Фраери на батерии

25.05.2010 11:02
brett_amory_untitled.jpg

Денес прочитав еден израз кој го немав слушнато претходно: кабадаја. Илјадниците книги по политичка теорија, социолошки студии и општествени односи не можат да понудат подобар израз од оваа архаична битолска фраза за да го опишат дереџето на кое се наоѓаме како нација и како народ: кабадаја или фраер на батерии. Перфектно!

Ако до вчера кукавме дека сме таму каде што сме, поради глупата политика на владеачките партии низ годините, денес, кога веќе го допираме дното, а глупоста и неписменоста се секојдневние, не останува подруг заклучок освен реалниот – не се властите единствените фраери на батерии. Напротив, фраерите на батерии одамна ги трошат резервите на „Duracell“ зашто ги цедат последните резерви од батериите на поголемиот дел од народот, батерии кои повремено се палат исфорсирано и под напон на триење. Како пред споменикот на Гоце и Даме, или знамето пред кое се поклонува партискиот гуру. Под силно триење на „задоволните“ раце се молзат последните атоми енергија од истрошените батерии.

А зарем остана нешто друго за молзење освен енергијата која останала во одамна трокираните батерии? Триесет и пет проценти невработени. Нешто ситно над 10000 денари реална (не статистичка) просечна плата и економија чии колена се тресат пред намалениот прилив на пари од дијаспората, зашто станува збор за економија која најголемиот дел од трговскиот дефицит го покрива со парите што иселениците ги испраќаат на своите во Македонија. Нација на кредит! Но ако задолженоста на Македонецот до вчера беше на лично/фамилијарно ниво, од неодамна (откако премиерот тргна во потрага по обврзници од светските банки) треба секому да му е јасно дека преминува и ќе порасне во национален долг кој ќе го отплаќаат крвно неповрзаните наследници на ова кутро парче земја (ако воопшто остане земја после сите споменици изградени на кредит).

Но, Македонецот одамна живее на кредит (и економски и духовно) па не е ни чудо што сè помалку ги забележува задолжувањата на оние што треба да го „водат“. Уште помалку забележува дека го водат кон дупка без дно.

Кој е процентот на Македонците до 30 години кои имаат високо образование со кое се стекнале за четири години, а тоа го сториле без врски, испит за 100 германски марки или преку партиски директиви (пушти го детето, наше е!)? Кој е процентот на Македонците кои се вработиле преку регуларно аплицирање на повик за отворено работно место, со презентација на познавање, искуство и орност за работа? А кој процент е вработен преку „препорака на вујкото“ кој седи на значајна позиција? Кој процент на млади Македонци живеат самостојно, во свој стан кој го отплаќаат, или изнајмен стан кој го плаќаат од свој џеб (спремни да ги жртвуваат летните одмори, викендите до Охрид, вечерите во ресторан, Најк патиките, но и гужвањето во двособниот стан на родителите – за луксузот наречен свој кров над своја глава)? А кој процент на Македонци чекаат да дојде петок или сабота (нема шанси да прескокнат излегување – та млади се!) да земат џепарлак од своите родители и отидат да го покажат својот фраерлук во локалното меанче, додека го пцујат (а не го именуваат пријателот) кој ги вработил за мочани 10000 денари?

За жал (или за среќа на одамна извештачената и иссилена самодоверба и гордост на Македонецот) не постојат статистички податоци кои ќе ги дадат одговорите на прашањата. Но не мора човек да копа премногу длабоко, ниту да гледа предалеку.

Сè што треба е да погледне околу себе. И што гледа?! Енормна маса невработени Македонци, неспремни да потрошат година-две како неплатени практиканти (за што тие учеле факултет?!) а се спремни да потрошат цела декада од животот играјќи спортска прогноза и надевајќи се на среќа. Енормна маса необразовани Македонци кои не се спремни да се помачат 4-5 години и работат дури и до две работи за да преживеат додека се образуваат - како што тоа го чинат студентите на запад - како келнери за минимална плата, како градежници, бебиситери, продавачи во трафика, разнесувачи на весници или чистачи во Мекдоналдс. Не, на Македонецот тоа му е под ниво. Па доколку родителите не успеале да се „снајдат“ и му обезбедат стан, или 200 евра месечно коишто ќе му ја покријат киријата додека „студира“ Македонецот е спремен да си го прокоцка животот дискутирајќи патриотизам во локалните меани и се надева на „роднината“ кој ќе го напика во државна администрација. Дури не дојде „роднината“ на претпоставеното место, Македонецот, како прав фраер на батерии, е спремен пропратно да ги цеди батериите на сите околу себе – зашто сите му дозволуваат. Од бедните плати на родителите, преку уште победната пензија на баба и дедо - сè е дозволено и сè се нуди само на „фраерите да не им одмине младоста“. А доколку ги нема предците, тука се пријателите и сивите бизниси кои се надева дека еден ден ќе му процветаат. Оттука, секој Македонец е задолжен, во просек, седум просечни плати (статистика која го вклучува долгот кон банките, но не и кон пријателити и поимотните братучеди), и долгот од ден на ден расте сè повеќе, додека Македонецот задоволно ги трие рацете проследувајќи го крахот на грчката економија.

Но ќе го дочека фраерот денот и своите пет минути. Ќе го вработи некој во државната администрација, работно место коешто тој подоцна ќе го искористи за да ги вработи сите свои „собраќа“ по патриотизам. Тогаш неговите интереси нема да ги задоволат дотогашните „примања“, но за среќа пристапот до финасии ќе му биде проширен до касите на „државните предци“. И ќе продолжи со земањето кредит и зајмењето пари за одржување на својот имиџ и статус дури од ден на ден сè повеќе се намалува пензијата на неговата баба и сите нејзини пријателки (не толку среќни да имаат „успешен внук“ да се погрижи за нив) кои повеќе од 40 години ја оставале својата пот во некоја македонска фабрика).

Ќе зајми од странски банки за да се перчи пред останатите фраери во маало како што не толку одамна се перчел со мобилниот телефон којшто му го купил тато или вујче од Австралија. И никој нема да му замери – освен ретките исклучоци. Во нормалниот свет исклучоците заслужуваат да им се каже „секоја чест“ (да, зашто е најлесно да се генерализира). Но она што не е лесно е да се гледаат исклучоците како дозволуваат некој постојано и без прашање да им ја „зајми“ и користи енергијата.

За исклучоците постојат две варијанти. Можат да продолжат жолчно да кукаат под брк и самоутешително да ја кудат светската економија додека реално се надеваат дека несовесните домашни неработници ќе налетаат на некој спој кој ќе им ги „стопи“ батериите. Или конечно ќе научат да ги вардат своите батерии и нема да дозволуваат некој пред здрава свест и разум да ги цеди. Со други зборови, конечно ќе еволуираат – доколку сакаат да им бидат благодарни идните генерации, за разлика од денешните, кои ќе ви кажат (барем оние кои сеуште не го дочекале својот ред во државната администрација) дека за нивниот неуспех се виновни нивните родители.

слики: Brett Amory

Фраери на батерии

Енормна маса необразовани Македонци кои не се спремни да се помачат 4-5 години и работат дури и до две работи за да преживеат додека се образуваат - како што тоа го чинат студентите на запад - како келнери за минимална плата, како градежници, бебиситери, продавачи во трафика, разнесувачи на весници или чистачи во Мекдоналдс.
Ме интересира дали авторката на овај текст има работено како:
-келнер за минимална плата
-традежник 
-бебиситерка во Македонија
- продавч во трафика или разнесувач на весници ИЛИ како чистач во мекдоналдс
Знаете дека во нашата Македонија  не постои т.н part time како во земјите од кои вие ги земате како пример и дека вие како келнер за минималнаплата не си го знаете своето работно време ( можи да работите од 9 до 12 часа и да не добиете надоместок за прекувремена работа ), дека работните смени не зависат од вас туку од расположението на Менаџерите и дека не сте заштитени од т.н кабадаји за кои неодамна сте слушнале кои се изживуваат со келнерите кои работат за минимална плата, а можеби и не знаете дека со работа како градежник ќе имате средства доволно колку да се прехраните ( да не прајме муабет да се издвои за школовање).
Текстот ти е супер, но дај да престаниме со солење памет знајме дека сте биле на запад и имате видено како функционира но не и искусено.
Смачено ми е од вашите критики како треба да биди, без предлог за реално решение за проблемите.
 

Тоа што нема

Тоа што нема „избор“ во МК за работа, е уште подобар изговор за „фраерите“. Како некој кој не бил на запад, ќе ти кажам дека многу луѓе работат парт тајм , и по две работи, но тоа најчесто се возрасни, со деца кои немаат избор. Младиот Македонец најчесто не го прави тоа и кога може, зашто тој заслужува повеќе. Тоа е реалноста, не солењето памет. Помини по кеј утре, и прашај ги сите незапослени дали се спремни да прифатат работа во Мекдоналдс, и потоа дојди пушти и се на авторката. Како треба да биде е многу јасно, за Македонија...се работи. Не се пие кафе на плоштад со парите на мајка или уште повеќе, на народот.

ОкоБоли главаВицФото