Ветено – заборавено

02.11.2009 11:32
bojan-2009-11-02.jpg

Многу сакам денови кога нема „настани“ во Македонија. Од моето искуство како конзумент (а и како учесник во создавањето) на вести сум забележал дека главна преокупација на македонските новинари е известувањето за „настани“ (дури и најобичната прес конференција се смета за „настан“). Тоа значи дека или ќе мора да се измисли настан или ќе мора да се извади некоја постара, но сè уште актуелна тема од нафталин. А такви ги има колку сакаш. Избери еден „ресор“ и ќе видиш како почнуваат да се разгрануваат работите. Образование – слабиот квалитет на образовниот систем воопшто, лошото котирање и/или репутација на македонските високообразовни институции вон земјата, (со право) вечно незадоволните студенти, т'нко платените и, следствено, слабо мотивираните образовни работници... Здравство – комплицираниот и/или скап систем за здравствено осигурување (позитивни листи, партиципации, сини картони, преполни чекални со пациенти, закажување за ехо со време, барем 3 месеци претходно...), бедните услови во здравствените установи (како за пациентите, така и за вработените), релативно смешните плати... Економија, одбрана, надворешна политика – секаде има барем 3-4 главни теми што се постојано актуелни и се влечкаат повеќе од 18 години.

Знам дека брза кучка слепи кучиња раѓа, ама 18 години? До сега барем некои од проблемите требаше да се решат. Осумнаесет години мислам дека се доволно време за некоја прелиминарна сондажа и трансформација барем на образованието. Или за развој на некаков економски модел по кој би се развивала Македонија. Транзиција значи преод од една фаза во друга, а не лебдење во просторот на неодредено време.

Политичарите што се извртеа (по неколку пати) во овој период ветуваа дека ќе нè изведат на вистински пат – барем за еден од нив има и песна дека бил пратен од господ да ја избави Македонија – па еве, сè уште сме во преодна фаза. Ама тоа е „нормално“. Пред секои избори се ветува сè и сешто, а дали 1% од ветеното се исполнува. Кај нас, а и секаде низ светот, зборот „политичар“ (може да) се користи како навреда.

Она што мене ме иритира е „нормалноста“ на таквата поставеност на нештата. „Нормално“ е да се ветува и да не се исполни ветеното, „нормално“ е да се вели едно а прави друго, „нормално“ е што е вака... Е не е нормално! А не е ниту здраво за менталниот развој на општеството. „Болеста“ на политичарите одамна почна да зема поголем замав од H1N1. „Дискусиите“ и „дебатите“ што се водат – дали во живо, дали по медиуми – се „не бев ја, ти беше“ муабети. А ветувањата ниту имаат доволна тежина, ниту се паметат откако ќе бидат кажани на глас. На пример, кандидатите за претседател на СПУКМ ветуваа подобри услови во студентските домови и, пази ова, нов студентски дом. Ветувањето подобри услови не е ништо ново – и тоа се влечка уште од 90-ите. Неисполнувањето е можеби една од главните причини зошто гласа толку мал процент на студенти. Ама нов студентски дом? Како? Од каде? Со кои пари? Арачот што на времето се собираше (а најверојатно сеуште се собира) од студентите, дури и да не е трошен на што-и-да-е, не е доволен да плати толкав проект.

За СПУКМ, уште пред да си го трансформира С-то во П, се знаеше дека е институција на чие чело седат партиски луѓе. И тоа најчесто од актуелната власт. Претпоставувам дека не е коинциденција тоа што и ДПМНЕ во својата програма има предвидено нов студентски дом. Што пак ме враќа кај кучката (онаа брзата). Имаме осумнаесет години несигурно цупкање во место. Дури не може ни со желка да се споредиме зашто желката се движи споро ама сигурно. И одеднаш доаѓаат старите New Kids on the Block и планираат во рок од 4 години да го направат сето она што досега не е направено. Сето она што не е ниту планирано да се смени, а камоли да е подготвувано за промена. Има отпор, и тоа е сосема нормално. Првиот Њутнов закон е сепак закон.

А повеќето работи се прават во името на нашите „Евро-атлантски аспирации“, а не за нам да ни биде подобро (нешто како лицемерното правење „добри дела“ зашто така нема да го налутиш господ; наместо да те води желбата да правиш убави работи). И ме потсеќа на моменти кога ќе ти се најават гости во пет до дванаесет, а тебе дома ти е хаос. Па ајде трчај собирај расфрлани алишта, затвори ја вратата од кујната за да не ги видат случајно неизмиените садови, трошките и пепелта бутни ги под тепих... и сето тоа за џабе зашто веќе три дена не си отворил прозор за да се излуфтира.

Место да се најде некоја златна средина помеѓу „претерано споро и несигурно“ и „летање како мува без глава“, за да не се раѓаат проекти со генетски проблеми, се оди на јуриш и се остваруваат, за мене, чудни работи. Дел од нив паѓаат пред општествениот суд, дел на Уставен суд, а добар дел се премолчуваат. Неуспешните брзо ги забораваме затоа што имаме осумнаесет години активен тренинг.

Слика: Jeremy Geddes

ОкоБоли главаВицФото