На вечен студент му умрела последната врска за вработување

05.02.2013 09:13
На вечен студент му умрела последната врска за вработување

Неготино, 5 февруари 2013

Милан Стојановски, 35-годишен студент од Неготино, вчера го изненади непријатна вест - долгогодишниот шеф на неговиот татко, Г.Т. ненадејно почина од срцев удар. Инаку, Г.Т. на Милан му бил последната врска за вработување, а поради овој немил настан Стојановски сè повеќе размислува за тоа да се отпише од факултетот.

„Оваа вест навистина ме погоди. Толку сум тажен што мислам дека ќе морам да го пропуштам јануарскиот испитен рок, за кој многу се подготвував. Иако знам дека човекот не е виновен, морам да признаам дека сум малку разочаран, зашто шефот на татко ми секогаш ми велеше само да завршам факултет, а за останатото да не се грижам“, вели Милан и додава дека сега не знае што да прави.

Овој студент признава дека не знае дали има поента да ги продолжи студиите, зашто не може да верува дека „од толку многу врски паднал на ниедна“. Милан истакнува дека во животот секогаш го следела несреќа, а случајот со неговиот факултет и врските за работа е само еден од таквите примери.

„Таман влегов во темпо на полагање два испити годишно, одненадеж умре тетката на баба ми, а подоцна и другарот на дедо ми од детството, инаку судија во пензија. После тоа од деветти пат конечно положив Методика на настава по ликовна култура, што е најтежотк испит на Педагошкиот факултет, кога ме остави поранешната девојка, чија баба беше директорка на едно основно училиште“, истакнува Милан.

Ако тој сепак одлучи да остане на факултетот, верува дека работа може да му најде еден школски другар кој му ветил дека за една до две години ќе стане директор на едно јавно претпријатие. Стојановски истакна дека ова би можело да му биде добар мотив да заврши факултет, иако шансите „да даде два испита за толку кратко време“ се реално мали.

Извор: www.njuz.net