Пијаница

06.04.2013 18:37
Пијаница

Почнувајќи од XIX век, набабреното тело станува видливо во општеството. Особено кога ќе се наполни со претерана количина алкохол. Дебел и полн со г.... станува пцовка. Да се биде „налиен“ означува да се биде премногу напиен, а лексикографското поле е преполно со метафори за мешината. Поимот винопиец доживува метаморфоза: оној којшто досега беше само бонвиван, можеби по малку поднапиен, љубител на виното, разузданите потези и разврзаниот јазик, сега станува гадна пијаница, опасен алкохоличар. Во 1849 година, шведскиот лекар Магнус Хус ги обедини етиолошките карактеристики за да ја дефинира новата болест, хроничен алкохолизам. Но, на општествено ниво директно избива старото опивање кога е потребно да се опише новиот облик на деликвенција: „ноторното и јавно“ пијанство. Не е неважно да се констатира дека во иста година, 1872, службата во војска станува задолжителна, а уличното пијанство и официјално казниво. Плакатите на коишто пишувало „опивањето на јавно место се казнува“ и коишто биле истакнати на продавниците за алкохолни пијалaци, сведочат за новата општествена неприлика. И француско-германската војна, изгубена на кукавички начин, помина низ тоа: пијаната француска војска не марширала, барем не во строен чекор. „Регрутната“ комисија сепак морала да ги избира бранителите на татковината, гимнастиката да ги подготвува децата во училиштата, а пијаниците да се трезнат во самиците.

Некогаш само месецот септември, месецот на бербата на грозјето, бил соодветен за карикатуристите Шама, Гаварни и другите Домиеи на новинарските цртежи од тоа време да се препијат, кутрите, сок од грозје. Тогаш, најголем дел од сликите што ги прикажуваат, воедно и ги осудуваат лицата што ги „фатило пиењето“. Во текот на целата година се обрнувало внимание на опивањето од вино и на другите „ѓурултии“, а ако ја зборуваме вистината, всушност се жигосувале тие луѓе по весниците, а во почетокот на XX век и по разгледниците. Книжевноста и ликовните уметности прикажувале поучни портрети. Дувло (L’Assommoir) од 1876 година прикажува бројни епигони; не се ни знае бројот на слики на „пијачите на апсинт“ од Дега до Пикасо; и кинематографијата од самите свои почетоци снима морализаторски филмови. Од 1895 година, антиалкохоличарските препораки на таблите во воспитните установи, поучните прирачници и сликички ги наведуваат децата да размислуваат за општествено прифатливото морално однесување. Уште од тогаш се велело: „Се виде ли на што личеше кога се напи?“

Уште повеќе од сетилото за мирис поради лошиот здив, нападнато е сетилото за вид. Пијаницата го оддава држењето, исто колку и гримасата на лицето. Физиогномиката, дефинирана на почетокот на XIX век како вештина на запознавање на човекот врз основа на проучувањето на неговото лице и „изразите што му се провлекуваат кога не размислува“, изнаоѓа нова употреба: таа може да гарантира дека опасниот пијаница ќе биде изложен на јавна осуда. Антиалкохоличарите предложуваат серии разгледници што зборуваат за (а понекогаш и ги бројат) паѓањата по испиените чаши и чаши. На пример: „Напред на алкохолот!“ во дванаесет фотографии. Однесувањето на винопиецот се прераскажува како недвосмислена катастрофа: по среќниот и плоден брак, мажот, којшто другарите го одвеле од работното место во кабаре, попушта пред искушението на уште една чаша и на крајот ранува еден од нив; потоа го одведуваат во азил каде што умира од драматичен настап на delirium tremens.

Опишано феноменолошки, може да се рече дека сценариото на пијанството се гради во четири времиња, четири чина:

1. хоризонтално движење: етилна прошетка – да се тргне во потрага по шишето; да се отрча во кабаре;

2. вертикално движење: да се пие. Испрекинатиот говор јасно покажува како пијаницата преоѓа од свесно и промислено однесување, до механичко и грчевито. Од „да натегнеме по една“, до „локање“ или „налевање“;

3. хоризонтално и нестабилно движење: се забрзуваат потезите на телото. Пијаницата пее, мавта со рацете, се занесува додека оди. Почнува да се забележува неговото пијано однесување и често го исфрла она што е внатре: мочта, потта, ждригањето, зборовите, мислите, понекогаш и насилството (тепачките во кабареата);

4. вертикално, дијаголнално движење: по долго време на празни и остри зборови и потези, доаѓа време на повлекување и смирување. Социјалното исклучување е во зенитот додека човекот едвај забележително паѓа во сон. Пијаницата ја губи својата човечка одлика; се претвора во свиња. Се лепи за уличната светилка како пес. Тоа е слегување во асоцијалниот пекол.

Социјалното тело е пијан брод, би рекол Рембо. „Рушевините“ од животот се натопени и ги покажуваат своите безоблични лешеви, своите телесни несовршености. Треба да се исчисти социјалното тело, треба да се исчисти улицата. Метафорите на победоносната хигиена на здравјето се здружуваат во бучен хор. Се забрзува чекорењето кон санитарната асептичност. Законите за јавно здравје и безбедносната профилакса се нижат низ целиот век: од 1917 година, новиот Закон за опивање на јавно место; 1954 година, за опасните алкохоличари; 1965 година, за однесувањето во алкохолизирана состојба итн.

Извор: Le dictionnaire du corps
Слики: The Royal Art Lodge

Слични содржини

Теорија
Книжевност / Живот
Теорија
Живот / Култура / Теорија
Теорија
Квир / Теорија

ОкоБоли главаВицФото