Курдскиот народ не сака да учествува во слепото крвопролевање

01.06.2013 11:33
Салих Муслим: Курдскиот народ не сака да учествува во слепото крвопролевање

Во западните медуми често доминираат тезите за сириската граѓанска војна како борба на голоракиот народ против тиранскиот режим на Башар ал-Асад. Многу од критиките на власта за династијата Асад се на место, но станува збор за многу посложена приказна во која, во меѓусебниот натпревар за превласт над Блискиот исток, се вмешани моќните светски сили, а цената за тоа ја плаќаат десетици илјади убиени цивили и една земја која брутално се уништува. Од една страна се владата на Асад, Иран, Хезболах и Русија (во сирискиот Тартус е единствената медитеранска база на руската флота!), а од друга западните сили и богатите арапски монархии. Третата страна се бројните радикални исламистички групи поврзани со Ал-Каеда, кои го најдоа своето место меѓу бунтовниците.

Во таа голема игра, на геополитичката карта сè поголема важност добива нерешеното курдско прашање и тоа заради фактот дека Курдите живеат во стратешко подрачје кое е богато со нафта. Тој народ, кому денес му припаѓаат приближно триесетина милиони луѓе, беше поделен и пред Првата светска војна помеѓу Иран и Османлиското царство, а по неговото распаѓање, со воља на големите сили се најде во четири држави, Турција, Ирак, Иран и Сирија, при што секоја од нив над Курдите спроведуваше жестока репресија. Во Турција, клучната членка на НАТО, курдскиот јазик и поимот „Курд“ беа забранети до неодамна, во триесетгодишната војна помеѓу турската влада и Работничката партија на Курдистан (PKK) се убиени четириесетина илјади луѓе, а околу два милиони Курди се протерани од своите села.

За време на двегодишната сириска војна, трупите на Асад препуштија голем дел од северот на земјата (која Курдите ја нарекуваат западен Курдистан) на курдските паравоени единици под контрола на Партијата за демократско заедништво (PYD), при што курдските единици во борбата за автономија на територијата беа во конфликт со владините, но и опозициските сили. За ситуацијата во Сирија и курдската „војна во војната“ разговаравме со лидерот на Партијата за демократско заедништво (PYD) во Берлин, и според некои тврдења, најмоќниот курдски политичар во земјата, Салих Муслим. Муслим присуствуваше на меѓународната конференција „Решавање на курдското прашање во идната Сирија, прилог на дијалогот, демократијата и мирот“, која беше одржана во берлинскиот парламент.

Сите Сиријци со децении ја трпеа репресијата на еднопартискиот бааистички режим, апсењата и измачувањата, а особено сириските Курди. Нашата партија ја започна борбата со востанието во Камишли во 2004 година, кога се убиени многу наши симпатизери и членови. Во март 2011 година во борбата се вклучи и сирискиот народ. Меѓутоа, режимот имаше добро вооружена војска, па револуцијата беше изведена според сопственото вооружување. Наместо демократија и народно движење, таа стана војна за моќ, во која веќе се водат борби околу тоа кој ќе владее со Сирија по Асад. Нашиот курдски народ има поинаква приказна, бевме дел од револуцијата, но не сакаме да учествуваме во ова слепо крвопролевање“, ни вели тој за почеток.

Советот не нè прифаќа

Каква е вашата позиција во однос на Сирискиот национален совет, кого Западот го признава како легитимен претставник на сирискиот народ?

Немаме односи со нив. Не нè прифаќаат како Курди, тврдат дека не постоиме и сакаат да нè асимилираат. Опозицијата и Арапите, кои се поврзани со турската влада сакаат да завршат со нас, како што настојуваше и режимот. Ние сме 15 проценти од сириското население, значи три и пол милиони луѓе и имаме своја земја, западен Курдистан, односно северот на Сирија, што опфаќа околу 35.000 квадратни километри. Нашите барања се слобода, демократија и признавање на постоењето на Курдите. Сирискиот национален совет е целосно одвоен од она што се случува во стварноста. Тие велат дека се борат за слобода и демократија, но нивните луѓе на теренот се повикуваат на исламистичкиот систем. Политичарите од Советот всушност не ги претставуваат бунтовниците кои, меѓу другото, не го слушаат Советот, туку прават што сакаат. Постои и друга опозициска група, Националниот координативен комитет на силите за демократска промена (блок од левичарски партии, критички и кон владата и кон службената опозиција), чија работа ја поддржуваме и која не ги опфаќа само Курдите, туку и останатите.

Изјавивте дека вашата цел е демократска Сирија?

Зависи. Ние се залагаме за тоа, но нас не нè слуша никој и не знаеме што ќе се случи. Се надеваме на политичко решение, затоа што тоа Ѝ е потребно на Сирија. Но, не знаеме какво би било тоа, а надежта ја уништија. На состанокот во Катар, арапските земји одлучија да ги поддржат бунтовниците со оружје и пари, што значи охрабрување на војната. Ако направеа сериозен обид, меѓународните сили, притоа мислам на ОН, Русија, Сад, Нато, ЕУ, можеа многу брзо да ја запрат војната.

Турскиот премиер Ердоган, мислејќи на автономијата на курдските територии, изјави дека Анкара нема да прифати постоење на „терористички структури“ на северот од Сирија. Во исто време траат и историските преговори на неговата влада со турските Курди, кои сакаат да заврши триесетгодишната валкана војна. На конференцијата присуствуваше и Селахатин Демирташ, претседателот на Курдската партија BDP, кому турската влада му дозволи да го посети затворениот лидер на Работничката партија на Курдистан (PKK), Абдула Оџалан и кој потоа на борците на PKK им го однесе неговото писмо со заповеди за повлекување. Каква е улогата на Турција во сириската војна?

Турција има големо влијание на опозицијата, особено врз екстремистите и џихадистите, им дава оружје и пари и ги употребува против нас. Впрочем, затоа и ги повикаа во Сирија. Исто така, Турција го присилува Сирискиот национален совет да не нè признава и заради тоа, всушност, не учествуваме во Советот. Ако Турција сега го реши проблемот со сопствените Курди, Ердоган повеќе нема да може да ја спречува опозицијата да нè прифати.

Режимот знае дека не сме екстремисти

Каков е вашиот однос со Работничката партија на Курдистан (PKK)? Многумина тврдат дека Партијата за демократско заедништво (PYD) е дел од мрежата на PKK?

Тоа не е точно. За нас, PKK е братска курдска партија, како што се Курдската партија (BDP) во Турција или PUK во Ирак. Ние сме браќа и взаемно се поддржуваме, но PKK е друга партија и немаме никакви директни врски со нив.

Постојат и тврдења дека имате некаков вид договор со Асад, односно дека неговата војска ви ја препуштила територијата што ја имате?

Не е вистина, ние сме доволно силни и им се заканивме дека ќе ги убиеме ако не си заминат. Заминаа, а ние го земавме нивното оружје. Имаше борби и загинати на двете страни, но не како на југот. Режимот знае дека немаме врски со Турција и дека не сме екстремисти. Затоа не нè бомбардираа и тоа е во ред. Но, не се работи за договор, туку за политичка одлука. Потоа имавме конфликти и со опозициските групи. Се браниме од секој што ќе се обиде да ја нападне нашата територија.

Тврдите дека Партијата за демократско заедништво (PDY) не се бори за независен и обединет Курдистан, туку за автономија во рамките на Сирија. Како го гледате решението на курдскиот проблем на Блискиот исток?Наша цел е плурална Сирија со демократски устав, кој ќе нè прифати. Во Европа, границите на националните држави се повлечени со крвта на милиони убиени луѓе, а сега тие граници повеќе немаат смисла затоа што се укинуваат со глобализацијата. Ние не треба да поминуваме низ тоа искуство. Во иднина, на Блискиот исток сакаме да видиме демократска конфедерација во која сите Курди ќе бидат обединети, како што тоа е во Европа. Швајцарскиот Германец не сака да биде дел од Германија затоа што е среќен во својата земја. Така и сирискиот Курд би можел да остане Сириец, а да ги ужива сите демократски права. Исто е со северен Курдистан во Турција, Курдите во Ирак и Иран. Во таа конфедерација сите би можеле да бидат заедно, не само Курдите.

Рековте дека на сириските Курди никој не им дава оружје. Но, имате сопствени воени формации, од некаде сте морале да добиете оружје?

Не нè поддржува и не нè наоружува ниту една држава, ниту некој од страна, мораме да набавуваме сè со средствата од нашите луѓе. Ако некој ни даде оружје ќе бидеме задоволни.

Сето тоа е двојна игра

Слободната сириска војска со артилерија ги нападна позициите на Хезболах во Либан. Дали мислите дека војната ќе ги зафати и другите земји?

Хезболах не убиваше Сиријци, туку бранеше шиитски села во близина на либанската граница, но во рамките на Сирија, затоа што Ал-Нусра е и против шиитите. Ако надворешните сили продолжат да го поддржуваат режимот и бунтовниците, војната сигурно ќе се прошири.

Колку борци има помеѓу исламистите кои се дојдени од други земји?

Многу, можеби осумдесет проценти се дојдени од Тунис, Алжир, Саудиска Арабија, дури и од авганистанската Тора Бора. Некои дури не зборуваат арапски. Западот го стави Џабат ал-Нусра на терористичката листа, но можете ли да ми кажете дека НАТО не знае за логорите за обука на тие луѓе, кои можеби се во Турција? Тоа е невозможно, сето тоа е двојна игра.

Каква е хуманитарната и безбедносната ситуација во делот на Сирија што е под ваша контрола?

Кај нас е релативно сигурно, па на нашата територија пребегнаа можеби пола милион луѓе. Тука има христијани, алавити, Арапи, а со нас уште од претходно живеат јазиди. Немаме проблем да живееме заедно. Но, ни требаат храна, лекови и сè останато. Меѓународната поддршка оди само во арапските области, а и режимот и Турција нè држат под некој вид ембарго. Ситуацијата е критична. Моментално кај нас е сè уште мирно, но Ал-Нусра под контрола има многу села во близина и не знаеме што може да се случи утре.

Интервенција на Западот целосно може да ја уништи Сирија

Во сириската војна се вмешани бројни држави со своите интереси?

Режимот на Асад е поддржан од Иран, Русија и останатите кои му даваат оружје. Од друга страна, бунтовниците се нарекуваат Слободна сириска војска, но тоа не е војска и таа не е слободна. Постојат многу групи, нема единство, меѓу нив има и такви кои сакаат да пљачкосуваат и да убиваат, има екстремни исламисти, каков што е Џабат ал-Нусра, кои сакаат да воведат шеријатски систем во Сирија, а тоа е невозможно во 21 век. Како да се вратат луѓето 1500 години наназад до ерата на Пророкот? Тие групи се поддржани од страна на Саудиска Арабија, Катар, Турција, Сад и НАТО.

На конференцијата беше кажано дека целта на Сад е воспоставување на протекторат (како во Ирак, Авганистан и Либија) или барем многу попријателски режим, дали станува збор за индиректна борба на Западот, Саудијците и Русите?

Мислам дека е така. Многу страни се вклучени во оваа војна, па затоа ситуацијата е комплицирана. Ако сакате да го решите проблемот, морате да ги вклучите сите.

Асад не е поразен ни по две години, се чини дека освен од војската тој има поддршка и од еден дел од населението?

Тој со ракети и авиони го бомбардира сопствениот народ. Заради тоа, како јавна личност е готов и не можете да кажете дека луѓето го следат. Но, режимот е добро организиран и благодарение на сè уште силната војска, во состојба е да ја продолжи војната. Имаат и разорни оружја, кои сè уште не се употребени. Од друга страна, силни се и оние кои ги поддржуваат и Саудијците и Катар. Ако нема политичко решение, војната ќе трае со години.

Кое политичко решение би било прифатливо?

Нема да има решение. Никој не го сака тоа, а Сирија на крајот ќе биде уништена и поделена.

Силно се противите на воената интервенција на Западот?

Интервенцијата може целосно да ја уништи Сирија и затоа сме против тоа.

Извор: http://www.novossti.com