Геј спортистите непожелни во Сочи

03.08.2013 12:13
Геј спортистите непожелни во Сочи

Иако медиумите во САД го пренесоа уверувањето од руска страна дека дискриминаторскиот закон за т.н. „хомосексуална пропаганда“ нема да се применува врз учесниците и гостите на зимските олимписки игри во Сочи во 2014, од врвот на власта на Путиновата православна Џамахирија стигаат сосема спротивни информации, и тоа директно од кабинетот на рускиот министер за спорт, Виталиј Мутко. Изјава со која се истакнува дека дискриминаторскиот закон сепак ќе важи за сите за повеќе медиуми даде и коавторот на срамниот акт, агресивниот хомофоб и влијателен член на Законодавното собрание на градската област Санкт Петербург, Виталиј Валентинович Милонов.

Откако многу геј активисти ширум светот поради дискриминаторскиот закон за т.н. „хомосексуална пропаганда“ повикаа на бојкот на Олимпијадата, руската страна се обиде да ги одоброволи луѓето од Меѓународниот олимписки комитет со изјава дека спорниот правен акт, на кој во јуни стави потпис лично Владимир Путин „нема да важи за гостите и учесниците на натпреварувањата“. Меѓутоа, по најновите пораки од Русија се чини дека спорната приказна е далеку од епилог.

Сосема спротивни изјави, пред сè за руските медиуми, дадоа минстерот за спорт Виталиј Мутко и коавторот на дискриминаторскиот закон Виталиј Валентинович Милонов, голем православец кој од 1991 до 1998 му се молеше на бог како припадник на Баптистичката црква, за после 2006, откако дипломираше на Универзитетот за православни хуманистички науки „Свети Тихон“ да стане лаички крстоносец во служба на мантијашите од Кремљ.

Чиновникот од кабинетот на премиерот Медведев им порача на хомосексуалците дека на Олимписките игри во Сочи во 2014 треба да го почитуваат рускиот закон. „Овој закон пред сè ги штити малолетниците“, изјави Мутко цинично додавајќи дека никој не им забранува на спортистите хомосексуалци да учествуваат на игрите. „Само, доколку спортистот хомосекуалец излезе на улица и го пропагира своето сексуално уверување, ќе биде повикан на одговорност“, а тоа за странците во Русија значи казна од 15 дена затвор и/или депортација. Тој им прача на спорстистите од ЛГБТ популацијата „да не ги вклучуваат младите луѓе и да не вршат пропаганда врз нив“.

Истовремено, политичарот во служба на Руската православна црква, хомофобот Виталиј Валентинович Милонов, кој во медиумите отворено ги нарекува ЛГБТ лицата перверти, го изнесе својот личен став. „Не сум ги слушнал коментарите од Владата на Руската федерација, но знам дека сите ќе мораат да се однесуваат во согласност со руските закони. Ако законот е усвоен на ниво на федерација и потпишан од страна на претседателот, тогаш Владата нема право да го суспендира. Тие едноставно не поседуваат таква надлежност“. Милонов на тој начин го демантираше МОК кој тврди дека од рускиот врв добил гаранција за „исклучок“ на посетителите и спортистите од сè посилната дискриминација над ЛГБТ популацијата во Русија.

Опортунистот со клерофашистички погледни на свет, што Виталиј Милонов секако е, нема моќ да се спротивстави на наредбата која доаѓа од Кремљ, а тешко е да се очекува дека двоецот Путин-Медведев ќе се одлучи да апси, затвора и протерува спортисти од Сочи. Сепак, самата приказна во медиумите и секојдневните извештаи за агресивноста на руските хомофоби, апсењата или физичкото насилство над луѓето од страна на уличните фашистички банди, а сè со амин на Руската православна црква е доволна да ја „замати водата“ и кај спортистите од ЛГБТ популацијата да предизвика некој вид автоцензура за време на престојот во градот на брегот на Црното Море.

Извор: e-novine