Името на злото

18.12.2013 12:22
Името на злото

Некаде во доцните седумдесетти, во самракот на скопското корзо, се протркала од Кенан до Кооператива еден дотогаш нечуен виц-загатка. Прашањето во загатката беше: „Што е тоа: големо, зелено, живее во вода и јаде камења?“ Бидејќи никој не го знаеше името на ова бизарно суштество, сите со подотворена уста го чекаа одговорот: „Голем зелен воден каменојадач!“ Загатката произведуваше умерена и млака смеа, но затоа носеше скриена поука за принципите на препознавањето и именувањето на нештата, многу повредна од заборавот што ја проголта. Се работи за елементарната вистина дека препознавањето на сите појави во човековата реалност е можно само со воспоставување цврста релација помеѓу именувањето на појавата и описот на нејзината природа. Од ова понатаму произлегува дека појава која нема име – а со тоа ниту опис на својствата – не е видлива, односно не е сознатлива за човекот.

И, додека неименуваната роза може да биде предизвик за поетската интуиција, неименуваната болест или невидливото зло е без сомнение најголемата опасност за животот на човекот и неговите заедници. Името на злото мора да го знае секој што наумил против него да се бори, зашто инаку тоа за него е невидливо, несфатливо, па поради тоа и несовладливо. Се разбира, зборувам за режимот на Груевски и последиците од неговото неименување односно непрепознавањето на неговата вистинска природа.

Иако вистинската природа на режимот на ДПМНЕ е со очебијна фашистичка провениенција, вложени се огромни напори името на ова најголемо зло во историјата на македонската држава да не биде во јавна употреба. За жал, оваа мимикриска појава не е локална, балканска, туку глобална, зашто појавата на новиот фашизам со „демократски лик“ добива континентални размери. По неочекуваниот глобален колапс на социјалистичката идеја и комунистичката идеологија – со кои на необјаснив начин замре и целокупната левичарска мисла во светот - стана особено воочлива општата тенденција кон вредносната релативизација на фашизмот и кон неговата историска инкапсулација. Се релативизираат причините и големината на неговите злостори, а се негира и употребливоста на искуствата и поуките од ова апсолутно општочовечко зло во анализирањето на современите општествено-политички појави.

Видно е општото политичко поместување вдесно и изолирањето на фашизмот како поединечна историска појава која нема современи пандани ниту практична употребливост, и сѐ почестото употребување на комунизмот – наместо фашизмот – како метафора за Големото зло. Паралелно, антифашизмот почнува да се смета за анахрон и пригоден само за рутинските говори по повод чествувањата на победата над фашизмот, кои се вршат во присуство на сѐ помалиот број на живите ветерани антифашисти. Со исчезнувањето на генерацијата старци кои ги вложија своите животи во светската победа над фашизмот, од под камењата излазија луѓе кои како да се родени со бацилот на фашизмот во крвта. Тие како знаме го истакнаа историскиот ревизионизам со кој ги прогласија своите домашни фашисти и крвници од Втората светска војна за херои и жртви. Како последица на овој долго одложуван победнички реваншизам на губитниците од Втората светска војна, денес е веќе вообичаено да се одбегнува употребата на поимот „фашизам“ како генеричко име за современа општествено политичка состојба, идеологија или состојба на духот, а невнимателното кршење на оваа куртоазна рутина сѐ повеќе се смета за обична непристојност или навреда. За тоа време, новиот „кадифен“ фашизам завладеа со Македонија и со некои европски земји, а во повеќе други расте како кисело тесто.

Јасно е зошто режимот на Груевски не сака да биде именуван со неговото име. Фашизмот е - и покрај усилбите на новиот ревизионизам – сепак општоприфатен синоним за ноторно зло, а режимот на ДПМНЕ (како и сите современи диктатури) страсно сака да се прикажува во позитивни демократски бои. Груевски ниту под закана на живот нема да ја признае фашизоидната природа на идеологијата на ДПМНЕ и никогаш нема да се откаже од глумењето љубезна и кротка демократија, како и од лажното декларирање посветеност кон европските вредности. Токму ова инсистирање на лажната претстава за себе стана дистинктивно својство на македонскиот фашизам: тоа е подол и итар, полициски, а не милитаристички фашизам, тоа е фашизам што го крие своето право лице, затскриен фашизам или криптофашизам. Овој срамежлив фашизам, меѓутоа, се заснова врз истата идеологија на преродба на нацијата, врз идеологијата на крвта и земјата која е есенцијалното митолошко јадро и на оригиналниот наци-фашизам, од каде што потекнува и неговата ѓаволска природа. Од преродбеничкиот национализам потекнуваат сите несреќи и умирања предизвикани од фашизмот, зашто таа идеја ги буди и активира, ги прави неопходни и ги оправдува најдолните човечки својства: расизмот, шовинизмот, ксенофобијата, биготизмот, сексизмот, хомофобијата, алчноста, суровоста, неморалноста и уште многу други...

Новиот фашизам е болест на општеството како што е тоа канцерот во човечкиот организам – неговата смртоносна моќ потекнува од неспособноста на одбранбениот имуносистем да го препознае и уништи злото. Навременото препознавање на фашизмот затоа е исто како раното дијагностицирање рак - колку порано се препознае болеста, колку похрабро се соочиме со неа и, се разбира, колку посоодветно реагираме, толку се поголеми шансите за нејзино совладување. Во таа борба името на злото ни е неопходно за да го одбереме вистинското оружје, зашто канцерот не се лечи со ладни облоги.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат, 17.12.13.