Концентрат: мета-архивот

16.01.2013 11:58
Концентрат: мета-архивот

Деновиве, Скопје брзо го менува својот лик. Остварувајќи ја новата визија за главниот град на Македонија, низ центарот можат да се забележат огромни градилишта. Од многубројните скулптури, споменици, конструкции и реконструкции, тешко е да се следи целосната слика. Сите тие се материјализации на актуелниот популизам, кој во основа се состои од аматеризам, деполитизација, комерцијализација, тривијализација, реконструкција, антиквизација и дистинкција. Но, има еден проект во кој е концентрирана примарната проблематика на урбаниот развој на Скопје денес - македонската потрага по идентитет. Станува збор за објект кој вдомува три институции: Археолошкиот музеј, Националниот архив и Уставниот суд. Мета-Архивов го вдомува копнежот за нови историски почетоци.


ЦЕНТРАЛИЗИРАНО ПРИСУСТВО

Веќе неколку години, децентрализацијата на македонската држава се нагласува на институционално ниво. Обезбедувањето поголема автономија на локално и регионално ниво требаше да ги намали несогласувањата меѓу македонските и албанските граѓани. Спротивно на оваа организациска трансформација, државата пак го централизира своето физичко присуство. Неколку владини институции, кои би требало да ја претставуваат новата политичка, економска и културна (само) свест се (пре)распределени и (пре)местени на северниот брег на реката – среде она што Кензо Танге го имал замислено како јадрото на градот. По земјотресот непосредната близина на реката била оценета како сеизмички несигурна, па така оваа област била исчистена и оставена празна. Низ годините таа никогаш нема одново да заживее и ќе стане не-простор на градот. Но, од неодамна оваа празнина се преобразува во жариште на градот, место каде што ќе може да се сретнат нанижани: Националниот театар, новиот Музеј на македонската борба, Агенцијата за електронски комуникации, Канцеларијата за заштита од перење пари и финансирање тероризам, Министерството за надворешни работи и Мета-Архивот.

Мета-Архивот, проект на архитектот Слободан Живковски, е неокласицистички храм, еклектична структура со капители, куполи и стаклена фасада. Коментирајќи го проектот, архитектот изјави дека „овој класицистички архитектонски стил им припаѓа на сите западни цивилизации. Составен дел од тоа културно искуство е и Македонија, особено во империјалниот период. Александар Велики, како што ни е познато, има изградено седумдесет града во овој стил“. Јасно ориентиран кон македонскиот јужен дел од градот, Мета-Архивот ќе добие и свој мост преку реката. Со изглед на око и со петнаесет антички скулптури поставени на него, мостот е симболичен вовед во конгломератот.

Со тоа што истовремено претставува тројство од Археолошкиот музеј, Националниот архив и Уставниот суд, Мета-Архивот е богат концентрат на значења. Тој е бележник на потеклото, минатото, зацртаната сегашност и проектираната иднина за Македонија. Тој претставува материјализиран обид да се изнесе неприкосновена вистина – но правејќи го тоа, го содржи целиот амбиент на кризата на идентитетот и стравот. Го носи стравот дека артефактите, документите, новостекнатиот устав и, конечно, државата ќе се изгубат доколку не се здружени заедно. Тоа ќе биде загуба која Македонија, според некои, веќе еднаш ја има искусено. „Доколку сме цивилизирани луѓе, доколку го носиме ова име [Македонци] и се бориме за ова име, тогаш исто така мораме да се бориме и за нашата претходна историја која беше заборавена од нашите историчари, од нашите професори и академици“, ќе истакне Паско Кузман, директорот на Заводот за заштита на културното наследство и најпознатиот археолог во Македонија. Па, бидејќи самиот архив како архив е цврсто поврзан со идејата за вистина не е случајно што тој е категорично дизајниран да обезбеди материјали за конструирање на македонскиот идентитет.

АРХИВСКИ ДОКАЗИ

Архивите го одржуваат минатото во живот. Тие вдомуваат сеќавањата кои имаат привилегија да бидат задржани и преобразени во документи. Тие сеќавања го минуваат „институционалниот пат од приватно до јавно, што не секогаш подразбира од тајно во нетајно“[1]. Закони, декрети, устави, пресуди, воени спогодби, мировни спогодби, сведоштва итн., се повлекуваат од оптек и на тој начин се заштитуваат. Она што е архивирано се смета за вистинито; ќе биде земено предвид во суд и конечно ќе учествува во создавањето на историјата. „Архивот е тој кој му овозможува на историскиот субјект да зборува и со тоа да стане историски“[2].

Архивите со нивната моќ да убијат или да помилуваат, да доделат или да узурпираат, играат политичка улога низ историјата. Политичката сила е таа која го збира сеќавањето. Зборот „архив“ самиот по себе упатува на таа моќ кога Жак Дерида го поврзува со зборот „arkhe“ што истовремено ги именува почетокот (на историјата) и законот (законот на историското паметење). Овој закон го регулира учеството во и пристапот до архивот, неговиот поредок и толкување. Авторитетот што ја создава архивата и ја селектира содржината обично ја има и моќта за нејзино користење. Па така сè што ќе се „најде“ во архивите, е таму само затоа што требало да се најде. Вистината од архивите станува селектирана во повеќе наврати: се селектира она што влегува и она што излегува, а тоа го прават малкумина избрани. Историјата на оваа политичка техника на архивирање, на одредување што е важно, е пак посебна историја која не може видливо да се документира затоа што „сеќавањето на архивизацијата е секогаш веќе заборавено во насилството на самото архивизирање“[3]. Иако поради тоа архивите не можат никогаш да бидат комплетни или вистинити, нивниот степен на транспарентност и пристапност е индикатор за нивото на демократијата во една држава.

Не е сосема за изненадување што еден од клучните „докази“ за македонскиот посебен и неприкосновен идентитет води директно до архетипот на западниот архив, атинскиот Метроон. Меѓу бројните документи, во овој прв архив биле сместени и говорите на Есхин (Aeschines) и Демостен (Demosthenes) за време на војната против Филип Втори од Македонија (359-322. пр.н.е). Овие дебати го ревидирале прашањето кој бил виновен за велепредавство во преговорите со македонскиот крал[4]. Служејќи се со документи од атинскиот Метроон секој од нив поставувал различна вистина и токму ова е почетокот на војната на фактите. Благодарение на овие говори периодот на војната против кралот Филип Втори е добро зачуван, а и благодарение на архивираните документи, како „Третата Филипика“ (341 пр.н.е) во која Демостен вели дека Филип не бил Грк ниту имал некакво сродство со Грците, туку бил варварин од Македонија[5], денешните Македонци го бранат своето име и својот идентитет.

МЕТРООН - АРХЕТИПСКИОТ АРХИВ

Македонскиот напор да го евидентира својот идентитет преку антички документи не е единствената поврзаност со Атинскиот архив. Всушност, и архитектонскиот проект за Мета-Архивот во своите поставки цврсто упатува кон архетипскиот архив.

Во триесеттите години од 20-тиот век, кога под американски надзор на древната Агората во Атина се изведуваат големи археолошки ископувања, југозападно од локалитетот е пронајден објект наречен „Боулеутерион“. Една квадратна зграда, долга повеќе од дваесет метри, која опфаќала четири простории и веранда. До крајот на петтиот век пр.н.е. оваа зграда го вдомувала Советот од 500 (boule) члена и Општинскиот архив, каде што биле чувани папирусни документи и бронзени или камени гравури. На преминот на вековите, поради потреба за повеќе места, Советот бил преместен во нова анексна зграда (Новиот боулеутерион), отварајќи простор за основање на главен Централен архив, кој бил наречен „Метроон“, според божицата мајка. Првиот западен архив истовремено бил и храм. Со поставувањето на Советот и Архивот во ист објект, Архивот се афирмира како интегрален дел од државата.

Толкувачите на археолошките пронајдоци[6]  од модерната го слават „Метроон“ како зачеток на западното архивирање и на самиот демократски поредок. Ако претходните архиви на Египет или Месопотамија собирале главно економски информации, „Централниот државен архив“ на Атина бил наменет да ги заштити сите закони и декрети вклучувајќи ги и протоколите на судските процеси. Сместувањето на Архивот во самиот центар на полисот се толкува пак како индикатор за неговата достапност до јавноста, а преку тоа и неговата демократска природа. Толкувањето т.е. обидот да се втемели севкупен ред во првиот архив, да се хомогенизираат хетерогени документи, се поврзува со рационалноста од западната култура во целост[7].

АРХИВСКИ ФИКЦИИ

Ако се согледа новиот три-делен проект во Скопје, составен од Археолошкиот музеј, Националниот архив и Уставниот суд, може да се изведат многу сличности со идеалниот архив за каков бил прогласен „Метроон“. Курт Ебелинг, германскиот историчар на уметноста, проучувајќи го „Метроон“ и неговата интерпретација во модерната, издвојува пет „архивски фикции“. Тројството во Скопје ги исполнува сите пет, ги повторува, ги содржи во себе и на тој начин станува вистински Мета-Архив:
- Потекло: Архивот конструира јасно потекло, во случајов на македонскиот идентитет. Археологијата, со Археолошкиот музеј како интегрален дел од тројството, е доказно средство за потеклото.
- Држава: Поврзаноста на архивот и државата, како што е и толкувањето, добива физичка димензија во „Мета-Архивот“. Обединувањето на Архивот и Уставниот суд под ист кров ја повторува двојната градба на „Метроон“.
- Централизација: Претставата за централен, пристапен архив го одреди и поставувањето на Мета-Архивот на северниот брег на реката во центарот на Скопје.
- Консигнација и рационализација: Спојувањето на Државниот архив, Уставниот суд и Археолошкиот музеј е чин на „координирање на единствен корпус во систем, или синхронија, во кој сите елементи го артикулираат единството на идеална форма“[8].
- На ова би можело да се додаде дека архитектонскиот јазик на Мета-Архивот, кој ги обединува елементите на класичен антички храм, ја повторува состојбата на двозначност на древниот архив[9].

Создавајќи го „Мета-Архивот“ и преку тоа исполнувајќи ги „архивските измислици“, Скопје прави сè за да стане дел од митот за зачетоците на западна култура - а Архивот медиум за овие зачетоци.

Но, зошто измислици, што е измислица во врска со начелата на „Метроон“? Во 90-тите години на 20-тиот век, по повеќе од сто години од првите толкувања, Жак Дерида исцрта една поинаква слика за раните архиви, една мошне различна и речиси анархистичка слика. Во седмиот и шестиот век пр.н.е. постојат мноштво дисперзирани полуприватни архиви во Атина, чие постоење никогаш не било докажано преку археолошки сведоштва, туку се разоткрива преку натписи и етимологија. Поимот „arkheion“ истовремено е дом на документите како и на „arhon“, чуварот на архивот и член на кланот. Аrhon бил и лицето кое ја имало моќта да го „зборува законот“ со тоа што имал пристап во архивот. Тоа е период во кој моќта оди рака под рака со арбитрарноста.

Ебелинг претпоставува дека овие раштркани архиви продолжиле да постојат и по основањето на „Метроон“[10]. Ниту во еден момент не постоел овој Централен архив, каде што биле сместени сите закони на полисот. Додека намерата за основање на Метроон била најверојатно за да се олесни натрупувањето на децентрализираните архиви, тие продолжиле да го создаваат законот, кој често бил применуван само на ограничена територија. Оваа анархија на законот, хаосот во архивот, не се вклопува во приказната за потеклото на западната култура, ниту го исполнува копнежот на Скопје за неоспорна вистина.

И покрај тоа што „Мета-Архивот“ се обидува напорно да воспостави нови историски почетоци и дури и покрај тоа што ги следи сите прописи за идеално културно потекло, се чини дека не успева, едноставно затоа што овој идеал е измислица сама по себе. Ако погледнеме наназад кон хетерогениот и децентралистички систем на „arkheon“ и неговиот „arcon“, можеме да замислиме навистина различни начини на создавање „вистина“ во денешно Скопје, начини кои ја прифаќаат различноста на градот и неговите жители. Се разбира, моќните структури кои ја воспоставуваат и толкуваат таа „вистина“ се од поинаква природа во споредба со класична Атина, исто како и содржината. Одлуката за тоа што е она што е суштинско, што е важно за Скопје денес, што треба да се издвои, што треба да се задржи, треба да и’ се препушти на јавноста. А, станува збор за јавност која се состои од многу различни индивидуи.



[1] Derrida, Jacques: Archive Fever. A Freudian Impression. Chicago 1995. стр. 2.
[2] Hutchens, Benjamin: Techniques of Forgetting? Hypo-Amnesic History and the An-Archive. Во: SubStance No. 113, Vol. 36. 2007.
[3] Hutchens: Techniques of Forgetting? стр. 46
[4] Mossé, Claude: Athens in Decline. 404-86 B.C. London 1973. стр.120-138
[5] Но доколку некој слуга или суеверно копиле го опустоши или потроши она над кое нема право, боже! Колку помонструозно и иритирачки ќе беше прозвано! Сепак, тие немаат такви сомнежи за Филип и неговото актуелно однесување, иако тој не само што не е Грк, ниту има некаква поврзаност со Грците, ниту пак е варварин од некое место што може да се опише со чест, туку е неподнослив никаквец од Македонија, каде што никогаш не било можно да се купи пристоен роб“. (Hunt,Peter: War, Peace, and Alliance in Demosthenes’ Athens. New York 2010. стр. 81)
[6] како Carl Curtius (“Das Metroon во Athen als Staatsarchiv” 1868) или Ulrich Kahrstedt
“Untersuchungen zu athenischen Behörden” 1938)
[7] Ebeling, Knut: Das Gesetz des Archivs. Во: Ebeling, Knut/Günzel, Stephan (ed.): Archivologie.
Theorien des Archivs in Philosophie, Medien und Künsten. Berlin 2009. стр. 70
[8] Derida, Jaques:Archive Fiver.A Freudian Impression. Chicago 1995. стр. 3
[9] Посебно интересно е што зградата за новиот Мета-архив на Скопје е, всушност, одбиен проект на архитектонски конкурс распишан за идејно решение за градското собрание во истата година. Тоа е репродуцирана слика од компјутерската архива на архитектот, слика со изменета позадина.
[10] Ebeling, Knut: Das Gesetz des Archivs. Во:Ebeling, Knut/Gunzel, Stephen (ed.):Archivologie. Theorien des Archivs in Philosophie, Medien und Kunsten. Berlin 2009. стр.71

Текстот е преземен од книгата „Скопје - светското копиле“ од Милан Мијалковиќ и Катарина Урбанек, во издание на Готен и Wieser.

Слики: Julian Mullan
Планови: Милан Мијалковиќ

Милан Мијалковиќ студирал архитектура во Скопје и Виена. Работи на различни проекти во кои соработува со архитекти и уметници.

Катарина Урбанек студирала во Виена и Стокхолм. Од 2008-та година таа е член на студиото uek architektur.

ОкоБоли главаВицФото