Воените херои на кои сите им го завртеа грбот

25.11.2019 01:53
Воените херои на кои сите им го завртеа грбот

Се сеќавам, утринското сонце го туркаше мразот од сувите планини. Изморената, сонлива војска, по неколку дена жестоки борби, ѕиркаше од рушевините. Изгаснатите огништа се палеа повторно. А мирисот на кафе, како дома, е единственото добро што можеш да го почувствуваш на фронтот. Во офанзива. Повремено некој залутан куршум ќе откинеше парче од некој покрив или парче малтер. ИСИС жилаво го одолговлекуваше неизбежниот пораз. Тоа беше борба за живот или смрт. Никој не се обѕрнуваше на звуците од куршумите додека се собираа вреќите за спиење, се репетираа калашниковите и се џвакаа суви остатоци од погача од сиромашната вечера. Го запамтив името. Азадине Неби. Излезе од некој подрум, ја распушти долгата црна коса, се чешлаше држејќи парче скршено огледало, зад ѕидот имаше потпрен ракетен фрлач. Убаво насмеано лице, оросено од младоста и загрижен поглед. Го фатив тој момент, оној романтичниот, кога младиот живот се нуди во замена за слободата, кога убавината ѝ пркоси на деструкцијата. Кога соништата стануваат само голо преживување. Тоа беше онаа романтична курдска приказна која сите сакавме да ја видиме. Приказна за жените воини. Приказна за идеали. Кога потчинетите стануваат слободни. Кога разединетите ќе се обединат. Таа слика беше лажна. Ништо повеќе од надеж, малку повистинита од илузија.

Припадници на курдската единица YPG, за која Турците тврдат дека е поврзана со забранетата терористичка организација PKK, патролираат на улиците на разрушениот град Рака

Од тој ден кога здружените курдски сили од Пешмерга и малку поодлучната Единица за народна заштита (YPG) го прекинаа виталниот пат помеѓу Рака, главниот град на калифатот во Сирија, и Мосул, најголемото упориште на ИСИС во Ирак, во неколку наврати јадев од сувите погачи со Курдите.

Курдските борци од Пешмерга и припадниците на единицата YPG пет години војуваа против Исламската држава и најпосле го дочекаа нејзиниот целосен пораз

Како и во секоја војна, се преживуваше како што се знае и умее: оние со пушки во рацете одеа напред, а оние со кеси бегаа назад. Сите тие беа заложници на политиката. Видов како пешмерѓаните убиваат полнолетни џихадисти, на кои џихадот им бил само средство за спасување жива глава од оние што им дошле во селото и им облекле униформа. Тоа можело да биде секој. Гледав, уште од првиот ден на планините Сињара, големи битки, па до последниот ден кога падна Рака и војната беше одлучена, колку Курдите се разединети и како на “новата“, слободна земја никнува режим сличен на оној кој со години ги притискал и измачувал. Режим на кој му пружаа отпор. Годините поминуваа додека неколкумина голобради јадници, во стари и искинати униформи, со рѓосани митролези и прастари гранати го држеа фронтот, сити од застарениот гулаш, а набилданите позери се возеа во блиндирани џипови, во нови американски униформи и со очила за сонце, ја славеа победата.

Вообичаена глетка на рушевините на курдските градови - болката на луѓето кои ги изгубиле своите блиски и својот дом. Се проценува дека само во Сирија војната против ИСИС однела 500 000 животи

Но, оној што видел една војна, ги видел сите.

Како што поминува времето, Курдите како да се се подалеку од својата толку исчекувана иднина, не бегајќи од тмурното минато, во вртлогот кој постојано ги враќа во несреќните времиња. Речиси е бесмислено да се набројуваат сите кревки сојузи, збрки, а распонот на обидите и грешките се движеше од теорирзам, револуции па до неодамнешниот референдум во кој се вплеткаа, а ден денешен не успеаја да се извлечат. Се обидоа да го направат сето тоа, повеќе или помалку.

Десетгодишниот Салех во џихадистички напад на неговото село Баај ја изгубил раката. Една испукана граната засекогаш му го променила животот

Безброј пати се прашував дали тие навистина веруваат дека постои некој, овоземски, кој би се фатил во костец со проблемот на големата нација без татковина. Кој би се осудил повторно да ги прекројува границите на Блискиот исто и да зема делови од Иран, Турција, од малку поопасните играчи, или од Ирак, Сирија, денес послаби, но подеднакво одлучни за да земат многу, а да не дадат ништо. За демоните кои тогаш би биле пуштени од синџирите подобро и да не се размислува. Но тоа е цената на слободата на секој народ, сон, тенденција, па зошто се плашиме од курдската цена? Дали навистина би била преголема?

Курдските жени воини имаа извонредно важна улога во борбата против ИСИС: многу џихадисти повеќе се плашеле од нив отколко од курдските мажи зашто верувале дека ако ги убие жена, нема да одат во рајот

Ако повлечеме црта, ако ги одвоиме живите од мртвите, секој доделен медал за храброст во борбата против Големиот калифат е нивен. Секој. Сите американски прелетувања, носачи на авиони и шести флоти, напади со дронови и беспилотни летала, сите тие руски „Адмирали Кузнецови“, оклопни дивизии, сето тоа би било пукање во празно ако секое утро Азадине Неби не се чешлаше, гледајќи во скршеното парче стакло како ѝ исчезнува младоста, и ако не се влечкала со пушката во смрдливите ровови.

Ова девојче од бегалскиот камп Ал Хол е само едно од десетте илјади деца на странските борци на ИСИС кои чекаат префрлање во земјите од каде што се нивните родители

Курдите повторно останаа сами, како и многупати досега, на пустинската земја, наутро смрзната, а на пладне врела. Па зарем навистина веруваа дека Европа или Трамп, откако ќе ги искористат, ќе им понудат дома? Па кој би бил луд да троши милијарди долари за едно парче несреќа, прашина, изгладнета коза и по некоја нафтена бушотина?

Азадине Неби, со рачен фрлач на грбот, на еден од пуктовите ги чува влезовите во Рака, некогаш главен град на самопрогласениот калифат

Големиот калиф е мртов. Терористите од Париз и Њујорк се завлекоа во глувчешки дупки. Сосема сигурно е дека таму и ќе останат одредено време. Ердоган им се внесува в лице и им се заканува на милиони бегалци. Како да држи питбул териер на кратка врвка.

А Курдите? Нешто во тие црни очи предизвикува почит. Дали е тоа нивната безрезервна жртва? Издржливоста? Храброста? Не знам.

Момче кое, како и повеќето курдски деца во Сирија каде воената состојба трае осум години, во својот краток живот не видело ништо друго освен уништување

Фотографии: Зоран Мариновиќ

Извор: https://www.jutarnji.hr