Како ХИВ-от ја промени уредувачката политика на Њујорк тајмс

21.07.2017 03:12
Како ХИВ-от ја промени уредувачката политика на Њујорк тајмс

Џеф Шмалц

Во време кога Њујорк тајмс најавува венчавки на истополови двојки и редовно се занимава со ЛГБТ теми, не е лесно да се замисли како изгледал овој медиум пред Џеф Шмалц. Впрочем, многумина го заборавиле или не ни слушнале за него, така што не можат ни да знаат колку неговото новинарство, неговата хомосексуалност, и смртта заради компликациите предизвикани од сидата, не само го променија начинот на кој медиумите известуваат за овие теми, туку и начинот на кој Американците размислуваат за ХИВ-от и ЛГБТ правата.

Денес, 22 години по неговата смрт, најпосле му беше дадено признание преку мултимедијалниот проект "Dying Words: The AIDS Reporting of Jeffrey Schmalz and How It Transformed The New York Times," кој се состои од радио документарна програма и биографска книга со истиот наслов.

Шмалц почнал да работи за Њујорк тајмс уште како студент, во доцните седумдесетти години од минатиот век. Природно талентиран, се заљубил во работата, го напуштил факултетот за потполно да ѝ се посвети на работата и брзо се пробивал кон врвот на хиерархиската скала, сè додека не удрил во она што го нарекувале „розов плафон“. Во тоа време, особено за време на уредништвото на Ејб Розентал, редакцијата на Тајмс била мошне хомофобична. Иако, Шмалц се преправал дека е стрејт, неговата кариера почнала да стагнира, а се зборувало дека тоа е зашто му недостасувале одредени хетеросексуални моменти, како сопруга и деца.

Откако колабирал на работа кон крајот на 1990 година, колегите дознале дека Шмалц е инфициран со ХИВ и дека болеста напредувала многу. Во тоа време болеста исклучиво се поврзувала со геј мажите, така што немал избор освен да се аутира. Но, она што можело да ја заврши неговата кариера, впрочем ја оживеало. Шмалц закрепнал и се вратил на работа за да ја започне мисијата чија цел била Тајмс да почне да известува за епидемијата која сè уште дивеела во њујоршката геј заедница, но почнала да ги погодува и другите популации. Раскажувајќи ја својата приказна, и приказните на другите, Шмалц почнал да ги хуманизира оние што живееле со ХИВ-от, и да ги дестигматизира оние што умирале од компликации предизвикани од сидата, а со самото тоа и да го менува начинот на кој дотогаш известувал Тајмс за ЛГБТ теми воопшто.

Проектот „Dying Words“ се состои од исечоци од известувањето на Шмалц за ХИВ-от и оригинални снимки од неговите интервјуа со Меџик Џонсон, Бил Клинтон и други. Аудио документарецот, чиј продуцент беше Кери Донахју, се емитуваше на радио станиците ширум земјата, а сега е достапен на интернет. Биографската книга која е дел од проектот ја состави Семјуел Г. Фридман, на кого Шмалц му бил ментор, а својата потреба да му оддаде чест на овој прекрасен човек ја објаснил во следниот исечок:

Последниот ден од моето двонеделно стажирање во Тајмс, Шмалц ми даде теренска задача. Требаше да известувам од Парадата на гордоста која се одржуваше тој ден. Иако, бев кратко во редакцијата, Шмалц уште првиот ден ми кажа дека е геј, а во тоа време тоа беше мошне ризично. Некако, и покрај моето незнаење, ме препозна како некој кој е способен да ја сфати реалноста на ЛГБТ од тоа време, и некој кој би можел да придонесе за подобро известување околу таа тема.

Чекорејќи низ рутата по која се движеа учесниците на парадата забележав млад човек кој се викаше Џеф Натер. Се познававме од средно училиште, беше една година помлад од мене, а ме наследи како уредник на училишниот весник. Слушнав дека работи како глумец, а сега стоеше пред мене носејќи натпис: „Армија љубовници не може да не успее“. Тој детал, како и неговото име, го ставив во статијата што ја напишав подоцна. Ми се јави после неколку дена и ми раскажа дека благодарение на статијата се аутирал на родителите. Ми падна на ум дека и јас го аутирав Шмалц, не во смисла дека сакав да им го откријам неговиот идентитет на надредените, туку дека го направив тоа мало нешто и придонесов за толеранцијата во тоа мошне нетолерантно време. Тој прегреа во редакцијата обидувајќи се да известува за геј прашањата на начин кој не беше егзотичен или осудувачки, а доволно ја познаваше уредувачката политика за да знае дека тоа нема да биде лесно.

Младите, стрејт, освестени репортери како мене му беа најголеми сојузници на Шмалц. Во тоа време во Тајмс беше забрането да се користи зборот „геј“, освен ако не е дел од директен цитат. Терминот што го прифаќаа беше „хомосексуалец“, студен збор, клинички прецизен и многу отуѓувачки (насловот што го доби мојата статија беше: „Гордоста и радоста на парадата на хомосексуалците“). Така почнав да чувствувам делче од стравот што го чувствуваа многу гејови и лезбејки кои работеа во Тајмс, кои се држеа во ормар или дури им се наметнуваа формални бракови за да ја зачуваат кариерата. Шмалц прв ми кажа дека е геј за време на еден од нашите деловни ручеци. Не се сеќавам точно на местото и времето, или зборовите што ги употреби. Се сеќавам на неговиот тон: мирен, самоуверен, поткрепен со факти. Не бев подготвен за ослободувачката едноставност на неговиот заклучок. Мојот најголем ментор, професор по книжевност во мојот роден град, се оддаде на алкохолизам за да ги ублажи последиците на тоа што беше геј. Кога еден пријател ми се довери дека има геј брат, само дискутиравме за природата на болеста, а себеси се сметав за освестен и слободен. А, потоа се појави Шмалц и ми го соопшти тоа толку лесно и толку точно. За време на нашите разговори ми понуди прозорец во геј животот кој не беше ни живот на жртва, ни живот заради кој требаше да се извинувам. Ми зборуваше за геј клубовите што ги посетувал и за начинот на кој се осветлувал подиумот за танцување кога ќе се појавеле момците од Бродвејскиот хор по завршувањето на некои од претставите. Дури и се шегуваше на сметка на својот вкус за мажи: „Твинки, велеше: млади, руси и глупави.“

Семјуел Г. Фридман

Потоа, во декември 1990 година слушнав дека колабирал на работа и дека му е дијагностицирана Сида во поодминат стадиум. Во тоа време немаше лекови за да се контролира болеста, но Шмалц неверојатно брзо закрепна и се врати на работа, а во последната година од животот бестрашно пишуваше за ХИВ-от, пронаоѓајќи го сопствениот глас, како што пред тоа ги пронаоѓаше гласовите на оние што ги подучуваше.

Неговите интервјуа со кошаркарот Меџик Џонсон и активистите како што се Мери Фишер и Том Стодард, и многу други кои живееја со ХИВ или Сида, беа исполнети не само со неговата генијалност, туку и со емпатијата која стана нов момент во неговото известување. Болеста која требаше да го убие, впрочем ја отвори неговата душа и му даде сила да го провоцира својот потенцијален убиец, да го даде најдоброто од себе. Последен пат го видов есента 1993 година. Лежеше беспомошно во својата соба совладан од болеста. Умре на 6 ноември истата година, имаше 39 години.

Смртта беше неговата последна лекција упатена до мене. Како што беше првиот аутиран геј што го познавав, така стана и првата личност која умре од компликации предизвикани од Сидата што ја познавав. Оттогаш ме прогонува неговото отсуство. Неговото водење низ уредувачката политика на Тајмс, која уништи многу поталентирани писатели од мене, засекогаш го одбележа моето пишување. Чувствував вина за она што преживеа, а покрај тоа се жалев што, како што минуваа годините, сè помалку луѓе се сеќаваа кој беше Џеф Шмалц и што постигна неговото неверојатно дело.

Џеф Шмалц, мојот ментор и јунак кој живееше во немилосрдна ера, стана предмет на мојот проект. Неговото искуство ни зборува за промените кои човештвото е способно да ги направи. Не доживеа да ги види тие промени, но неговото дело ги направи можни.

Извор: http://www.xxzmagazin.com