Како Исланд закрепна од финансискиот крах?

17.02.2015 14:50
Како Исланд закрепна од финансискиот крах?

Во октомври 2008 година, Исланд доживеа финансиски крах од досега ретко видени размери – пропаднаа банките кои беа 90 проценти од банкарскиот систем, а откако вредноста на круната се преполови, сите менувачки трансакции беа замрзнати на еден месец. Следуваше длабока економска рецесија.

Но, денес Исланд изненадува со силното закрепнување.

Оваа, во најмала рака, необична земја – со најголема стапка на наталитет во Европа, најмногу објавени книги по жител, каде презимињата всушност никогаш не влегоа во мода, „шупак“ е комплимент, а популацијата за време на 11 вековната исландска историја преживеа неколку страшни помори заради острата клима и вулканите – е посебна по уште едно нешто: граѓаните, едноставно, одбија да ги спасат пропаднатите банки. И онака тоа беа пари на странски инвеститори мршојадци, беше доминантното мислење во јавноста, со често повикување на викиншките предци.

Традиционално, Исланѓаните се рибари и земјоделци, но во 2000-те години таму почнаа да се слеваат големи количини пари. Изгледа дека никогаш претходно ниту една земја не успеала да привлече толку капитал по глава на жител, па за толку кратко време парите да исчезнат. Сега, Исланд повторно му се врати на риболовот. Економијата расте со солидна стапка (два или повеќе проценти годишно), растат платите, а долгот се намалува. Предвреме го исплатија долгот кон ММФ.

Исланд е слабата точка на Германците

- На почетокот од „Исландското чудо“ се појавија Германците – за неделникот Шпигел, вели Асгир Јонсон, кој пред кризата беше главен економист на некогашната најголема исландска банка, Кауптинга, една од трите кои пропаднаа преку ноќ кога веќе не можеа да го рефинансираат надворешниот долг. Милијарди евра имот исчезнаа за миг. Исчезна и работата на Асгир. Во меѓувреме тој ја објави книгата со наслов „Зошто Исланд? – Како една од најмалите држави во светот стана најголема жртва на кризата“. Токму германскиот капитал, објаснува Асгир, најмногу се слеваше во Исланд, откако беа либерализирани исландските банки во деведесеттите. И денес, Германија е најголем кредитор во Исланд.

- Исланд е слаба точка на Германците. Дури и Вагнер ги позајмувал нашите легенди за своите опери – вели Асгир, кој денес работи како професор по Економија во Рејкјавик. Во 2012 година, дури 65.000 германски туристи го посетиле Исланд, по што Германците се трети зад Американците и Британците.

Брзото исландско закрепнување се темели на неколку мерки кои нобеловецот Пол Кругман им ги препорачува и на други земји. „Потегот Исланд“, според Кругман би значел: дозволете банките да пропаднат, девалвирајте ја валутата (ако имате сопствена), воведете контроли на дотокот на капитал и обидете се да го избегнете плаќањето на надворешниот долг. Асгир, кој тврди дека предупредувал за кризата, возбудено зборува за новите можности за раст, кои се темелат на старите ресурси: работливото население, здравата демократија, високото образовно ниво, туризмот и обновливите извори на енергија. – И, риболовот. Што би правеле без риболовот? – се прашува Асгир Јонсон.

И навистина, една од мерките за закрепнувањето беше одлуката на владата на сите граѓани да им дозволи улов до 650 килограми риба дневно (во периодот од мај до август). Бројката аматерски риболовци одеднаш порасна.

Вистинска еко земја

Низ какви промени помина општеството покажува и приказната на рибарот Вали Хоскулдсон, кој одеднаш се нашол во финансискиот сектор, во банката Глитнир, еден од трите пропаднати џинови. – Јас бев еден од оние кои на луѓето им подметнуваа кредити – открива Вали за Шпигел, сеќавајќи се дека во една прилика некој земјоделец за кредит од 65.000 евра како осигурување му понудил стара земјоделска машина. – Шефот ми рече: „Дај му пари, а ако бара и двапати повеќе, дај му и толку“ – вели Вали, кој му се вратил на риболовот, а излетот во банкарството го смета за грешка мотивирана од лажни ветувања за бонуси. Скули Моргенсен, еден од најбогатите Исланѓани, открива дека одлучил да се врати во Исланд во октомври 2008 година, откако тогашниот премиер Геир Хорде јавно побара помош од Севишниот. – Знаев дека морам да одам дома. На Исланд му требаме јас и моите пари, помислив – открива Моргенсен. Ја продал својата канадска софтверска компанија OZ Communication на Nokia и се вратил на Исланд подготвен да започне нов бизнис. – Бев свесен дека во Исланд има три главни растечки сектори. Прво, рибарството. Но, тоа е пазар кој е многу регулиран. Второ, туризмот. Секторот расте за 20 проценти годишно. Тотална лудница. Затоа ја основав авионската компанија Wow. Трето, тоа е причината заради која започнав да работам со био-етанол – открива тој.

Имено, покрај Рејкјавик се наоѓа геотермална електрана, чиј нуспроизвод се вчудоневидувачки сините води кои се користат за бањите „Сина лагуна“, една од најголемите исландски атракции. Вториот нуспроизвод е јаглерод диоксидот, кој компанијата Carbon Recycling International, со 25 проценти сопственост на Моргенсен, го преработува во метанол. Во моментов, Исланд користи 25 проценти од својата геотермална и хидро енергија, а државната енергетска компанија Landsvirkjun планира со подводен кабел до 2020 година, да почне да извезува електрична енергија од обновливи извори, во Британија. Дотогаш, погоните на сите автомобили на Исланд ќе бидат на био метанол, смета Моргенсен. Инаку, тој нема типично исландско име, кое се состои од личното име и патронимот кој е составен од името на таткото и продолжението –сон или –дотир. Правилен начин за обраќање кон Исланѓанец без презиме е со неговото лично име, а не со патронимот.

Луди по плетењето

Кризата донесе и некои помалку очигледни општествени промени. Од 2008 година сите полудеа по плетењето, открива Рагнеидур Еириксдотир, која на младите им одржува курсеви за плетење. Оваа мода е лесно видлива на улиците, каде рачно исплетените џемпери со традиционални мотиви се неспоредливо почести од стоката од текстилните ланци. Рагнеидур е и експерт за сексуални односи, која води телевизиско шоу и пишува книги на таа тема. Што да прават друго Исланѓаните во зима кога ноќта трае цел ден, забележува таа.

На Исланд, секоја жена во просек раѓа 2,2 деца, што е најмногу во Европа, а структурата на популацијата е поинаква од онаа од остатокот од западниот свет – половина од 320.000 жители се помлади од 35 години. Дури 90 проценти од децата одат во детски градинки, а 78 проценти од жените помеѓу 15 и 65 години се вработени, што е најголем удел во светот. Вкупната вработеност е 80 проценти, во споредба со едвај 50 проценти во Хрватска. Фактот дека во оваа мера ги искористуваат човечките ресурси е уште една од причините заради која е дискутабилно дали исландските потези би успеале на друго место.

Што се случи?

Во октомври 2008 година, исландскиот финансиски систем практично престана да постои по колапсот на презадолжените банки Кауптинг, Глитнир и Ландсбанки (оваа последната беше поврзана со Актавис која своевремено сакаше да ја преземе Плива), кои претставуваа 90 проценти од банкарскиот систем. Исландскиот банкарски и финансиски систем пребрзо растеше благодарение на постојаниот доток странски капитал, гладен за можност за вложување. Исландскиот надворешен долг пред кризата достигна околу 50 милијарди евра, речиси шест пати повеќе од БДП, од кои 80 проценти се однесуваа на обврските на банките, кои не го преживеаја затворањето на протокот што го предизвика меѓународната финансиска криза. Потполно беа замрзнати сите девизни трансаксии на еден месец.

Како се спасија?

На два референдума Исланѓаните одлучија дека не сакаат да ги спасат банките (значи, непромислените вложувања на странските инвеститори, но и штедачи) со јавни пари и ги одбија кредитите на Велика Британија и Холандија за покривање на обврските на Ландсбанка во таа земја. Владата го стегаше ременот, а расходите за социјалата во буџетот не се зголемија со предкризните 42 проценти.

Дозволија да продолжи девалвацијата на круната (девизниот курс во однос на еврото се зголеми двапати!), иако тоа ја зголеми инфлацијата до 19 проценти и долговите на домаќинствата чии станбени кредити беа поврзани со инфлацијата или странската валута. Строго го контролираат дотокот на капитал. Прифатија 5,1 милијарда долари кредит од ММФ и скандинавските земји за финансирање на буџетот и основање домашни банки.

Како им е денес?

Откако невработеноста го достигна врвот од 9,3 проценти во февруари 2010 година, кон крајот на минатата година се намали на околу четири проценти. Во 2011 година, две години по падот (-6,6 проценти во 2009 и -4,1 процент во 2010), исландската економија порасна за солидни 2,7 проценти, а трендот со слични стапки продолжува.

Инфлацијата се спушти на 4,2 проценти во декември. Во ноември, владата донесе одлука дека на Исланѓаните со станбени кредити ќе им даде износ во висина од 7 проценти од БДП, кој, меѓу другото, ќе го финансира со даноците од банките. Запрен е растот на јавниот долг, кој како удел во БДП полека се намалува по скокот од 43,7 проценти од БДП во 2007 година, на 89,3 проценти во 2008 година, и максимални 117,9 проценти во 2011 година.

Извор: Jutarnji list

ОкоБоли главаВицФото