Заробен

26.04.2013 10:51
Заробен

КРАЈ

Како рози сме што никогаш не се труделе
да расцветаат кога требаше да расцветаме и
тоа е како
на сонцето да му се згадило од
чекање


МЕЛАНХОЛИЈА

историјата на меланхолијата
н
è вклучува сите


КАКО ТИ Е СРЦЕТО

во моите најлоши времиња
на клупите во парковите
во затворите
или кога живеев
со курви
секогаш имав одредено
задоволство-
не би го нарекол среќа-
повеќе беше некаква внатрешна
рамнотежа
што средуваше
што и да се случеше
и ми помогна во
фабриките
и кога врските
со девојките
одеа
наопаку.


ЕВЕ СУМ...

повторно пијан во три сабајле со речиси испразнето второ шише
вино, напишав десетина до петнаесет страници
поезија
старец
збудален по месото на младите девојки во овој
самрак што исчезнува
џигерот отиден
бубрезите речиси
панкреасот мртов уморен
притисокот-највисок


ПРИЧИНА И ПОСЛЕДИЦА

најдобрите често креваат рака на себе
само за да побегнат,
а оние што ги оставаат зад себе
никогаш не можат да сфатат
зошто некој
воопшто би сакал
да побегне
од
нив.


И МЕСЕЧИНАТА И ЅВЕЗДИТЕ И СВЕТОТ

Долги прошетки навечер-
тоа е она што е добро за душата:
да ѕиркаш низ прозорци
да гледаш уморни домаќинки
како се обидуваат да се одбранат
од нивните мажи збудалени од пивото.


ПАРИЗ

никогаш
дури ни во помирни времиња
не сум сонувал
како возам
велосипед низ
тој град
носејќи
беретка

а
Ками
секогаш
ми одел
на
нерви.


ЗАРОБЕН

не ја соблекувај мојата љубов
може да најдеш манекен:
не го соблекувај манекенот
може да ја најдеш
мојата љубов.

 

Превод: Иван Шопов
Сликa: Кери Џексон

ОкоБоли главаВицФото