Скулптурите на Муек инспирација за спот

28.02.2013 16:26
Скулптурите на Муек инспирација за спот

Ени Кларк, американската кантавторка и мултиниструменталистка, позната под уметничкото име St. Vincent секогаш тежнее кон експресивност, како во својата музика, така и во видео клиповите со кои истата е проследена. Во својот нов спот потсетува на често занемарениот уметнички потенцијал на музичкото видео како медиум, овој пат понепосредно од кога било.

Градејќи го визуелниот идентитет за песната „Cheerleader“ од нејзиниот трет студиски албум „Strange Mercy“, режисерот Хиро Мураи посегнал по инспирација кон делото на Рон Муек, австралискиот скулптор-хиперреалист, чии неверојатно големи, или пак мали скулптури од фиберглас и силикон, претставуваат предизвик за перцепцијата на гледачот.

Играјќи си со односот на големината на релација „човекот како гледач - човекот како скулптура-простор“, Муек го евоцира моментот на семантичка перспектива; става нагласок на ранливите и слабите, правејќи ги незаобиколни.

Неверојатната техничка вештина на уметникот се огледува во финалната реалистичност на неговите дела, тежнеење поради кое Муек во силиконот на скулптурите ќе прицврстува влакно по влакно од косата.

Токму затоа кадрите од спотот на Мураи лесно можат да ве наведат да помислите дека Ени Кларк е ново дело на Муек. До душа, овој пат со своето „јас“. Видео артистот создаде свет во чиј центар е Ени, гигантска скулптура во галериски простор, која со помош на јаже и дигалка музејските работници како марионета ја подигнуваат пред посетителите, но таа се ослободува од јажињата и ги прави првите свои чекори, по цена - бидејќи е направена од кршлив материјал - да се скрши.

Актерската интерпретација на пејачката, како и атмосферата на музиката и стиховите се проникнуваат на изместен и мистичен начин, повикувајќи на препознавање во окото на гледачот.

Интересно е тоа дека Муек ја започнал својата кариера како куклар, работејќи со творецот на Мапет, Џим Хенсон, на проекти како филмот „Labirint“ и серијата „The Storyteller“. Со тек на време станал вешт во изработка на сè пореалистични модели, а најпосле го направил оној џиновски чекор кон авторски уметнички израз, чија препознатливост го одведе со милји далеку од останатите. Краткото видео на British Museum со преглед на скулпторските дела на Муек може да го погледнете овде.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото