Отворено писмо до министерката за култура

26.04.2013 09:29
Отворено писмо до министерката за култура

ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена со вознемиреност, револт и сомнеж реагира на таканаречениот „Отчет“ за средствата потрошени во рамки на проектот „Скопје 2014“, кој беше презентиран од страна на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на 22.04.2013. Јавно реагираме и напоменуваме дека Министерството за култура ги потценува и унижува граѓаните на Република Македонија, а особено уметниците и културните работници, неодговорно расфрлајќи се со бројките, но и со реално потрошените средства. Станува збор за пари од буџетот на Република Македонија, за пари на граѓаните на Република Македонија, а не за приватен капитал.

Министерството за култура и Владата на Република Македонија досега се однесуваа кон програмскиот, содржинскиот и финансискиот аспект на културното творештво и уметничката продукција монополизирачки, централистички и самоволно, притоа неодговорно повикувајќи се на псевдо-експертиза и на псевдо-транспарентност. Средствата со кои располага Министерството за култура се наменети за севкупниот развој на живата култура и за заштита на македонското културно наследство. Изјавите на официјалните лица и на министерката за култура дека проектот за, според нас, обезличување не само на Скопје, туку и на целокупната историја и идентитет на еден социо-културен контекст, чинел „само“ 208 милиони евра, ги оценуваме како непримерни и крајно навредливи за сите кои на културата сè уште гледаат како на општествен и политички сегмент од витално значенње за правилен развој на демократијата и граѓанската култура во Република Македонија.

Почитувана министерке Канческа Милевска,

Веќе неколку дена неуспешно се обидуваме да сфатиме како е можно кој било, па дури и вие како челник на ресорното министерство, со таква леснотија да изјавувате и да се гордеете дека „Скопје 2014“ чини „само“ 208 милиони евра. Би сакале да ве потсетиме дека „Скопје 2014“ ја чинеше земјата огромни задолжувања, неизмерливи дупки во буџетот, но пред сè, жртвување на демократијата, на историјата, на идентитетот, на квалитетната уметничка продукција. Овој проект е оценет меѓународно како срамен и невкусен, во најмала рака, а граѓаните на оваа земја ќе го отплаќаат овој срам со децении.

Без намера да навлегуваме во полемика дали тоа е сума со или без анекси и со или без „реквизити“, фасади и останати елементи типични за „фасадната култура“ која ја застапувате, отворено прашуваме: Дали за Министерството за култура и за вас лично, во земја каде што едвај се врзува крај со крај, каде што луѓе умираат заради ненавремено дијагностицирање на сериозни болести, каде што најголемиот процент од граѓаните живеат во сериозна сиромаштија, 208 милиони евра се мали и неважни пари, небаре имаме милијарда евра во буџетот за култура, па едно делче не е ниту битно? Дали сте размислиле што можеше да се направи со тие пари за граѓаните на Република Македонија да имаат навистина долгорочен бенефит и достоинствен живот? Дали сте направиле анализа каква културна политика требаше да развивате за да ја продолжите историската и идентитетската рамка преку заштитата на културното наследство и поддршката на живата култура низ која ќе се отсликува сето она кое ова мултикултурно поднебје го носи низ историските слоеви?

Почитувана министерке, велите дека проектот со кодно име „Скопје 014“ е евтин и не чинел многу, особено во однос на она што нам ќе ни го возврати овој проект! Се согласуваме со вас дека ова е евтин проект, но во една друга смисла – евтино е вашето читање на културата и на историјата, но за таа „забава“ требаше да ги прашате граѓаните на оваа земја. И, навистина, касапењето и еутаназијата на Скопје тешко е да се направи со 208 милиони и потребно е да се штеди за да се постигне планираното, но нејсе, има време до 2014.

Простете, но не можеме да се согласиме со вас - станува збор за расипнички однос кон народните пари. Тоа се огромни пари не само за културата туку и за цела Македонија.

Вашето Министерство е должно да ја чува и развива КУЛТУРАТА во и на Македонија. Потрошивте околу 40 милиони евра за од нашата татковина да направите огромен, „златен театар“, додека државата е во „камено доба“, додека многу вредни и посветени уметници за жал се „статисти“. Зарем на вас и на вашите соработници како луѓе од културната фела не ви доаѓа да „штрбнете“ барем делче, десеток, од тие милиони и да ги пренасочите во другите области од културата кои последниве години се на смртна постела?

Како асоцијација на независната културна сцена не можеме и не сакаме да прифатиме криење зад културата и трошење на 208 милиони земени од устата на граѓаните за креирање нови културни идентитети додека сите останати гранки на културата се занемарени.

Само минатата недела највредните мијачки икони исчезнаа за навек од црквата „Св. Ѓоргија“ во Лазарополе, музеите и галериите имаат продукција од половина изложба месечно, археолозите наместо да работат, чепкаат по земјата македонска како кокошки на буниште, највредните споменици на византиската уметност пропаѓаат, а нивните фрески се распаѓаат. Конзерваторските центри наместо да ги претворите во врвни експертски установи за заштита на наследството ги сведовте на ниво на селски кооперации без пари, опрема и надлежности. Конзервацијата е на најниските гранки од ослободувањето во 1945-та. За издаваштвото и меѓународните претставувања да не зборуваме, а независната култура и културна сцена се поддржува со средства еднакви на вредноста на десниот чевел на третата скулптура од мостот на уметноста.

Заради сево ова, почитувана министерке, бараме од вас да ја третитрате културата како целина и да се застапувате и борите за правата на сите културни работници и културните институции и да се изборите барем за едно делче од парите кои под превезот на културни политики расипнички се расфрлаат да го најдат својот пат до вистинските потреби на културата и културниот сектор на Македонија.

Зарем не е жално, почитувана министерке да се трошат 208 милиони за пред некогашниот симбол на Скопје, Камениот мост, меѓу спомениците на нашите најголеми дејци да се стави рингишпил и да се направи панаѓур? Зарем не е грев во период кога владата има илјадници проекти за реализација да ја менува фасадата и од модерни градски чевли естетски да се враќа во опинци од 17 тиот век?

Заради сево ова, почитувана министерке, Ве повикуваме итно да покренете иницијатива за ревидирање на националните културни програми и политики, бидејќи со продолжување на постоечките трендови ќе станеме земја без автентична култура и културна продукција што ќе остави длабоки белези и рани на националниот идентитет не само на Македонците туку на сите граѓани на Република Македонија.

Фотографии: Скот Норис

ОкоБоли главаВицФото