Соопштение по повод т.н. „отчетна“ прес-конференција на министерката за култура и поранешниот градоначалник на Центар

23.04.2013 11:30
Соопштение по повод т.н. „отчетна“ прес-конференција на министерката за култура и поранешниот градоначалник на Центар

Советот за култура при СДСМ се спротивставува на замајувањето на јавноста, што министерката за култура и поранешниот градоначалник на општина Центар го изведоа со долгометражната прес-конференција за „проектот“ Скопје 2014, глумејќи отчетност откако граѓаните демократски ги казнија токму за зулумот и за срамот што ѝ беше нанесен на државата преку него. Таа прес-конференција само го потврди она што граѓаните одамна го знаеја. Дека проектот, меѓу другото, е и финансиски скандал, не „перење“, туку „гнасење“ на тешко спечалените народни пари, потрошени на астрономски и со ништо заслужени хонорари и набавки на реквизити по цени на кои би им позавидел и емирот од Катар.

Советот за култура при СДСМ го повикува градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, да го отвори процесот на ревизија на „проектот“ Скопје 2014. Но предупредува таа да не се исцрпува само на финансискиот скандал. Да потсетиме дека Скопје не осамна на насловните страници на сите светски весници по финансискиот скандал туку како „престолнина на кичот“, односно дека срамот на нацијата ѝ беше нанесен по многу други основи.

Штетноста на овој проект е што зад површинската појавност на една измамничка архитектонска и скулптурална претстава ги урива вредносните системи во културата, ги суспендира уставноста и правната држава, ја злоупотребува историјата и ги поместува темелните камења на националниот идентитет.

„Скопје 2014“ не произлегува од подлабокото разбирање на културата и нацијата, ниту од професионалната уметничка или архитектонска мисла и практика. Тој проект е политичко-пропаганден манифест на партијата на власт, демонстрација на самовластие на еден човек кој ги донесува сите урбанистички, архитектонски и споменички одлуки. Ова самовластие се реализира низ инфраструктурата на државните органи, со јавни средства, а се изведува како вид културен инженеринг кој сака да го промени идентитетот на нацијата и граѓаните да ги држи во потчинетост со помош на еден помпезен и мегаломански (а всушност, брутално простачки) национализам.

Голем проблем на „Скопје 2014“ е што е донесен и изведен по сосема недемократски пат, со кршење, заобиколување и насилно преправање на законите. Очекуваме ревизијата на проектот покрај финансиската и правно-процедуралната да ја разоткрие и културната димензија на случајот и да го започне процесот на културна, историска, уметничка, урбанистичка и архитектонска евалуација на штетата направена со „Скопје 2014“ која ќе биде основа за идното обновување на градот Скопје и на македонското национално достоинство.

ПрилогГолемина
Преземи81.1 KB