In memoriam: Никола Младенов

27.03.2013 16:40
In memoriam: Никола Младенов

Еден живот помалку, една смрт повеќе. И многу вистини урнати во калта на македонското секојдневие. Со смртта на Никола Младенов не загуби само неговото семејство и неговите пријатели. Неговото трагично заминување од овоземскиот живот е непремостлива загуба не само за македонското новинарство, туку за севкупното и онака нарушено општествено здравје. Бидејќи, Никола Младенов не беше само пионер на македонскиот плурализам, не беше само придвижувач на слободната мисла, Никола Младенов беше столб на слободата. Упорен, настојчив и длабоко убеден дека слободата на говорот е фундамент на секоја цивилизација, дека е неприкосновено и основно човеково право, Никола Младенов направи повеќе за демократизацијата на ова општество од која било политичка партија и која било власт. И уште повеќе: најчесто токму политиката, онаа дневната, прагаматичната му беше најголемиот кочничар во тежненијата да го оствари неговиот идеал.

Уште како млад новинар, кон крајот на 80-те години од минатиот век, го разбранува македонското едноумие, како челник на „Млад Борец“, тогаш еден од ретките медиуми што отворено пишуваше за комунистичките петна и таканаречените табу теми. Со распадот на општествениот систем, се распадна и она што до тогаш се нарекуваше македонски медиумски простор. Но, затоа тука повторно беше Никола Младенов. Првин ја покрена радио-станицата „Либертас“ (едно од првите приватни радија во Македонија), а потоа и неговиот „Фокус“, неделник со најдолг стаж во македонското, по правило краткотрајно, новинарство. Кога на професијата сериозно ѝ се закани затемнување, Младенов започна да го издава и дневниот весник „Фокус“, една од ретките светли точки во овдешниот медиумски мрак. Иако влезе во списокот на новински магнати, тој беше и секогаш остана новинар. А тоа мора да се потенцира.

Младенов, треба и тоа да се каже, имаше многу непријатели, и тоа таму каде што опортуниот човек не треба да ги има: меѓу претставниците на највисоката политика и меѓу најмоќните олигарси. Доживуваше и преживуваше секакви притисоци, од физички напади до судски процеси. Ќе остане запишан во црните анали на македонското секојдневно новинарско мачење и како новинар што ја платил највисоката казна за клевета на еден врвен политичар. И во моментот на трагичната погибија против него државните функционери водеа судски спорови.

Но, Никола Младенов не можеше да се скрши. Ни физичките напади, ни вербалните притисоци, ни судските закани. Ништо не можеше да ја урне неговата мисија за една подобра Македонија, онаква каква што ја заслужуваме.

Лесно е Никола да ти порачаме да почиваш во мир, лесно е да ти ветиме дека твоето дело ќе биде продолжено. Но, не знаеме Никола дали сме кадарни да го направиме тоа. Затоа што без тебе, колега, повеќе никогаш ништо нема да биде исто. Како што, конечно, за наша голема среќа, со твојата појава ништо во Македонија не остана исто.

Слава ти!

Извор: ssnm.org.mk