Какви прекрасни поданици! (2)

21.06.2013 11:25
Какви прекрасни поданици! (2)

1.

Некако по инерција, или како заостаток од социјалистичкото време, културата и уметноста ги третираме како особено битни во нивните корелации со државата/системот. Како другите општествени области (образование, здравство, наука…) тоа да не се. Можеби оваа закоравена заблуда влече корени токму од фактот што безмалу само овие две области останаа целосно вкопани во социјалистичките мисловни ровови кај т.н. македонска културна и уметничка интелигенција и настојчиво се опираат на секој вид демократски промени.

Патем, и една добронамерна забелешка од пријател ми укажува дека, според првиот текст со истиов наслов, може да се разбере дека само сегашново време е стигматизирано со умножувањето на „прекрасни“ интелектуални поданици во редовите на творечката интелигенција. Се разбира, не е така ниту пак може да биде така. И не само кај нас, туку во поширокиот регион – или, ако сакате, во некогашните социјалистички земји, интелектуалниот молк беше општопрактикуван спорт! Оние што позадлабочено се занимаваат со оваа проблематика можат да исцртаат прецизни дијаграми на односите власт – култура – уметност, со сите можни периодизации, варијанти/подваријанти и финеси.

2.

Едно е сигурно: за овие простори е речиси нормален (!) поданичкиот однос на културата и уметноста кон власта. Денес толку омразениот социјализам бараше/наложуваше една идеологија, една политика, една реторика, ама не и една култура и една уметност! Власта, нормално, си имаше свои приврзаници меѓу културната и творечката интелигенција. Заради многу причини, меѓу кои и оние што и денес ги гледаме: кариера, лукративност, комодитет… филозофија на упикување! Најголемиот дел од тие поданици завршија на буништето на културата и уметноста како творечки апологети и некритички поддржувачи на прокламираниот и поддржуваниот систем на не-вредности.

Меѓутоа, социјалистичката власт немаше една и единствена доктрина во културата и уметноста. Краткотрајниот бран на соцреализмот беше разнебитен во парчиња токму од бунтовната творечка интелигенција после само неколку години! Оттука, дилемата дали било можно дивергентно мислење во социјализмот – особено во културата и уметноста – мислење спротивно на владеечката идеологија и реторика е дилема на незнајковци и игноранти. Го имало, и тоа како! И тука не мислам на вообичаеното дисидентство (главно заради политички причини!) туку на поединечни и групни острови на отпорот, ѕидови на несогласување, зборови против, на почетокот, соцреализмот, а понатаму против сите облици на репресија врз творечките права и слободи.

Оттука, не само што не може да се говори за некаков општ, консензуален поданички менталитет и однесување, туку многу бргу и самите културни и уметнички институции се трансформираа во никулци на новите творечки слободи.

Дури и во една Македонија, токму ДЛУМ, на пример, во времето на најригидниот соцреализам, на годишните изложби презентирал една сосема друга творечка реалност од наложуваната догма. И за тоа трпел(е) отворени критики, но опстојале, за разлика од денешниве безгласни букви. Или полемиките околу апстрактната уметност во педесеттите години на минатиот век, идеите и делувањето на групите „Денес“ и „Мугри“, „откривањето“ на енформелот и апстракцијата, потоа вкупниот животен пат и творечки опус на редица (веќе спомнати) творци кои во тој период пливаа против струјата (Мазев, Чемерски, Хаџи Бошков, Протуѓер, Лазески, па подоцна Луловски и многу други). Додека некои заработуваа сликајќи партизани и правејќи бисти на Тито, овие ја пишуваа историјата на македонската Модерна! Заедно со модернистите во литаратурата, со Солев, Ѓузел, Павловски, Матевски, Чинго… Познавачите велат дека тогаш македонски архитекти проектирале и граделе буквално низ целиот свет. Тоа, со еден збор, е неповторено херојско време на македонската култура и уметност!

Што, сето заедно, треба да рече дека Македонија не била толку темен вилает, не била со толкав и таков поданички менталитет, дури и кога Тито лично се изјаснил против апстрактната уметност! (Апропо, еден македонски уметник во тоа време, заради вербален деликт врзан токму со „познавањата“ на Тито за уметноста, отслужил неколку години на Голи Оток. Ама денес глас не пушта против актуелните догми во културата и уметноста! Како впрочем и некои од погоре веќе спомнатите).

3.

Македонската пролет по 1990-та, односно македонската плурална демократија во голема мера ги продолжи веќе изодените магистрали на правецот власт – култура/уметност. Иако во видоизменети политички услови, еднаш освоените позиции на фронтот не беа напуштени. Иако и тие власти покажуваа амбиции да привлекуваат творци на своја страна, повремено и да ги манипулираат, да залепат по некоја етикета (главно на националистичка основа) и сл. Се разбира, имаше борба да се зачуваат и некои стекнати привилегии, таму каде што ги имало. Имаше притисоци да се освојат и нови. Зашто, како што велат, интелигенцијата, особено онаа во културата и уметноста, е расиплива стока.

Нормално, на македонските демократски почетоци во тоа време, особено во културата, можеа да им се најдат стотина забелешки. И тогаш, како и денес, македонската официјална култура и културна „политика“ беше далеку од посакуваното, од потребното, од неопходното, од европското. Но, уметноста буквално – цутеше! Се ослободија нови енергии, проструија нови ветришта, се отворија нови видици – светот беше вистинско поле за културен натпревар! И имаше кој да се натпреварува. Подлизурковци и упикувачи секогаш имало, ама имаше и сериозни творечки личности. Зашто немаше стеги, немаше затворени врати, немаше – диктат! Оттука немаше ни подаништво, а немаше потреба ниту од бунтовништво и херојство.

Еден добар дел од овие што денес кмишат дома добија невидена шанса. Некои ја искористија, (за да денес ја прокоцкаат). Македонската уметност, а со тоа богами и културата, имаше вистинска презентација во Европа, а македонската уметничка сцена се трансформираше во една од најатрактивните на Балканот.

А денес, истите тие генерации се пресоздадоа во барокољупци?! И не смеат дури ни мислењето да си го кажат, ако воопшто го имаат. Гласноговорник им стана една креатура со калливи кичевски опинци кој им мавта со барокниот прст пред носовите. Какви се тие лични и „творечки“ трансформации, како можеше вчера да бидат едно, денес – дијаметрално спротивното? Каде испари онаа нивна авангардност, каква е таа „творечка“ дволичност, како на оној џезистон кој сабајле е авангарден а попладне цупка во барокниот ритам на Советот на Министерството? ДЛУМ со државни пари носи куратори од странство, македонските куратори молчат; Министерството во Венеција носи уметници од странство, ДЛУМ молчи; градот им го „украсуваат“ дилетанти, сите молчат; институциите им ги водат полуписмени тетки, пак сите молчат; квазиархитектчиња пресоблекуваат фасади, професорите молчат… и уште безброј такви примери.

Македонската уметност не може да очекува битките повторно да ѝ ги водат осумдесетгодишниот Хаџи Бошков, седумдесетгодишниот Чемерски и уште некој од преостанатите некогашни бунтовници. Тоа се битки на овие генерации, оние кои се сокриени во глувчешките (на ХаџиВасилева) дупки, грицкајќи ги своите сребреници. Но тие чекаат битките за нивните слободи да ги води некој друг!

Кон првиот дел

Извор: teodosievski.blog.mk
Слики: Џозеф Вентура

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото