Известување на ЈАДРО за локалните избори 2013

25.03.2013 10:21
Известување на ЈАДРО за локалните избори 2013

Почитувани,

Ве известуваме дека ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена, во кусиот период на предизборните активности на партиите кои учествуваат на локалните избори, беше активна согласно своите застапувачки цели.

Имајќи на ум дека ЈАДРО се залага за партиципативна улога во креирањето на културните политики на локално и централно ниво и за подобрување на условите за работа на независниот културен сектор, сметавме дека е нужно да се контактираат кандидатите за градоначалници кои претендираат за мандат на ниво на Градската управа, и со нив да се потпише спогодба за соработка во која тие ќе се обврзат да ги вклучат нашите барања доколку добијат мандат. Воедно ЈАДРО ја презема оваа активност и заради создавање поинаква перспектива и поинакво читање на културата - како важен социо-културен сегмент, а не само како нешто кое постои херметично, изолирано од останатите општествени и политички случувања и слоеви.

Ве известуваме дека во Скопје беа контактирани сите кандидати за градоначалници, а политичка волја за соработка со граѓанскиот сектор и за разбирање на важноста на независниот културен сектор имаа само тројца: кандидатот за градоначалник на Скопје на Коалицијата Сојуз за иднината, Јани Макрадули, кандидатот на Либералната партија Горан Николовски со кои беа потпишани спогодбите и кандидатката на Републиканската Алијанса Габриела Арсовска Милошевска со која беше оставрена само првична средба. Останатите кандидати немаа дослух за средба, разговор и евентуално потпишување спогодба за соработка.

Членовите на ЈАДРО во Прилеп успеаја да потпишат ваква спогодба со тројцата кандидати за градоначалници: Хари Локвенец од Коалицијата Сојуз за иднината, Зоран Петрески од Социјал демократската унија и Марјан Ристески од ВМРО ДПМНЕ.

Членовите на Јадро од Битола остварија средба со Менде Диневски, кандидат за градоначалник на Коалицијата Сојуз за иднината, кој покажа политичка волја за понатамошен дијалог.

Преку оваа активност на ЈАДРО, може да се согледа заинтересираноста на креаторите на актуелните политики за вклучување на граѓанскиот сектор во процесите на одлучување поврзани со насоките во кои ќе се одвива демократизацијата на Република Македонија.

Во пропратниот документ ви го доставувавме целосниот допис кој беше потпишан со споменатите кандидати за градоначалници, а овде ги издвојуваме двете клучни барања:

1. Дефинирање на начините за финансирање на делот од граѓанскиот сектор кој се дефинира како НКС.

Предлагаме во сферата на јавните политики да се воведе посебна буџетска ставка, односно посебен сектор за Развој на современа култура, нови културни практики и политики за кој ќе постојат посебни критериуми и одвоен процент од целокупниот буџет на Градот согласно стратешките цели кои прецизно треба да се дефинираат, а ќе се однесуваат на чекорите во заземањето на релевантната улога на НКС во општеството. Ова треба да биде сектор за програмска поддршка на оние проекти од Независниот културен сектор кои имаат пошироко, интердисциплинарно, хибридно содржинско рамниште. Воедно, а можеби најважно, во овој сектор треба да се формулираат критериуми за континуирана структурна повеќегодишна поддршка со вклученост на НКС во процесите на креирање и одлучување по политиките.

2. Формирање на хибридна институција помеѓу градот и Независниот културен сектор

Мора јасно да се прецизира форматот, организационата и програмската структура на таа институција. Воедно, во разговор помеѓу НКС и Градот треба да се дефинираат целите и резултатите кои таа институција треба да ги содржи. Предлагаме во понатамошен дијалог да се допрецизира овој нов модел на институција. Само накусо, треба да стане збор за отворена, хибридна културна институција, која ќе биде раководена од НКС, ќе има свој борд, а во партнерство со градот ќе биде инфраструктурно целосно поддржана. Тоа треба да биде институција втемелена на граѓанското и јавното партнерство. Разликата помеѓу оваа институција и веќе постоечките институции е организационата структура и во програмскиот формат кој во најголема мера нема да биде на товар на Градот туку ќе обезбедува средства за алтернативно финансирање.

Центарот би требало да има премиса развој на независна современа култура и уметност и преку него ќе се јакне независниот културен сектор преку принципите на смоорганизација.

ЈАДРО ќе се залага за воспоставување на критички и конструктивен дијалог во однос на имплементацијата на прогресивните, инклузивни и демократски политики и практики во културата и во рамките на граѓанскиот сектoр и пошироко.

Културните работници здружени во ЈАДРО ќе се застапуваат за имплементација на современи културни практики и редефинирање на постоечките културни политики кои се ексклузивни и ретроградни во однос на независниот културен сектор.

Сакаме да го видиме во скорешна иднина независниот културен сектор во Македонија како одржлив, видлив и влијателен општествен и политички фактор, кој проактивно учествува во социо-културните процеси.

ПрилогГолемина
Преземи66.5 KB