Конески: Кажувања (3)

23.10.2009 13:45
martinoski_4.jpg

Тргнување на училиште

Јас почнав да учам во Небрегово и првото одделение го завршив таму. На шест години ме запишаа, а причината за тоа е што тогаш прв пат се отвори училиште во нашето село. Дотогаш децата оделе во Дреновци. Се барал некој број на ученици за да може да се отвори во селото посебно учулиште. И, за да се пополни бројот и мене ме внесле, на шест години.

Сега во Небрегово има училишна зграда. А тоа училиште се отвори во простории што í припаѓаа на црквата. Како што е таа заградена, внатре има една просторија приземна, што можеме да ја сметаме како конак црковен. Тука има трем покриен. Кога е невреме луѓето се засолнуваат, жени таму раздаваат за душа... А има и заградена просторија, веројатно за уште полошо време предвидена, за зиме. Таа просторија беше адаптирана за нашата основна школа во Небрегово. Во црковниот двор се наоѓа и гробот на дедо ми. Имаше неколку гробови на поистакнати луѓе. И се сеќавам, кога беше првата прослава на Свети Сава, значи во прво одделение, тогаш нè почестија со бонбончиња, правени примитивно од оние прилепски шеќерџии. На гробовите беа подавани тие чинии со шеќерчињата, со леблебии, со што да е, и, ние таму се честевме. А веќе јас го завршив првото одделение во Небрегово, таа година есента пак негде околу почетокот на школската година веќе се преселивме во Прилеп. Второто одделение во Прилеп го почнав. И натаму во Прилеп се учев до полуматурата.

Во Небрегово дојде една учителка, млада. Тоа и’ беше првото работно место. Учителка од Србија. Милица се викаше. Дојдена со својата мајка. Ја паметам.

Сега можам да се сетам дека некои зборови не сме ги разбирале. Меѓутоа, ние не сме правеле воопшто некаква разлика, не ни доаѓало до свеста дека е тоа, да речеме, нешто друго. Отспрвин детето за тоа не води сметка. Но, гледа дека некои зборови му се смешни. Се поклопуваат со македонски зборови што имаат друго значење. Или, да речеме, ако се учи песничка, се гледа дека детето ги дели зборовите така, што е јасно дека не ги разбира. Јас се сеќавам како никогаш не сум знаел, не сум можел да сфатам што значи „мар-ши-рала краља Петра гарда“.

Знам кога беше испитот, во прво одделение, доаѓаше школскиот надзорник. И, тој мене ми постави прашање, нешто како собирање: колку се два кола и три кола. За него тоа значело, можеби, колце. А јас не знаев, јас бев збунет. Не знаев што значи тоа. Ми се мешаше со кола... Јас веројатно доста рано и доста добро сум ги совладал тие елементи, да речеме, падежите. Но, во секој случај, веќе кога тргнав в гимназија, значи на десет години, јас можев пристојно да пишувам српски...

Букварот го паметам, таблицата... Паметам дека добив награда книга на крајот на годината и тоа ми била прва лектира. Тие книги што ги добивавме на крајот на годината, обично беа некои избори од народни песни или мали прикаски. Многу радо ги читав дома на баба ми. Просто, мислам дека им досадував со тоа што барав да ме слушаат, да им читам. Инаку паметам уште еден момент, кога ги учевме бројките. Дека не можев бројот два да научам да го напишам. Никако. Тешко ми беше. Плачев. И татко ми ми помагаше. Најпосле прашањето се реши со тоа што пишував еден, па долу, оној дел од двојката. (Се смее).
Сега се сетив за нешто сосема друго, поатрактивно. Веројатно тоа било во мојата шеста година, кога сум тргнал на училиште. Тогаш сум видел првпат автомобил во Небрегово, за време на избори. Доаѓаа по агитација тие кандидати за пратеници, со некаков автомобил, стар тип. Ќе дојдат да направат впечаток и знам селани рипаа на платформите. Можеше да се стои однадвор, до вратата. И особено ме развеселуваше тоа што фрлаа летоци. Бидејќи зборувавме за книги, се сетив и за ова, за летоците, како за печатен материјал. Тие страшен впечаток ми направиле. Беа црвени и зелени, на ливчиња. И после, тоа ми беше еден мотив во сништата долго време. Сонував дека негде чепкам некое буниште, има фрлени книжишта и одеднаш - ууу! наоѓам такви зелени и црвени книжиња. Не се сеќавам што пишуваше на нив.

Од игрите најмногу ја игравме онаа, „бишката“. Има една дупка, па се зема нешто што и да е, кутија, врзопче или дрво некое. Треба и стапови. Еден вид примитивен голф. И челикот го игравме. Тоа беа селски игри. А повозрасните, кога ќе имаше празник - фрлање камен, скокање. На сред село тоа беше. Момците, поголемите момчиња тоа го правеа. - Меѓу градското дете и селското дете има разлики во опитот, во тоа што го интересира, што знае., кои му се играчките, игрите. Селското дете не знае да игра со скокалчиња, џамлии, не знае со ашици. И цел ред други игри што ги има. В град фудбалот беше многу прифатена игра, а в село подоцна, можеби пред самата Втора светска војна.

 

Преселување во Прилеп

Никогаш не сум го прашувал татко ми - зошто тој решил да се пресели. Мислам дека една причина му била веројатно, моето школување. Главно, се пресели тогаш и еден негов другар. Значи, тие се договарале. Јас паметам како се делевме. Куќата се делеше... Со Киро, усвоениот, што го викав Брате. Меѓу татко ми и Киро се делеше куќата. Знам како ги делеа предметите. Да речеме, овде еден котел, таму друг котел. Па потоа - овде пет лажици, таму пет лажици, па после, веројатно со некоја ждрепка ги делеа. Нивите по истиот начин. Ги групираа; оваа нива со оваа, оваа со оваа. Потоа, се разбира, татко ми одел во Прилеп, купувал куќа и еден ден, некаде веројатно на крајот на август, зашто пред почетокот на школската година ние тргнавме за Прилеп. Јас дотогаш воопшто не бев видел град. Тргнавме некаде попладнето, дури откога поминала горештината. Она, што имавме пљачки наши, сето тоа натоварено на некои коли селски... Не со коњи. Јас повеќе би рекол коли со волови... И, оние дрвени, примитивни коли. Можеби имаше некои и со две колца, некои со четири. Не знам... Еден мал карван, нели. На една од колите постилач до горе и нам ни направија најгоре легало, на децата. Три деца, јас и двете сестри. И, ние, бидејќи веќе се ближеше мракот, таму и си легнавме и заспавме, горе на колата. Колите си оделе, се движеле накај Прилеп. По едно време јас се разбудив.

Почувствував дека нешто станало. Се разбудив. Луѓето ги гледам, стојат колите, луѓето кај што зборуваат, нешто околу колите работат. Меѓутоа, тоа е впечатокот после. А првиот впечаток е ова: будење ненадејно и едно огромно ѕвездено небо. Едно изненадување неверојатно, неочекувано среќавање со тие гроздови од ѕвезди. Јас до сега не можам тоа да го заборавам, никогаш не сум имал после таков контакт со небото. Јас ви кажувам дека ние и сме спиеле надвор, и за мене тоа не беше новост. Новост беше ненадејното будење. Дете очекува дека ќе се најде во соба, дома, но одеднаш се наоѓа на отворено, спрема едно небо августовско, онака богато, ведро, полно со ѕвезди. Ѕвездите трепкаат. И тој впечаток ми беше првиот и траен впечаток. После можев да разберам дека некоја оска од возењето и од тежината почнала да се пали на колите, па ги ладеа оските. Тука некоја чешма имало.

Тринаесетте километри до Прилеп ги минавме за шест часа. Во градот стигнавме утрото.

 

Првото среќавање со градот

Се раздени и тогаш влеговме во Прилеп. И тоа не можам да ви го опишам. Каков стрес тоа беше за мене. Во какво чудо се најдов. Бев запрепастен одеднаш.: куќи, некои долги сокаци, некои чудни предмети. Сè поинаку од оној амбиент на кој сум свикнал до тогаш. Луѓе се движат ваму-таму и тоа јас како една огромна опасност за себе го доживеав. Мојата средба со градот навистина ја сметам како едно големо искушение во мојот живот. И после сум патувал во нови средини, никогаш не ми било лесно. Почетокот, ми се чини, беше најтежок. Првото среќавање со градот.
Не бев подготвен. И, појдовме во таа куќа. кај што се населивме. С
è поинаку. Двор, поинаков. Како некое живинче уплашено првите денови се чувствував. Но, сепак, ме интересира - што е околу? Прво одев до портата. Ќе наѕрам надвор, по нашиот сокак лево и десно што има. И, пак бегам внатре. Потоа се осмелив до првото ќоше да појдам, па гледам дека таму тие улици одат на друга страна, си има раскрсница. Почнувам да стекнувам за таа топографија некаков опит. Но, сега, доаѓа веднаш потребата да одам на училиште. Мајка ми ме подготвува, ме носи до портата. А јас, како ќе одам, како ќе одам? И просто тука почнав да плачам - не, не можам да одам. Почнав да плачам и во тој момент едно дете, на налани, оди покрај куќите, по тротоарчето од калдрма, и вели - јас ќе те водам. Тоа дете во истото училиште оди и тоа дете да ти биде Коце Солунски. (Се смее). Ме зеде за рака... Ме зеде за рака и ме однесе тој в училиште и заедно седевме во иста клупа. Така да кажам, бевме неразделни во целото, натаму, основно училиште. После тој не продолжи школување. Јас отидов в гимназија, тој отиде на занает. Но, бевме неразделни. И, ете Коце е себап јас да се престрашам.

 

Прифатен од соучениците, несроден со чаршијата

После се вклучив, се разбира, во училиштето, се истакнував како ученик. Тоа ми помагаше. Бев секогаш меѓу најдобрите и тоа ми создаваше некаков престиж меѓу другите деца. Деца како деца, ме прифатија, се вклопив во нивните игри, во друго. И стана сè, горе-долу, после, сê обично и нормално. И го запознав Прилеп сè повеќе, иако морам да признам дека и до ден денешен јас не сум сроден со чаршијата. Чувствувам дека сум сепак човек надвор од нејзината сфера. А веројатно и чаршијата тоа го чувствува... Јас не сум адаптиран во Прилеп до таа мера што да станам, да речеме, еден од оние што се сродени со чаршискиот живот, со чаршискиот стил. Јас имам задржано нешто од селскиот стил. Мислам дека тоа мора да се чувствува и во мојот стил. Јас, на пример, чаршисикиот стил во многу нешто го критикувам. Тој ми е одбивен. На пример, не ги сакам чаршиските шеги, нивните вицови, јазични и така натака. Никогаш тоа не ме привлекувало. А право да кажам, при тоа адаптирање, бидејќи одело постепено во Прилеп, требало да се совлада еден огромен комплекс. Прво треба да дојде детето до првото ќоше. Па потоа до училиштето. Училиштето не беше далеку. Па потоа треба да појде, да речеме, на фудбал, на игралиштето да го однесат. Па треба на пазар. Треба во чаршија да се вклучи. Сето тоа вклучување во градот одеше кај мене доста тешко, беше придружено внатрешно со некои мои тескоби. На пример, за да го илустрирам ова, ќе ви кажам дека страшно тешко ми беше да одам на стрижење. Ми беше многу срам. Како ќе влезам сега јас во дуќан? Берберници доста во Прилеп и празни чекаат, одвај некој муштерија. А јас си шетам. Овде да влезам, ми е страв, многу е убаво. Онде да влезам, ми е страв. И дури, најпосле не најдов најнеугледна берберница во Прилеп. И тоа да ти биде берберницата на Тутета, што е после опишувана во расказот „Љубов“. А таа берберница стана после центар кај што и јас со мнозина други луѓе одев. Еден вид клуб, младински клуб во Прилеп. Бегајќи од поубавите места, и помодерни бербери, дојдов до таа берберница, скоро на уривање. Берберот го опишувам како бричеше, стариот Туте, и не гледаше добро, а повеќе по пипање.

...Се плашев од тоа дали знам да се држам, дали ќе знам како што треба да се претставам. И, одејќи од тоа чувство, јас сум доста чувствителен, ми се чини, за да не бидам навреден, јас сум одел таму кајшто најголема гаранција имам дека е опасноста мала. (Се смее). Таму секое попладне се среќававме, игравме шах. Имаше тука едно рекче и маслинки покрај рекчето. Имам и една песна, кога ги пресекоа маслинките...


                   „Си тече реката -
                   никому не му е жал
                   дека општината ги исече маслинките
                   над водата молкум наведени“...


Тоа е амбиентот. А во прво време бев дете, така да кажам, свикнато да биде прво во селото. И ете, доаѓа некој мал Цезар во Рим. (Се смее). Којзнае какво место таму еееј, треба да си наоѓа, некое место.

 

Новата куќа


Јас, заправо, не можам да се сетам точно како одел тој процес на адаптација спрема новата опстановка, во новата куќа. Таа нова куќа, очевидно, многу брзо ми станала драга и јас сум се сродил со неа, така што не чувствувам дека имало некој период на мачно приспособување. Куќата беше во авлија, оградена со висок ѕид. Мала, пријатна куќа. Бавчичка пред неа. Татко ми беше голем љубител на градинарството и тој убаво ја одржуваше бавчата. Беше оформил нешто како мало бавче со розетки, со леи, оивичени со зеленика. Освен главната зграда имаше таканаречени мудбаци. Тоа се ниски, приземни постории. Во нив се сместуваа - во еден дел кујната и амбарот, а другите две простории служеа за живеење. Главно лете. Инаку, куќата беше купена од Турци. Претполагам, негде 1928 година. Беше купена од Турци и тие останаа наши комшии до по Втората светска војна, Ние имавме со нив и комши-пенџере, така што се случуваше жените нивни, кога ќе посакаат, само да нема мажи од наша страна, идеа во посета кај мајка ми, да поседат... Имале две куќи. Оваа ја продадоа. А после, тие, веќе по Втората светска војна се преселија...

Во нашиот сокак имавме повеќе турски куќи. Луѓе од селата ги откупуваа тие куќи и се настануваа во нив. И, дури јас бев дете, имавме доста другарчиња Турчиња. Заедно игравме, заедно бевме често. А со овие најблиски комшии, ги викавме Даутовци, ние имавме многу добри односи. Се сеќавам за стариот Џемаил, шеф на таа куќа. Тој имаше тројца синови. Идеше секогаш кај нас на празници, на Велигден, на Божиќ. Се сеќавам за некои разговори што ги водел. Од него сум запаметил една работа. Му велеше на татко ми: „Ордане, човек кога ќе ти влегува дома, прво да гледаш какви му се чевлите. Ако му се чисти чевлите, тој е човек како што треба. Ако не му се чисти, чувај се од него“. Тоа толку ми се врежало, што и до сега мене, ако не ми се чисти чевлите, многу неудобно се чувствувам. (Се смее). Инаку, таа адаптација кон куќата очевидно одела многу брзо. Јас таа куќа многу ја сакав. После ја продадовме, во шеесеттите години, кога моите родители се преселија во Скопје.


Продолжување на школувањето

Значи, и во Прилеп бев потврден како одличен ученик. И секогаш. Еден момент исто така беше важен: преоѓањето во гимназија. Тогаш воведоа приемен испит, првпат за гимназија. Таа тогаш се учеше од први до осми клас. Јас го положив тој испит и веќе нè распределија по класови. Веќе немаше само еден учител. Односот не е така интимен како во основното училиште. - Во основното нê водеше еден учител. Мирко го викаа. Прилепчанец беше. Ги менувавме зградите, но тој нè водеше... Можеби имало и некој друг, но, главно него го паметам како учител. - Ваму, во гимназијата, се разбира, ситуацијата се разликува. Прво доаѓа таканаречениот разреден старешина, класен раководител. И - прва сцена. Тој предаваше географија. Се качува на катедрата, оди. Што ќе прави? Ние исплашени. Во втората клупа две Турчиња со фесови. Ибраим и Алија. А тие беа во основно училиште заедно со мене. Веројатно први од Турчињата што требаше да заодат в гимназија. И тој зеде, фесовите ги грабна, ги фрли на земја, ги гази. Јас бев страшно потресен. Почувствував, тоа беше едно насилие, што и на сите нас може да се пренесе. Оти, во основно училиште, Турчињата имаа право со фесови да седат, дека така барала нивната религија, да не ги симнуваат капите. И, од таа случка, на другиот ден само Ибраим дојде, бидејќи добил од татко му дозвола да учи и да се потчини на таа норма. А Алија си остана надвор. Тоа беше крај на неговото школување, бидејќи неговиот татко не се согласил да седи без фес. Што стана со Алија, не знам. А Ибраим е сега во Цариград и одвреме-навреме се допишуваме. Тој стана математичар после. Можам да кажам дека извесни навреди, што ги паметам, се од тоа време. Реков дека порано, од првото детство, не паметам такви случки, што би оставиле на мене некоја тешка навреда. Друго е страдањето, да речеме, смртта на сестричето. Тоа е еден тежок настан и се разбира, останува траума од него. Меѓутоа, првата навреда... Јас после имам и песна „Навреда“. (Се смее).

 

Првата навреда

Тоа се случи на часот по француски јазик, кога јас, уште во почетокот на школската година, кренав рака нешто да одговорам, а се сплетов и не одговорив добро и професорот рече: гледај какви ни праќаат в гимназија. Тоа мене страшно ме засегна. Меѓутоа, човекот, очевидно, не беше лош, само не беше добар педагог. Јас, на првата писмена задача, имав најдобра работа и тој, можеби, за да се реваншира после, ја носеше мојата задача во сите класови, да ја покажува како треба да се работи. Оттука јас, бидејќи после станав педагог, сфатив дека човек треба многу да се чува да не навреди некого, да не го засегне интегритетот на неговата личност. Може да биде строг еден професор, може да дава слаби оцени, сето тоа ќе го сфатат учениците. Но, нема да сфатат ако тој посегне по нешто што го тангира интегритетот на нивната личност. Од таквите постапки кај учениците остануваат лузни. Секогаш сум водел јас за тоа сметка во својата педагошка работа.

 

Втората навреда

Вториот случај... Јас бев многу ситен, слабичок, мал. Јас се извишив на околу шеснаесет години. Пред тоа растев многу полека. Се сеќавам, одиме на лекарски преглед од гимназијата. Класниот нè води во амбуланта, Ние слечени до пола, нê мерат. И мене ме мерат. Имам само дваесет и осум кила. И, класниот вели - очевидно дека човекот е доброжелателен и сака да каже како тешко, сиромашки живеат луѓето - вели: „Гледајте колку е недохранет. Мојата ќерка има само пет-шест години, па има повеќе кила од него“. Тој тоа го зборува, а мене нешто ме жега во душата...

 

Третата навреда

Кога бев во трети клас гимназија, професорот по историја ни даде домашна задача, да напишеме нешто по слободен избор. Јас се решив да направам состав за Маркови кули и за манастирот Свети Аранѓел на Варош. Одев таму, пишував. Знам дека ги копирав и натписите на фреските на крал Волкашин и крал Марко. Тие тогаш добро се читаа. Денеска се веќе истриени. Не можат да се видат. Кога ја предадов работата и професорот ја прочитал, неговото прашање беше - од каде сум го препишал јас тој состав. Се разбира, тоа мене страшно ме мавреди. Не знам како се оправдував. Бидејќи текстот случајно беше зачуван во мојата тетратка и подоцна можев да го читам, сега одамна е загубен, ме изненади какво требало да биде нивото на тој професор, кога можел да помисли дека еден детски состав е од некаде препишуван.

Слики: Никола Мартиноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Tolku toplo, chovechko i

Tolku toplo, chovechko i sushtiski bitovo! Treba da se potsetime na negovite raskazi, ako ne za drugo, poradi navrakanje na svoite detski iskreni momenti vo sekoj od nas. Prekrasno.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото