1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Еден од клучните аргументи на оваа Влада што ќе ја разликува од претходното владеење, значи вклучувањето генерално на граѓанкскиот сектор, не само во сферата на културата, на експерти на надворешни соработници итн. Така што во изготвувањето на стратегијата еве и јас бев вклучена како претставник на независниот културен сектор. Колку сето тоа – моите прашања остануваат отворени – колку таа вклученост е само про форма, понатаму во имплементацијата се гледа тоа или не, тоа е навистина една голема дебата за една голема емисија. Но, како никогаш до сега во минатата година и во резултатите од минатогодишниот конкурс, па и во овогодинешниот, се гледа вклученоста и поддржаноста, значи една поинаква променета политика во однос на независниот културен сектор.
Значи тоа е точно. Но, тоа не ги анулира останатите проблеми. Имаме огромен проблем во ова општество и Ви благодарам за поканата, но уште кога ме поканивте Ви реков дека повеќе сум резигнирана отколку револтирана. Значи тоа е една многу опасна ситуација. Повеќето од луѓето коишто доаѓаат особено од овој граѓански сектор, во случајов независен културен сектор чувствуваат резигнација, чувствуваат изиграност, чувствуваат една залудност во своето учество, во своето застапување за некакви промени на општествениот наратив.
Општествениот наратив во својата сушност имам впечаток дека не се менува. Значи добро е ова што го кажува министерот за култура дека навистина ќе се држиме до стратегијата, но сега прашањето е кој како ја толкува стратегијата. Во стратегијата имате многу јасни и прецизни назнаки, се разбира не е сѐ опфатено. Со законот за култура и со другите нешта требаше да се опфатат но, стартегијата има опфатено токму кон овие од етно-национални кон плурални идентитети, поддршка на човекови права и култура, застапеност на маргинализиранито, но тоа не претставува само етнички маргинализирани туку напротив, разни културни идентитети во оваа земја се маргинализирани, за прв пат се појавуваат и сексуалните идентитети и тоа е многу важно, тоа е запишано во стратегијата.
Значи тоа сѐ постои на хартија, но јас се плашам – гледам дека и на социјалните мрежи секаде се става разочараност од евентуалната загрозеност на идентитетот на Македонците, од двата етникума доминантни во оваа земја коишто постојано се препукуваат- но јас сметам дека таа меѓуетничка игра особено меѓу Македонците и Албанците, е само еден декор и параван зад кој што се крие еден многу посуштествен и повознемирувачки за мене проблем, којшто сметам дека токму тој проблем ја кочи промената на општествениот наратив. А тоа е дека ние сѐ уште сме заробена држава во ситните клиентелизми, во ситните партиски „на ти го, дај ми го“ ситуации, морам така да се изразам ќе ми простите, малку вулгарно.
Корумпираност, но не мислам само на финансиска корумпираност, една корумпираност во која што преовладува свеста за еманципаторско општество и во која доминираат партиските интереси во која што исклучиво се врзуваат со партиите и со оние коишто се блиски со партиите. Сѐ додека не се разбере значењето на културата, дека таа е турбината, особено во вакви едни мали држави, мали општества. Со што ние ќе се пофалиме, јас не разбирам со што друго ќе се фалиме ако не со некакви достигнувања во современите културни политики и придвижувања, живата култура, создавањето на новото културно наследство. Ние не можеме да се заглавиме во она што е културно наследство еднаш за секогаш дадено, а тоа погрешно го третираме и тоа го уништивме ама сега го супресираме и новото, она што треба допрва да се етаблира како културно наследство. Значи културата е таа турбина, тој капитал врз којшто би рекла ќе се градат и економскиот и политичкиот капитал. Таа е тој канал за демократизација и за еманципација на општеството. Во ваков контекст, каде што сѐ уште – повторно инсистирам на тоа – клиентелизмите ќе нѐ задушат, таа телефонска култура не може да …како да кажам, по телефон да се решаваат кадровски политики. Особено не во културата.
Културата е време да се врати онаму каде што припаѓа. На аксиолошките вертикали, на оние кои што нудат експертиза. Ако немаме такви, ќе ги увеземе. На оние кои што не можат да бидат корумпирани. А тоа – ќе ми дозволите уште само една реченица, се извинувам – може да се постигне со менување на политичкиот систем, нешто што не влезе во стратегијата, а за што се застапувавме ние кои што бевме директно инволвирани. И затоа министрите се ставени во незгодна ситуација сега и претходниот министер и овој министер, а за претходно да не зборуваме што се случуваше. Претходно беше тотален хаос, но сега ме радува што барем има дебата, претходно немаше ни дебата, не смееше ни да се дебатира. Сега барем сме слободни да дебатираме, па уште и според нашите дебати да ги менуваат одлуките, да се преиспитуваат и тоа е сепак некој мал напредок. Значи она што е клучно, а што не влезе во стратегијата. Не знам колку вашите гледачи знаат дека последниот збор при овие конкурси го има министерот. Значи според законот, комисиите коишто одлучуваат и коишто треба да се некакви експертски тела, всушност имаат советодавна улога. Министерот има право да ги прими нивните совети и потоа да чкртне, да додаде или да одземе. Тоа е погубно, значи кога зборуваме за децентрализација, треба да појдеме од таму. Од децентрализација на самото министерство за култура.
(Овој текст е дел од искажаните ставови на Гешоска во дебатната емисија „И што сега“ на тема „Култура за сите“).
Целата емисија е достапна на следниот линк.
Слика: Аleksandra Waliszewska