан го гледаме и како јавен застапувачки чин во битката за опстојувањето на независниот културен сектор

На овој настан ќе биде промовирана работата на членките на ЈАДРО коишто се дел од Независната културна сцена во Република Македонија. На настанот покрај програмските активности, големо внимание ќе биде посветено на градењето и прикажувањето на архивата на организациите и индивидуалците вклучени во ЈАДРО коишто во изминативе дваесетина години.

Во сферата на независниот културен сектор дејствуваат оние непрофитни организации од граѓанскиот сектор кај кои се препознава ново критичко, развојно и динамично дејствување и кои се двигатели во динамизирањето на целото културно производство, со голем акцент врз развојните процеси на културните политики. Независниот културен сектор е препознаен како простор за нови модели на културната продукција и интерсекторската соработка. Карактеристично е едновременото дејствување во сите сегменти на социо-културниот контекст, во најразлични сфери на културата и културните политики и взаемно креативно поврзување при што е исклучително присутна и доминантна карактеристиката за екстензивно поширока општествена свесност и ориентираност кон градење нови, современи политики во различните сегменти на културата, уметноста и општеството, и на теориско и на активистичко рамниште. Оттаму, независниот културен сектор се препознава како мобилизаторско општествено и политичко јадро кое се разликува од специјалистички ориентираните здруженија на граѓани. И уште една исклучително важна улога на независниот културен сектор е преговарањето низ различни модели и формати (продукциски, теориски, активистички) со властите поврзани со културно-уметничкото дејствување но и со поширокото општествено дејствување.

ЈАДРО ќе се застапува за преиспитување на ретроградното „читање“ на културата како нешто ексклузивно, нешто што им припаѓа на „одбраните“, нешто што им припаѓа на „елитите“, и нешто што е раководено и креирано исклучиво од институциите на моќ, чии критериуми често се непознати и дизајнирани според лични интереси или интереси на една мала група луѓе кои владеат. Затоа ЈАДРО ќе се застапува за демократизација и децентрализација во сферата на културата, во содржинска и во оперативна смисла.

Културните работници здружени во ЈАДРО ќе се застапуваат за имплементација на современи културни практики и редефинирање на постоечките културни политики кои се ексклузивни и ретроградни во однос на независниот културен сектор.

Со почит,
ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена

ПрилогГолемина
Преземи1.17 MB