Јас сум Челси Менинг

24.08.2013 10:20
Јас сум Челси Менинг

Американскиот војник кој во средата беше осуден како Бредли Менинг планира да започне со примање хормонска терапија и да го промени полот.

Во соопштението кое го даде во четвртокот (22.08.2013) Менинг вели дека сака да биде позната како Челси Е. Менинг и за неа да се зборува во женски род.

„Во моментот кога влегувам во следната фаза од мојот живот, сакам сите да го знаат моето вистинско јас“, напиша таа.

„Јас сум Челси Менинг. Јас сум женско. Со оглед на тоа како се чувствувам и како се чувствував уште од детството, сакам да започнам со хормонската терапија колку што е можно побрзо. Се надевам дека ќе ја почитувате мојата промена.“

Менинг во средата беше осудена на 35 години затвор поради проток на стотици илјадници доверливи докуемнти. Таа беше прогласена за виновна за 20 точки од обвинението, за шест од нив врз основа на Законот за шпионажа, а нејзиниот адвокат во текот на судењето изјави дека Менинг реагирала од чувството на должност кон нејзината земја.

„Исто така барам, почнувајќи од денес, да ми се обраќате со моето ново име и да ја користите заменката за женскиот род (освен во службената пошта адресирана до затворската единица), при комуникацијата со мене“, се вели во соопштението.

Однапред се радувам на писмата од моите поддржувачи и на можноста да им одговорам.“ Таа им се заблагодари на своите поддржувачи затоа што „ја прават посилна“ во текот на времето поминато во затврот и при судењето, како и за финансирањето на нејзината одбрана.

Во текот на судењето беше откриено дека во 2010 Менинг му пратила мејл на својот супервизор во војската со фотографии на кои носи перика и кармин на усните. Во насловот на пораката, таа напишала: „Мојот проблем“.

Пред тоа, за време на судењето беше откриено дека Челси Менинг не ги пратила мејловите до командантите на армијата каде што таа ги открила проблемите поврзани со нејзиниот родов идентитет, а ни фотографиите од неа како жена, „бидејќи би можеле да бидат пренесени низ бригадата“.

Менинг опиша како ова ѝ предизвикувало „проблеми во семејството. Мислев дека со кариерата во војската можеби и ќе го надраснам. Но не се случи ништо – како што стареам ова ме прогонува сè повеќе и повеќе. Сега последиците се поразни, бидејќи ми предизвикува голема внатрешна болка“.

Адвокатот на Менинг рече дека тоа е пример дека нејзините надредени во неколку наврати не се обиделе да ѝ помогнат, истовремено придонесувајќи за стресот кој го доживувала.

„Стресот на кој таа била изложена ви го дава контекстот за она што се случувало тогаш“, рече адвокатот на Менинг, Дејвид Комбс.

„Но тоа никогаш не беше изговор, бидејќи тоа не ги предизвика нејзините дејства. Она што ја поттикна да го направи тоа беше силниот морален компас.“

Според пресудата, Челси Менинг (25) ќе биде отпуштена од американска војска и ќе изгуби дел од платите, а нејзиниот чин ќе биде намален. Менинг ќе има право на условна слобода откако ќе отслужи една третина од казната, која ќе биде намалена за времето кое веќе го провела во затворот, а и за дополнителни 112 дена поради нехуманиот третман на кој била изложена во притворот за време на првите денови по апсењето во злогласниот затвор Квантико.

Комбс потврди дека Менинг ќе ја отслужува својата казна во воениот затвор Форт Левенсворт. Меѓутоа, потпаролката на затворот изјави дека во третманите за затворениците не е вклучена хормонска терапија.

Но Комбс додаде дека се надева дека Форт Левенсворт ќе ја „направат вистинската работа“ и ќе ѝ овозможат хормонска терапија. „Доколку не го направат тоа, тогаш јас ќе направам сè што можам за да ги натерам да го направат.“

Извор: BBC News