Би-Би-Си: По Брегзит, светот добива и Кегзит?

22.09.2017 13:07
Би-Би-Си: По Брегзит, светот добива и Кегзит?

Курдските гласачи во северните делови на Ирак се подготвуваат за гласање на референдум за независност, кој е закажан за понеделник.

Во овој дел на Ирак живеат шест милиони Курди, истиот се смета за курдски регион и таму веќе постои курдска локална влада, пишува Би-Би-Си. Но сега, по долгогодишната историја на „брутална репресија“ според тамошните Курди, тие сакаат да станат независна држава.

Меѓутоа, ирачките власти, соседните земји и западните лидери сметаат дека референдумот треба да се отфрли или барем да се одложи.

Ирачкиот парламент го отфрли одржувањето на референдумот за независност на ирачките Курди. Парламентот истовремено му даде овластувања на ирачкиот премиер Хајдер ал Абади да ги преземе сите мерки за да го зачува единството на Ирак.

Најостри осуди за намерата на ирачките Курди стигнаа и од Турција. Турскиот парламент ќе одржи итна седница на која ќе разгледа мерки за засилување на притисокот врз ирачките Курди да се откажат од референдумот за независност на ирачки Курдистан. Медиумите наведуваат дека пратениците ќе гласаат за обновување на дозволата турската војска да интервенира во Ирак. Актуелниот мандат истекува следниот месец.

Турската влада утре ќе ги разгледа можните одговори на референдумот, а турскиот министер за надворешни работи изјави дека намерите на раководството на ирачките Курди да одржат референдум за независност ќе доведат до граѓанска војна.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јуни остро го критикуваше најавениот референдум, нарекувајќи го „грешка и закана по територијалниот интегритет на Ирак“.

Се огласи и Советот за безбедност на ОН, кој изрази загриженост поради можните последици. „Референдумот се планира додека се во тек операциите против Исламската држава, во кои курдските сили имаат пресудна улога“, се наведува во соопштението на Советот за безбедност на ОН. Оттаму предупредуваат дека референдумот би можел да ги осуети напорите да се обезбеди враќањето на повеќе од три милиони бегалци и раселени.

САД, исто така, кон крајот на август побараа од ирачките Курди да го одложат референдумот за независност на автономниот курдски регион. Стејт департментот на САД во јуни изрази загриженост дека референдумот ќе го одвлече вниманието од „ургентните приоритети“ како што е поразот на екстремистите од Исламската држава. САД и другите западни земји се загрижени дека гласањето може да отвори уште едно регионално жариште.

Извор: BBC