Вино и млеко

15.04.2015 14:02
Вино и млеко

Француската нација го доживува виното како добро кое ѝ припаѓа според истото право како и 360-те видови сирење и нејзината култура. Тоа е пијалак-тотем, кој одговара на млекото на холандските крави или чајот кој англиското кралско семејство церемонијално го пие. Башлар веќе даде супстанцијална психоанализа на оваа течност: на крајот од својот есеј за соништата за волјата, тој покажува дека виното е сок на тлото и земјата, дека неговата основна состојба не е влагата, туку сувоста и дека од сите митски супстанци, тоа е најголема спротивност на водата.

Виното, до душа, како жив тотем, се потпира на разноликата митологија на која не ѝ пречат противречностите. Секогаш се смета дека таа наелектризирана супстанца, на пример, најделотворно ја ублажува жедта или барем жедта служи како прв изговор да се пие („жешко е“). Кога станува збор за црното вино, неговата многу стара хипостаза е крвта, густата и животна течност. Меѓутоа, не е важна неговата течна форма, тоа е пред сè супстанца која преобразува, способна да ги пресврти приликите и состојбите, и од предметите да ја изведе нивната спротивност: на пример, да го направи слабакот силен, а молчаливиот брбливец; оттука неговото старо алхемиско наследство, неговата филозофска моќ да претвора или да создава ex nihilo.

Бидејќи според суштината е функција, па термините можат да се менуваат, виното поседува навидум пластична моќ: тоа може да послужи како изговор и на јаве и на сон, зависно од корисникот на митот. За работникот, виното ќе биде оспособеност, демијуршка леснотија за извршување на работата („да се работи со срце“). За интелектуалецот, тоа ќе има обратна функција: „чашата бело вино“ или „божоле“ ќе има задача да го одвои писателот од преобичниот свет на коктелот и скапоцените пијалаци (единствените кои на снобизмот му паѓа на памет да му ги понуди), виното го ослободува од митовите, тоа му го отстранува интелектуализмот, го изедначува со пролетерот, со виното интелектуалецот се приближува до природната мажественост и мисли дека ќе го избегне проклетството кое поради век и пол владеење на романтизмот продолжува да ја притиска чистата церебралност (знаеме дека еден од својствените митови за модерниот интелеткуалец е опсесијата со проблемот „да се има она што вреди, она што значи“).

Меѓутоа, посебноста на Франција лежи во тоа што моќта на конверзијата на виното никогаш не го искажува отворено тоа како цел: другите земји пијат за да се напијат, и тоа сите ќе ви го кажат. Во Франција, пијанството е последица, а никогаш цел, пијалакот се доживува како оддавање на задоволство, а не како нужна причина за последицата кон која се тежнее. Виното не е само напиток, тоа е и траен чин на пиење: движењето поседува декоративна вредност, а моќта на виното никогаш не се одвојува од неговите начини на постоење (токму обратно, вискито, на пример, се пие затоа што пијанството од него е „најпријатно и предизвикува најмала мачнина“, па се голта одново и одново ,што се сведува на чин-причина).

Сето тоа е познато, илјада пати кажано во фолклорот, пословиците, разговорите и Книжевноста. Меѓутоа, токму оваа универзалност го вклучува конформизмот: верувањето во виното е присилен колективен чин. Французинот кој би останал воздржан кон митот за виното би се изложил на ситни, но одредени проблеми во интеграцијата, меѓу кои прв е неопходноста да се правда. Принципот на универзалност овде важи во секој поглед, во смисла дека општеството го именува за болен, неспособен или настран секој што не верува во виното: тоа не го прима (во интелектуална и просторна смисла). И обратно, сведоштвото за добрата интеграција му се доделува на оној кој се држи до виното: да се знае да се пие е национална техника која го одредува Французинот, истовремено докажувајќи ја неговата ефикасност, неговата контрола и неговата социјалност. Виното на тој начин е темел на колективниот морал во склоп на кој сè се оправдува: испадите, несреќите, злосторствата кои несомнено се можни со виното, но никогаш злобноста, подмолноста или грдотијата. Злото кое може да се изроди е од судбинска природа и затоа тоа се извлекува од казнување, тоа е зло на сцената, а не зло на темпераментот.

Виното е социјализирано затоа што на него не се темели само моралот, туку и доличноста. Тоа ги украсува најситните церемонии на француското секојдневие, од ужината (голема чаша црно вино, камембер), до славјето, разговорот во бистро, до говорот на гозба. Тоа ја истакнува климата, каква и да е, на студот се поврзува со сите митови за загревање, а на кучешка горештина со сите слики на ладовина, свежина и рескост. Нема ситуација во која непријатните физички услови (температурата, гладот, досадата) не го донесуваат сонот за вино. Комбинирано како основна супстанца со други прехранбени фигури, тоа може да ги покрие сите простори и сите времиња на Французите. Штом се најдете во некоја секојдневна ситуација, отсуството на вино шокира како нешто егзотично. Кога г. Коти на почетокот на својот седумгодишен мандат се фотографираше пред семејната маса на која изгледаше дека шишето Димеснил чудно заменува литар црно вино, цела нација се вознемири - исто како што би било неподносливо да има крал ерген. Виното овде е нешто што го наложуваат државните причини.

Башлар несомнено имаше право кога ја наведе водата како спротивност на виното: митски тоа е точно, но социолошки, барем денес, повеќе не е така. Економските или историските околности ја пренесоа таа улога на млекото. Тоа сега е вистинското антивино, и тоа не само благодарение на иницијативите на господинот Мандес-Франс (со кои без да сака предизвика митолошки ефект: кога пие млеко на говорницата тоа станува како спанаќот за Попај), туку и затоа што во големата морфологија на супстанцата, млекото е спротивност на огнот по молекуларниот состав, по кремастата и оттука смирувачка природа на површината. Виното осакатува, тоа е хируршко, тоа менува и породува. Млекото е козметичко, тоа врзува, окрепува, закрепнува. Освен тоа, неговата чистота, поврзана со детската невиност, е гаранција на силата, сила која не се исцрпува и не угнетува, туку е мирна, бела, сјајна, сосема еднаква на реалната. Некои американски филмови во кои јунакот, бестрашен и чист, не се плаши од чашата млеко пред да го извади колтот со кој дели правда, го подготвија формирањето на тој нов парсифалски мит: и денес во Париз, во круговите на мажиштата и скитниците, се пие чуден сируп со млеко, по потекло од Америка. Меѓутоа, млекото останува егзотична супстанца, а виното е национална.

Митологијата на виното може да ни помогне да ја сфатиме вообичаената двосмисленост на нашиот секојдневен живот. Имено, вистината е дека виното е убава и добра супстанца, но исто така е точно дека неговото производство во голема мера придонесува за францускиот капитализам, без оглед дали се однесува на производителите кои печат ракија или на алжирските велепоседници кои на муслиманот, на истата земја која му ја одзеле, му наметнуваат култура со која тој не знае што да прави, на кого му фали леб. Има толку фини митови кои воопшто не се невини. А на нашето сегашно отуѓување својствено му е тоа што токму виното не може да биде супстанца која шири среќа, освен ако неправедно заборавиме дека тоа е исто така производ на развластувањето (expropriation).

Извор: Roland Barthes, Mythologies, Éditions du Seuil, 1957
Слики: Baldassarre Franceschini (1670), Gustave Courbet (1844-47)

Слични содржини

Квир / Живот / Култура / Теорија
Уживање / Теорија
Живот / Култура / Теорија
Општество / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото