Жижек: Во Европа се чувствува духот на Чаушеску

19.01.2013 11:10
Жижек: Во Европа се чувствува духот на Чаушеску

Влијателниот левичарски филозоф Славој Жижек во британскиот весник Гардијан објави остар коментар за актуелната европска криза, во кој истакнува дека кризата не е само финансиска, туку и демократска и дека во реакциите на денешните европски лидери го чувствува „духот на Чаушеску“.

„Откако започна кризата во 2008, новост е дека недовербата кон демократијата - која некогаш беше ограничена на посткомунистичките земји и земјите од Третиот свет - зазема сè повеќе простори и на развиениот Запад: она што пред една-две децении беше нашиот патронизирачки совет на другите, сега стана наша грижа“, констатира Жижек во неговиот текст, наведувајќи неколку индикативни примери - меѓу кои и словенечкиот - кои говорат дека меѓу европските политички елити сè повеќе владеат ставовите дека народот не ја разбира ситуацијата ниту смее да одлучува нешто околу решавањето на економската криза.

Жижек потсетува на едно од последните интервјуа на романскиот комунистички диктатор Чаушеску, кого еден западен новинар го прашал зошто граѓаните на Романија не смеат да патуваат во странство иако тоа е загарантирано со уставот. Одговорот на диктаторот бил во духот на најфината сталинистичка софистерија - Чаушеску рекол дека уставот го гарантира и правото на сигурен и просперитетен дом, што би било загрозено кога Романците би можеле да излезат од земјата!

„Изгледа дека тој дух е жив и здрав во денешна Словенија. Минатиот месец уставниот суд донесе одлука за забрана на реферндумот за лошите банки, со што им е забрането на граѓаните да гласаат на таа тема.“, пишува Жижек.

Идејата за „лошите банки“ која потекнува од синдикатите е да се основа банка која ќе ги преземе сите лоши кредити на постоечките банки, кои потоа ќе бидат сервисирани со буџетски пари. Притоа, воопшто не би се прашувало како комерцијалните банки се нашле во ситуација да мораат да бидат санирани со парите на даночните обврзници.

„Накратко, уставниот суд заклучи дека противењето на диктатот на меѓународните финансиски институции може да доведе до политичка и економска криза, па затоа ја прогласи иницијативата за неуставна“, пишува Жижек детектирајќи ја иронијата на целата ситуација.

Извор: www.guardian.co.uk

ОкоБоли главаВицФото