Храбар руски издавач објави детска книга со геј тематика

08.08.2013 10:59
Објавена руска детска книга со геј тематика

Руската авторка Дарја Вилке го објави детскиот роман „Шапката на дворскиот шут“, кој ја раскажува приказната за 14-годишното момче Гриша кое живее и работи во еден куклен театар со своето семејство и со стариот пријател Сам, кој е геј.

Во интервју за „The Atlantic“, Вилке вели: „Додека бев дете, хомосексуалноста ми беше сосема нормална. Никој не ја прикриваше. Дури кога пораснав сфатив дека постојат луѓе кои ја сметаат хомосексуалноста за проблем.“

Инспирацијата ја црпела од сопствените искуства доживеани во текот на детството, кога поголемиот дел од времето го поминувала во куклениот театар во Москва каде што работеле нејзините родители.

„Книгата започнува во моментот кога најдобриот пријател и ментор на протагонистот, Сам, кој е и најталентираниот актер во театарот мора да замине во Холандија, бидејќи е премногу тешко за него да живее во Русија, затоа што е геј, и покрај тоа што куклениот театар каде што се одвива дејството претставува некој вид сигурно место, каде што геј глумците не мора да се кријат.“

Книгата се појавува непосредно откако рускиот претседател го потпиша злогласниот закон со кој под оправдувањето за „заштитата на децата“ се цензурираат и со закон се забрануваат ЛГБТ тематиките.

Вилке ја напишала книгата пред повеќе од една година, но нејзиниот издавач го одложувал моментот на издавање. Кога овој закон стапил на сила, тие сфатиле дека ако не ја објават во истиот момент, можеби никогаш нема да може да биде издадена. Авторката ја истакнува храброста на издавачот и нагласува дека не знае за многу издавачки куќи кои моментално би се осмелиле да издадат ваква книга во Русија. Поради законот, на книгата сепак ќе мора да стои ознака дека е само за постари од 18 години.

Таа изјави дека била шокирана по воведувањето на законот – мислела дека ќе биде спроведуван неколку години само во некои градови и дека потоа ќе биде укинат, а не дека ќе биде изгласан на државно ниво. „Овие видови закони, според моето мислење, ги поттикнуваат фашистичките тенденции во општеството – многу е опасно да се создаваат такви поделби на добри и лоши, на оние кои можат да зборуваат и оние кои не можат.“ Единствено можеме да се надеваме дека законот нема да биде доследено спроведуван, вели таа.

Говорејќи за улогата за која се надева дека нејзината книга ќе ја има, таа вели: „Книгите за табуата секогаш тешко се прифаќаат, но на крајот нивното постоење помага да се променат нештата.“ Напоменува дека веќе имала многу позитивни реакции од читателите: „Едно момче ми напиша и ми рече дека кога ја прочитал книгата, сфатил дека се работи за него.“ Таа додава дека ништо не е подобра вест за авторот од тоа дека читателите се пронаоѓаат во неговите книги.

Се разбира, имало и негативни реакции, особено во коментарите под прилогот со кој е претставена книгата на интернет-страницата на издавачката куќа. Имало и прашања зошто да се пишува за хомосексуалноста во една детска книга – „кога постојат толку многу други проблеми“. Но, авторката вели дека досега не се соочила со негативни реакции од страна на институциите, иако нагласува, книгата е објавена само пред еден месец.

Како и нејзиниот протагонист, и Вилке ја напуштила Русија, па моментално предава руски на Универзитетот во Виена. Сепак, не сака да ја прогласи Австрија за свој (единствен) дом: „За мене би било идеално кога би живеела на релација Австрија-Русија. Но не можеме пасивно да ги прифаќаме овие закони“, вели таа, додавајќи дека изјавата дека сега Австрија е единствената држава за неа само би значела дека таа ја прифаќа ситуацијата во Русија. „Русија е мојата земја, а јас чувствувам дека сум во состојба да ги променам нештата таму.“

Извор: queer.hr

ОкоБоли главаВицФото