„Како да се служи човекот“

05.10.2009 10:04
to_serve_man_03.jpg

Зоната на самракот деновиве наполни 50 години. Пред половина век паметниот чичко Род Серлинг решил да понуди алтернатива за Гратчето Пејтон: шоу поинакво од сè што имало на „пазарот“ дотогаш, серија на навидум неповрзани приказни кои на крајот оставаат непријатен вкус во устата. Жанровите на приказните на Серлинг, Елисон, Матесон, Бредбери беа научна фантастика, хорор и фантазија, пред сè за успешно да ја заобиколат сеприсутната цензура на американските ТВ мрежи. Серијата претставуваше остар и бескрупулозен општествен коментар, справувајќи се со теми како што се Студената војна, индивидуалната и колективната одговорност, непромисленоста и воопшто комплексната и амбивалентната природа на човекот.

Зоната на самракот беше огледало во кое се преувеличуваа недостатоците на Човекот, неговиот начин на живот и „заедницата“ во која што мисли дека живее. Една од омилените епизоди ми е онаа со наслов - „Како да се служи човекот“ (“To Serve Man”). Почнува со човек кој лежи во една просторија, очигледно вселенски брод. Еден механички глас му кажува дека треба да јаде додека овој почнува да ја раскажува својата приказна: неколку месеци претходно на земјата слетале вонземјани и веднаш контактирале со Обединетите нации каде што нудат решение за сите проблеми на земјата – специјални состојки за обновување на хранливоста на почвата без несакани последици, заштитни полиња за секоја држава за вооружениот судир да стане неостварлив и непотребен, итн. Луѓето, нормално, на почетокот се скептици. Сите се прашуваат за мотивот, а вонземјаните ги убедуваат дека мотивите им се чисти. „Доволна награда ќе биде да видиме како на земјата доаѓа крај на гладта и војната.“ И при тоа претставникот на вонземјаните остава зад себе една голема книга со вонземјански букви на насловот.

Тука влегува во игра главниот лик, кој работи за американската војска на декрипција на шифрирани пораки. По некое време успеваат да го одгатнат насловот на книгата: „Како да се служи човекот“. Утешителна порака, вели човекот. Според насловот, книгата е упатство како вонземјаните да им удоволат на луѓето и да ги направат среќни. Вонземјаните си го исполнуваат ветувањето и им ја даваат напредната технологија на луѓето. Почнуваат денови на благосостојба и размена на население. Вонземјани доаѓаат на земјата, а земјани заминуваат за нивната планета на истите вселенски бродови. Во една од турите заминува и нашиот јунак, меѓутоа пред да се качи на бродот дотрчува една колешка која му кажува, во паника, дека го дешифрирала и остатокот од книгата и дека всушност навистина станува збор за упатство. Како да се зготви човек.

И повторно се враќаме на почетокот, но овој пат механичкиот глас вели „Јадете, г-не Чејмберс. Не би сакале да ослабнете.“ Веднаш потоа човекот се врти кон камерата и прашува: „А вие? Уште сте на земјата или на бродов со мене? Ма нема врска, и онака побргу или подоцна сите ќе бидеме на менито. Сите.“

Насловот на упатството, се разбира, не е случајно одбран. Исто како и тактиката на вонземјаните. Како што кажа Ал Пачино во Адвокатот на ѓаволот: „Ќе те убиеме со љубезност.“ Заменете ги вонземјаните со власт и пораката лесно се сфаќа. Секој што се бори за власт дава ветувања. Некои од нив ги исполнува, некои не. Најчесто не. Ако мислите дека само нашиве млатат празна слама, ѕирнете ги критиките што се лепат за Обама како муви на лепешка. Не е дека Обама не „остварува“. Само не го остварува она што треба. Она што е вистински проблем. А народот е подготвен да се откаже од некои слободи и права само за да му остане лажното чувство на сигурност. Лажно, зашто кај и да е, сите ќе умрат. Не е прашање дали, туку кога и како. Првото не е работа на избор, меѓутоа вторите две се.

Дали и следниот пат кога ќе има протести за некоја идеја што ја поддржувате ќе си седите дома? Ќе чекате некој да организира протести или ќе ги организирате сами? Или ќе се помирите со „судбината“ и ќе чекате да се „отворат“ границите па да фатите штрафта? Ниту во Странција не е толку розово.

Род Серлинг даваше одјава на секоја епизода на Зоната на самракот и секоја одјава беше злокобна, пророкувајќи некоја идна, неодредена, но можна судбина. „Или поедноставно кажано, еволуцијата на човекот, циклусот на премин од прав во десерт, метаморфозата од владетел на една планета во состојка во нечија супа. Тоа е цената на билетот во денешното издание на Зоната на самракот.“

„Ако мислите дека само

„Ако мислите дека само нашиве млатат празна слама, ѕирнете ги критиките што се лепат за Обама како муви на лепешка. Не е дека Обама не „остварува“. Само не го остварува она што треба. Она што е вистински проблем“.
„и во странција не е подобро“
Убаво би било вакви изјави да се поткрепат со аргументи и примери за да заличи на нешто текстот. Демонстрации на групации за време Економскиот самит се само доказ за „слободата, правата и активностите“ во странција... не и за тоа дека не е розово таму.

ОкоБоли главаВицФото