Малиот обичен човек загледан во Призма

18.06.2013 10:55
Малиот обичен човек загледан во Призма

Проектот за тајното надгледување на електронските комуникации кој Државната безбедносна служба на САД (NSA) го спроведува под шифрата Призма би можел да означи пресврт во историјата на демократијата. Ако демократијата е механизам од институции и процедури со кои се ограничува државната моќ и процес при кој државата се обидува од тајна закана да се преобрази во заштитничка на слободата, тогаш може да се постави прашањето дали демократијата по Призма е способна да се соочи со таа задача.

Во времето кога настанаа англискиот Bill of rights (1689), американскиот Устав (1787) и француската Декларација за правата на човекот и граѓанинот (1789), државите беа побрутални, но всушност неспоредливо послаби отколку денес. За загрозувањето на граѓанската приватност – секако освен голата сила – на располагање им стоеја само по неколку шпиони и некој лукавец кој умеел вешто да ги отстранува восочните печати од писмата.

Технолошкиот напредок ѝ донесе многу благодати на цивилизацијата, но и неизмерно ја зголеми државната моќ. Токму развојот на паробродарството, на телеграфот и на железницата кон средината на XIX век го овозможи настанувањето на модерната држава. Како што се ширеше граѓанската удобност и просторот на граѓанските слободи, така се зголемуваше и потребата на власта да го воспостави и задржи надзорот над таа удобност и над таа слобода. Па така, кон средината на XX век настапи епохата на Џ.Е. Хувер и на А. Ранковиќ, на чудните шумови во слушалките и на аналитичарите кои седат замислени над оние стари добри магнетофони со големи дискови, како Џин Хекман во славниот филм на Копола – The Conversation. Уште тогаш, во времето на настанувањето на фразата „ајде да не зборуваме за тоа преку телефон“, беше неизвесно дали е воопшто возможно – како правно, така и технички – да се контролира или да се спречи државата во остварувањето на нејзините планови, бидејќи освен што таа според самата своја природа секогаш тежнее кон неограничена моќ, на располагање ѝ стојат и подеднакво неограничени технички ресурси.

Кога дигиталната телефонија и тврдите дискови ги заменија спојните жици, аналогните апарати и големите магнетофони и кога хакирањето на мејловите го замени отворањето на писмата, пред државите се отворија нови неочекувани можности. Но како и во времето на Фуше или Ѓержински остана потребата која наложува некој да ги анализира суровите и неповрзаните информации и во бескрајот од секојдневни конверзации да пронајде нешто што навистина би можело да ја заинтересира власта. Денес кога на службите им се достапни сè поголеми – никогаш доволно големи и секогаш поголеми – количини информации, овој проблем стана акутен. Залудни се средствата за прислушкување и агилните доушници ако нема (а нема) доволно кадри кои во тоа море од податоци ќе препознаат нешто корисно. До неодамна демократијата можеше да се потпре на претпоставката дека службите немаат масивен пристап до приватните информации поаѓајќи од едноставна причина дека тие не би знаеле што да прават со толкава количина информации.

Изгледа дека проектот Big Data ќе ја избегне и оваа пречка. Едноставно кажано, се работи за софтвер кој е способен да ги одвојува значајните од незначајните информации и да ги доведува во заемна врка со што информативната и полициската анализа стекнаа нова предност, а слободата и приватноста нов непријател во облик на динамичен алгоритам.

Тешко е да се замисли државна власт која не би ја искористила неограничената можност за незабележливо надгледување која е овозможена од страна на модерната технологија. Постојните механизми за правна заштита се слаби, а технолошките се уште послаби. Ако еден подобар хакер може со помош на опремата која им е достапна на сите да продре во секој мејл или профил на Фејсбук, тогаш тоа сигурно го можат и бубалиците од NSA чиј хардвер има капацитет кој не се мери со терабајти, туку со тешко поимливите јотабајти.

Воспоставувањето на целосна орвелијанска контрола не мора нужно да биде последица на тоталитарна иделогија, туку на присутните технолошки прилики на кои државата едноставно не може да им одолее и кои нема да може да ги пропушти. Со други зборови, технологијата ѝ овозможува на државата едноставно да ги заобиколи правните препреки чија цел е да го спречат државното насилство и самоволие, а кои и онака се кревки и недоволни.

Извор: tportal.hr

Во врска со Призма на Окно може да ги прочитате и текстовите Зошто Едвард Сноуден е херој и Надгледување со глобални импликации

ОкоБоли главаВицФото