Карлеуша, лекција за правда

13.01.2013 11:13
Карлеуша, лекција за правда

Јелена Карлеуша повторно напиша извонреден текст. На бадник, кога Србија се гуши под товарот од лицемерие и зло, јасно и бескомпромисно ни го сврте вниманието на местата каде што не сме доволно храбри, каде што лажеме и каде што сме грди.

Јас повторно се запрепастив. Ми се допадна пораката, ми се допадна намерата и стилот, ми се допадна нејзината смелост, а сепак, читајќи ја таа порака, чувствував нелагодност. Не е тешко да се претпостави зошто: би се потпишал под секој збор, всушност, би сакал јас да напишев такво нешто, но како да застанам, пред себе, пред другите, зад нешто што го напишала ѕвезда од балканската естрада? Како ќе изгледа тоа, како ќе изгледам јас? Колку и да сум благодарен за приликата да се поправам, непријатни ми се ситуациите во кои сфаќам дека мојот однос кон светот, на важни места, всушност е обична снобовштина, по ништо различна од менталитетот на скороевците за кои таа пишува.

Да сум сам во таквите дилеми, тешко дека моите внатрешни преиспитувања би биле вредни за споменување. Напротив, не сум. На српската јавна сцена постои успешна, популарна и интелигентна млада жена, која не само што не го базира својот успех на новокомпонираната колачка митологија, туку користи и создава прилики да потсети на војните и геноцидите, ги брани правата на загрозените и артикулира вистини за историјата, корупцијата, грабежот и лагите. Служејќи се со фактот дека нејзиниот глас ќе се чуе во простор во кој граѓанската елита нема (или нема да има) пристап, таа повеќе се изложува, повеќе губи и повеќе прави од комплетниот корпус на идеолошкиот фронт на кој припаѓа. Поради тоа, таблоидите, разни ивановиќи и останатото ѓубре упорно ја претставуваат како антихрист, глупачка, предавник, неталентирана курва, пресметлива лажливка и така натаму.

За тоа време елитата, симболичкото јадро на отпор на националистичкиот ешалон, софистицирано во своите вкусови и потпрено на моќниот интелект и изграденото чувство за правда, потполно ја игнорира. Повремените јавувања, понекогаш и анонимни, обележани се со оградувања од нејзината музика, нејзиниот живот, потекло, изглед, облекување, однесување, сведени на патетични обиди да се искаже согласност со идејата, но никако со личноста, или на пакосно објаснување дека таа не е достојна за идејата која ја застапува. Мнозинството главно само не забележува, надуено закостенето во манирите и без способност да го одреди мигот во кој „друга Србија“ престанува да биде парола на приватната одлука за несогласување и станува опис на моралната структура.

Не верувам дека на ЈК на кој било начин и’ е потребна нивната (нашата) поддршка, свесна е што прави, која е цената што ќе ја плати за секое свое истапување и, меѓу другото, веќе доволно долго тоа го носи сама. Тоа што поддршката изостанува е срамно само затоа што е јасна причината и затоа што не се разликува многу од она што ги мотивира српските клеро-фашисти: полесно е да се живее во свет во кој секој си го знае своето место.

Полесно е да се живее во свет во кој секој си го знае своето место. Појасни се работите во светот во кој Карлеуша е приглупа пејачка, со којзнае какви мотиви поради кои изговара очигледни вистини, а не храбра жена која се занимава со својата работа и држи до себе доволно за да не молчи за нештата кои се важни. Би било поедноставно да се живее во свет во кој не мора покрај сите наши книги, филмови, школи, кул музика, благонаклоно згрозување над просташтвото на плебсот над кој сме се издигнале, уште да се прашуваме и за сопствената немоќ - само поради чувството дека во човечноста нè надминува некој кој се ноѓа во поинаков културен регистар.

Мачно е што тоа е истиот лицемерен свет во кој на Ромите местото им е на ѓубриште, на хомосексуалците меѓу четири ѕида, а на Муслиманите во масовни гробници.

За жал, нема нијанси и нема оправдувања, не може малку да се сочувствува, малку да се осуди, малку да се прифати, малку да се биде чесен. Обесхрабрувачки е тогаш повторно да се гледа како обичната човечка суета ги оневозможува оние кои би требало да се добри да изберат страна.

Извор: e-novine

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото