Кралот прогласи крај на социјалната држава

28.09.2013 09:21
Кралот прогласи крај на социјалната држава

Кралот Вилијам - Александар во обраќањето до холандскиот народ, емитувано во живо на националната телевизија, ја пренесе пораката на владата: социјалната држава на XX век е минато.

Наместо неа се појавува „партиципативното општество“ во кое луѓето мораат да преземат одговорност за сопствената иднина и за создавањето на свои социјални финансиски сигурносни мрежи, со мала помош на државата.

Кралот со украсена кочија пристигна до Палатата на витезите од XIII век во Хаг, да одржи традиционален годишен говор на денот кога владата го претставува буџетот за наредната година. Ова беше прво појавување на Вилијам - Александар на национална сцена, од абдикацијата на поранешната кралица Беатрикс и неговото доаѓање на престолот во април.

„Преодот на 'партиципативното општество особено е забележлив во социјалната сигурност и долгорочната здравствена нега“, рече кралот, читајќи им го говорот на законодавците што му го подготви владата на премиерот Марк Рут.

„Класичната социјална држава во втората половина на XX век, особено во овие области, воспостави уредувања кои во сегашен облик се неодржливи.“

Рут можеби сметал на тоа дека помпата и церемонијата кои го опкружуваат кралот и неговата популарна жена, кралицата Максима, ќе го свртат вниманието на граѓаните од мрачната реалност на буџетот полн со непопуларните засеци, што тој ги претстави истиот ден.

Долгата низа на неодамна спроведени анкети покажа дека довербата во владата на Рут е рекордно ниска, и дека поголемиот дел од Холанѓаните – вклучително и работните синдикати, здружението на работодавачите и многуте економисти - ја сметаат политиката на штедење на оваа влада за макар делумно одговорна за влошувањето на холандското стопанство, додека закрепнувањето е во тек во соседна Германија, Франција и Британија.

По неколку последователни години на кратење во државната потрошувачка, очекуваниот економски пад надминува еден процент во 2013, а се проектира раст од само 0,5 проценти за наредната година.

„За неопходните реформи е потребно време и тие бараат упорност“, рече кралот. Но, тие ќе „постават темели за отворање на нови работни места и обновување на довербата“.

Вилијам-Александар кажа дека во денешно време луѓето очекуваат и „сакаат самите да донесат одлука, да го уредуваат сопствениот живот и да се грижат едни за други“.

„Партципативното општество“ веќе долго се приближува: бенефициите како што се надомест за невработените и субвенции за здравствено осигурување, редовно се укинувани во изминатите десет години. Старосната граница за одење во пензија е подигната на 67 години.

Кралот во вторник рече дека некои трошоци како што се грижата за старите, службата за младите и преобуката за отпуштените работници, сега ќе бидат препуштени на локално ниво, за да бидат подобро прилагодени на локалните услови.

Кралот добива годишна плата од околу 825.000 евра, иако одржувањето на кралската династија - дворците, парадите и сѐ останато - ја чини државата повеќе од 100 милиони евра годишно.

Ревизијата на буџетот што ја спроведе независната ревизорска агенција покажува дека во 2014 дефицитот ќе се зголеми за 3,3 проценти од БДП, и покрај новите резови на потрошувачката за намалување на дефицитот.

Правилата на еврозоната пропишуваат дека државниот дефицит мора да биде под 3 проценти, а меѓу европските лидери Рут и германската канцеларка Ангела Меркел, посебно се истакнуваа во барањето јужноевропските земји да ја исполнат таа цел.

Меѓу останатите мерки, владата најави уште 2.300 откази во војската. Во 2012 е донесена одлука бројот на вработени во оваа област да се намали за 12.000 - што е една шестина од вработените - помеѓу 2012 и 2015 година.

Меѓутоа, владата во вторникот објави дека дефинитивно одлучила дека нема да отстапи од програмата за развивање на новите воени летала „Joint Strike Fighter“ под раководство на САД. Таа програма ги проби сите граници на трошоците и создаде поделба во владината коалиција на Рут.

Расправата за буџетот кон крајот на неделата ќе ја одреди иднината на коалицијата, која нема мнозинство во горниот дом, па мора да бара помош од опозиционите партии за одобрување на буџетот.

На прашањето дали неговата влада е во криза, Рут во интервјуто за националната телевизија NOS во вторник кажа дека сигурно ќе добие поддршка за буџетот.

„Во решавачкиот момент, опозицијата ќе биде спремна да го даде својот придонес“, изјави тој.

Герт Вилдерс, чија екстремно десничарска Слободарска партија моментално води во анкетите, вели дека буџетот на Рут претставува „шутирање на веќе соборената земја“.

Извор: The Independent

ОкоБоли главаВицФото