Штетите што ги направи земјотресот (3)

21.08.2013 08:20
Штетите што ги направи земјотресот (3)

Штети во здравно-хигиенските установи

Пред земјотресот во Скопје работеа следниве здравни установи: Здравниот дом „Идадија" со 10 амбуланти, школска поликлиника, Детски, Женски и Кожно-венеричен диспанзер. Во нив се лекуваа 52.000 осигуреници. Здравниот дом „Кале" располагаше со 4 амбуланти школски и детски диспанзер и 2 детски амбуланти. Тука се лекуваа 18.000 осигуреници. Здравниот дом „Саат Кула" имаше 7 амбуланти и диспанзери за 36.000 осигуреници.

Покрај овие, во градот работеа и амбулантите на ДСВР и ЖТП и 8 здравни станици во стопанските организации. Вака организираната здравна служба во прилична мера ги задоволуваше потребите. Но, земјотресот ги уништи зградите на домовите „Кисела Вода", „Кале" и „Саат Кула", железничарската амбуланта, родилниот дом, 8 здравни станици и 2 диспанзера. Според нецелосните проценки, во здравството е направена штета од 473 милиони динари на згради и 212 милиоии динари од уништена опрема. Ова е штетата што ја претрпеа само здравните домови. Инаку, заедно со сите здравни установи штетата изнесува околу 4,4 милијарди динари. Меѓу другите, тешко е оштетена и зградата за Брза помош. Состојбата на здравните институции беше таква што тие долго време даваа лекарска помош и нега во сосема ненормални услови — под шатор. Уништени беа и скапи уреди и опрема во клиниките и другите здравни установи.

И аптекарската служба има претрпено прилични штети: 1 милијарда, од кои 800 милиони од уништени лекови.

Навистина беше апсурд град од 200.000 жители да има само 3 јавни бањи и тоа сместени во стари турски амами. Ho, по катастрофата и тие се наполно уништени.

Претпријатието „Градска чистота" задолжено за комуналната хигиена претрпе штета од околу 43 милиони динари.


Штети во областа на просветата, науката и културата

Школството во скопската катаклизма помина слично како и сите други области од животот. Огромен дел од училишните капацитети, од основното, средното и високото школство претрпеа неверојатни загуби. Пред земјотресот на градското подрачје работеа 32 основни училишта со 1015 паралелки и 36.585 ученици. Во околијата работеа 121 основно училиште со 459 паралелки и 14.821 ученик. Вкупно во градот работеа 153 основни училишта со 1.469 паралелки и 51.460 ученици. По земјотресот останаа само 3 згради каде што наставата можеше веднаш да почне, 2 беа полесно оштетени, 7 бараа полесни поправки, 9 беа толку оштетени што требаше да се извршат проучувања за економската оправданост на нивното санирање, a 11 беа сосема уништени. Во околијата беа онеспособени само три основни училишта и тоа во селата Белимбегово, Бунарџик и Брезица. Идентична беше положбата и со училиштата од II степен. Од 22 училишта со 27 згради во кои се школуваа 8.376 ученици, останаа здрави само две со 240 ученички места. Покрај овие 2 згради, со помали поправки можеа да се употребат 6 згради, за 4 поправката беше мошне тешка, a 15 згради беа сосема уништени. Имено, наполно се урнаа следниве училишта од II степен: Средно музичко, Градежно-техничкото училиште „Здравко Цветковски", Четврта гимназија и гимназијата „Цветан Димов". Гимназијата „Јосип Броз — Тито", учителските школи „Никола Карев" и „Зеф Љуш Марку", Средното фискултурно училиште, Трговскиот училишен центар, Училиштето за ученици во стопанството „Димитар Влахов", основното училиште „Гоце Делчев" и Училиштето за глувонеми претрпеа такви штети, што веќе не се за употреба. Наполно е уништен или не ќе може да се користи за подолго време 70,1% од училишниот простор за основните училишта, односно 90,2% во училиштата од втор степен. Сета среќа е што во тој момент во училиштата немаше ученици.



Универзитетот во Скопје основан во 1946 год. се состоеше од 7 факултети, односно од 11, колку што требаше да има во текот на следната учебна година со прераснувања на уште 4 отсеци во посебни факултети, со 12.788 студенти и 81 институт, завод и лабораторија. Тој беше трет југословенски универзитет, изграден со огромни напори и материјални вложувања. Штетите што ги претрпе за време на земјотресот се огромни. Градежниот фонд и инвентарот на Универзитетот е уништен над 80%. Библиотечниот фонд е тешко оштеен, а лабораториската опрема и апаратура уништена 90%. Зградите на Филозофскиот, Економскиот, Правниот, Техничкиот и Шумарскиот факултет, како и Ректоратот се страшно оштетени. Медицинскиот факултет е оштетен 35%. Сите студентски домови и ресторани се руинирани и неупотребливи. Универзитетската печатница, опремена со модерни машини, исто така, не беше поштедена. Најважно е што на Универзитетот е сочуван наставниот кадар. Повеќе самостојни научни институции претрпеа исто така огромни штети. Од вкупно 19 самостојни научни институции во нашата република, 16 беа во Скопје. Тешко се оштетени и Институтот за технолошки и металуршки иследувања, Институтот за национална историја, Економскиот институт, Сточарскиот институт, Институтот за македонски јазик и други.

Особено тешко беше оштетена Народната библиотека која имаше книжен фонд од 500.000 примероци, комплетна колекција на микрофилмови на македонски ракописи од Средниот век, чии оригинали се чуваат по разни библиотеки во земјата и во странство, модерно водени предметни, авторски и децимални каталози, книги и брошури од областа на „Македоника", по еден примерок од секoja книга која е печатена во Југославија од 1945 година, многубројни уникати и друго. Голем дел од овој книжен фонд е спасен благодарејќи на брзата интервенција на младинските бригади кои до 16. VIII. успееја да завршат со расчистувањето и книгите да ги префрлат во Даут-пашиниот амам на привремено засолниште.



Разорени се или тешко оштетени уште зградите на Народниот театар, Малцинскиот театар, Младинско-детскиот театар, Филхармонијата на СРМ, Концертната дирекција, зградата на ансамблот за народни песни и игри „Танец", Државната архива, Историскиот музеј, Археолошкиот музеј, Републичкиот завод за заштита на културно-историските паметници, книгоиздателствата „Кочо Рацин", „Култура" и „Просветно дело".

Културно-историските паметници кои го красеа Скопје претрпеа големи оштетувања. Меѓу најоштетените се смета скопската тврдина „Кале". Овој симбол на Скопје, кој со векови им се противставувал на стихиите, овојпат не можеше да ја преживее скопската катастрофа. Високите тврдини, што гордо се издигаа над Вардар, на 26 јули се претворија во куп урнатини. Уништени се како ѕидовите од турско време, така и ѕидовите од византискиот период. Урнат е еден цел комплекс на Куршумли-Ан, а Сули-Ан, Џурчинер-Амам, Казанџилар Џамија, Алаџа Џамија, Исхак-бегова Џамија, Султан Муратова Џамија, Мустафа-пашина Џамија, Безистенот, тулбињата Ашти Ајак и Гази Баба, црквата Св. Спас, Даут-пашин Амам, Чифте Амам, Саат Кула, Јаја пашина Џамија, манастирот Св. Пантелејмон во Нерези, феудалната кула во близината на киното „Балкан", Чифте-Ан, римскиот водовод, црквата Св. Архангел во Кучевиште и манастирот Св. Никита се значително оштетени.

Од другите културни установи оштетени се уште „Вардар-филм", „Македонија-филм", „Уметничката галерија" и РТВ-Скопје. Од 10 кина, 2 се наполно урнати, а другите се значително оштетени. Од 10 сали за физичка култура, 8 се наполно уништени, а две ќе можат да се поправат.

Двете зданија, симболи на СКОПСКИОТ плоштад — Домот на ЈНА и Народната банка се сосема уништени. Оштетени се и речиси сите јавни згради: на градските и републичките претставнички тела, на органите на власта и на општествено-политичките организации.

Кон првиот дел

Кон вториот дел
 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото