Преродба на нацијата како „фашистички минимум“

25.12.2012 11:50
Преродба на нацијата како „фашистички минимум“

Денес, во сè уште густите испарувања од глобалната антикомунистичка еуфорија која владее по заршувањето на Студената војна, кога за фашизмот сè помалку се зборува, и тоа само како за одамна прележана болест, стана можно, сосемa незабележано, тој повторно да ја шири својата зараза во пандемиски размери. Повампирувањето на фашистичката состојба на духот е присутно особено во постсоцијалистичките земји во кои страсно се одгледува антикомунистичката реакција, но и во многу други земји каде либералниот капитализам е во сериозна криза. Се разбира, денешниот поход на фашизмот се изведува со стратегија прилагодена на новите геополитички околности, со селективно а не масовно насилство и со затскриеност зад формални демократски процедури и либерална орнаментика. Денешните форми на фашизам виреат во рамките на либерално-демократските системи, како патогени политички појави кои веднаш не го уништуваат организмот „домаќин“ - како што тоа го правеше „вистинскиот“ фашизам во 20-иот век, туку постепено и бавно, давајќи му време на болниот да се адаптира на својата болест (и да ја рашири), однесувајќи се како да е здрав. Оваа мутирана општествена болест денес не убива како некогаш бубонската чума, туку постапно, со „куртоазија“, како што тоа го прави туберкулозата. Иронијата на оваа метафора е што растечкиот фашизам денес се третира со истата интелектуална мрзеливост и негрижа како и туберкулозата, за која сите мислат дека е победена со пронаоѓање на вакцината и антибиотиците, а таа во тишина го обезбедува својот глобален подем, во кој се веќе заразени неверојатни 2 милијарди луѓе.

Споредувањето на изворните фашизми со денешните политички системи е, затоа, сè уште единствена метода која денес на човека му овозможува препознавање на новите затскриени форми на фашистичкиот инфект. Ако ги споредуваме својствата на криптофашизмот (или затскриениот фашизам) на Груевски и парадигматичните фашизми во Италија и Германија, ќе се изненадиме дека „нашиов“ – кој навидум нема ништо заедничко со изворните фашизми – на структурно ниво, на ниво на дистинктивни својства и елементи, неформално ја исполнува и најрестриктивната дефиниција на фашизмот. Тоа е дефиницијата за фашистичката тријада, која овој систем го одредува како спрега меѓу економијата на државниот капитализам, владеењето на една партија и ултра-националистичката политичка програма.

Што се однесува до првиот елемент од дефиницијата, секој знае дека во Македонија владее корпоративизам во кој партијата на власт и државните органи се здружени со корпорациите во остварувањето на единствениот заеднички интерес: да го отуѓат вкупното богатство на земјата и да го концентрираат во рацете на политичкиот врв. Со криминалното здружување на партијата на власт и државата со партиски „лојалните“ корпорации и со уништување на оние кои му се спротивставуваат на „обединувањето“, во Македонија е цврсто инсталиран неформален корпоративизам како политичко-економски систем. Дека ова е суштинско својство на фашизмот потврдува и неговиот „татко“ Мусолини, кој напишал дека „фашизмот би требало посоодветно да се нарекува корпоративизам, бидејќи ги обединува државната и корпоративната моќ“.

Вториот елемент од тријадата, фактичкото владеење на една партија, веќе седма година е неформална политичка реалност во Македонија, бидејќи ДПМНЕ се однесува како да е единствена партија во парламентот и владее како мнозинството во парламентот да и’ дава мандат неограничен од Уставот и законите. ДПМНЕ, всушност, парламентарната демократија ја употребува само како процедурална форма којашто ја полни со авторитарна недемократска содржина. Поради тоа во Македонија функционира неформален еднопартиски систем во кој парламентот фактички стана извршен орган на партијата на власт, додека сите други партии се присутни формално и декоративно, само како јавна легитимација на лажната демократија.

Но, дури третиот член на тријадата, ултра-национализмот, е она својство кое му ја обезбедува на фашизмот вистинската идеолошка дистинктивност. Зашто, државната економија и еднопартиската власт, како и аспектите на владеењето со страв и пропаганда, елементите на тоталитарната држава и организираната бруталност, фашизмот ги дели со многу други репресивни режими. Најсуштинското својство и клучната дистинктивна идентификација на фашизмот му ја дава неговата идеологијата, која професорот Роџер Грифин ја опишува како револуционерна форма на ултра-национализам со популистичка димензија. Суштинско својство на оваа идеологија е што таа ги мобилизира масите со повикот за спас на нацијата од пропаст и ветувањето за нејзино повторно раѓање. Есенцијалното јадро на фашистичката идеологија, она што однатре го разликува вистинскиот фашизам од нему сличните парафашизми, според Грифин, е токму митот за повторното раѓање на нацијата или преродбата. Преродбата на нацијата - како митолошко јадро на идеологијата на фашизмот - е присутна кај италијанскиот фашизам и германскиот нацизам, но недостасува кај најголемиот број пара-фашистички диктатури пред и после Втората светска војна, како што беа Франковата диктатура во Шпанија, Долфусовата во Австрија, Антонескуовата во Романија, Петеновата во Франција и други.

Митот за преродбата (онаа иста преродба со која ДПМНЕ го започна својот „победоносен“ пачји марш), е всушност вистинскиот генератор на деструктивната моќ на фашизмот. Како тоа, ќе прашате, митот за преродбата на нацијата сам по себе да генерира деструкција? Идеологијата на преродбата е смртоносна затоа што се работи за самокатализирачки процес во кој нацијата е дефинирана како органско единство на сите поединци, кое се остварува преку фузија на живата маса со нејзиниот животен простор, на потеклото со етничката територија, на крвта и земјата, на blut und boden. Преродбата метафизички се остварува со евоцирањето на првото раѓање на нацијата во далечното митолошко минато, а колективната кохезија ја обезбедува со националната идентификација со херојското златно доба. Логичното исходиште на оваа монструозна спојка помеѓу крвта и земјата е полагањето право на владеење со вистинскиот национален животен простор – Lebensraum-от, кој на нацијата - во меѓувреме – и’ е неправедно одземен! Оние кои ја запоседнале светата земја на предците (и на неа продолжуваат дрско да живеат) стануваат непријатели на нацијата, а таа за возврат станува опасна за нив. Така преродбата закономерно генерира деструкција и несреќа. Q.E.D.

Совпаѓањето на јадрото на фашистичката идеологија со идеологијата на преродбата која владее со Македонија е поразно: Александар како централна митска личност – татко на нацијата и херојското време на античките Македонци со кои треба да се идентификуваме; нашето директно „органско и генетско“ античко македонско крвно потекло и супериорноста на белата македонска раса која ја чинат вистинските македонски ариевци од кои потекнува сè што вреди во човековата еволуција; неправедното одземање и делење на македонскиот Lebensraum од страна на злите сили, при што параноидната оска на заговорот ги здружува сите наши соседи со сите глобални велесили; ветувањето за повторното раѓање на нацијата или за преродбата која се темели на реафирмација на вистинските генетски предци и на етничкиот историски простор; „револуционерниот“ настап во кој преродбениците делуваат како ослободители, од чиешто појавување треба повторно да почне да се мери времето, и многу, многу други... Секој елемент од сценариото на преродбата, а пред сè самата преродба на нацијата како централен мотив во идеологијата на ДПМНЕ, апсолутно се совпаѓа со идеологијата на преродбеничкиот ултра-национализам кој е познат под генеричкото име фашизам. Испаѓа дека нашата преродба, почитувани читатели, е брусениот дијамант во фашистичката идеологија, идејна есенција на фашизмот и вистински „фашистички минимум“! Чувствувате ли гордост, ви се полнат ли градите со возбуда?

Овие фрапантни идеолошки совпаѓања помеѓу фашизмот, нацизмот и груевизмот, воопшто не ги негираат огромните појавни разлики помеѓу оригиналните фашистички парадигми и нашиот гротескен перформанс. Прво, тие беа планини од зло, додека нашиот фашизам е трошка гомно. Второ, тие беа општочовечки трагедии, а нашиов е блуткава провинциска фарса. И трето, тие беа смртно опасни за целиот свет, додека режимот на Груевски не е опасен за никого, освен за нас. И, токму оваа контроверзност – пародичната ништожност на нашиот криптофашизам, која го попречува препознавањето на вистинската опасност – е неговата најдобра мимикрија. Зашто, митот за новата македонска преродба е како бацил на туберкулоза: само навидум тивок и бениген – колку да не предизвика бурна имунореакција - но детерминиран е постапно и безмилосно да го уништи веќе сериозно заболеното македонско општество.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото