Пулицеровата награда во ерата на Трамп

14.04.2017 09:53
Пулицеровата награда во ерата на Трамп

Панамските документи, човек со посттрауматски стрес синдром, војната против дрогата на Филипините и влијанието на големите корпорации врз земјоделството се сториите чиишто автори ја добија Пулицеровата награда за новинарство. Наградата беше доделена во понеделникот. Двајца новинари кои со своите текстови се истакнаа за време на претседателските избори, минатата година, добија посебно признание. Се работи за Дејвид А. Фарентхолд од „Вашингтон пост“ и неговата сторија за добротворната фондација на Доналд Трамп и Пеги Нунан од „Волстрит џурнал“ за фокусирањето на американските доблести во текот на кампањата што предизвика раздор.

Никогаш претходно не се случило актуелен американски претседател да ги нарече мејнстрим медиумите „опозиција“ или „непријател на американскиот народ“. За околу една година, активистите на екстремната десница во САД, меѓу кои има и поддржувачи на Доналд Трамп, почнаа дури и да го употребуваат германскиот збор од нацистичко време, „Lügenpresse“ (лажливи медиуми) за да го опишат она што се смета за мејнстрим новинарство.

Во септември 2016 година, една анкета на Галуп покажа дека само 32 отсто од испитаниците имале „голема“ или „доволна“ доверба во медиумите. Ова е низок степен на доверба, но се појави како резултат на долгорочен тренд: Во изминатата деценија, помалку од половината од американската популација имаше доверба во медиумите, делумно и поради тоа што луѓето веруваат дека медиумите се одраз на корпоративните интереси и дека тие управуваат со изнесените ставови. Довербата е дополнително уништена во ерата на апдејтирањето од страна на социјалните мрежи.

Дејвид Фарентхолд откри дека Трамп користел средства собрани во добротворни цели за да си купи сопствен портрет.

Ефектот „Трамп“

Сосема е јасно дека не се работи само за Доналд Трамп, па сепак, актуелниот претседател на САД останува во центарот на вниманието на медиумите во време на конвулзивни промени. Со сериозна квантитативна анализа неодамна е проценето дека Трамп, за еден месец, доби бесплатно медиумско покривање што вреди 817 милиони долари, а за споредба, кога Барак Обама беше претседател, просекот изнесувал 200 милиони долари месечно. Јасно е дека сегашниот претседател има способност да генерира медиумски активности, давајќи провокативни и често – сосема невистинити изјави.

Френклин Рузвелт профитираше од радиото, Џон Ф. Кенеди на телевизија изгледаше подобро отколку неговиот противник Ричард Никсон, а Барак Обама го разбра потенцијалот на интернетот за генерирање автентичен ентузијазам кај обичните луѓе.

Сега, Трамп ја должи својата победа на еден од последните трендови на медиумската сцена, а тоа е способноста на социјалните медиуми за предизвикување раздор.
Неговата победа се должи и на таргетираните дезинформации. Познато е, на пример, дека државите Висконсин, Мичиген и Пенсилванија кои го испорачаа критичниот број изборни гласови беа мета на лажни вести, вклучувајќи ги и оние од странски извори.

Промена на аголот

Сепак, по години на намалување на приходите и на вработените, главните медиуми во моментов се соочуваат со пресврт на нивната судбина. Бројот на гледачи на кабелските вести, како „Фокс“ и CNN достигнува рекорди. „Ударот на Трамп“ доведе до зголемување на процентот на претплати за весниците. Минатата година на „Њујорк тајмс“ се претплатиле повеќе од половина милион дигитални читатели, а електронското издание на весникот бележи речиси една третина повеќе сообраќај на својата интернет страница во споредба со претходната година. „Вашингтон пост“, познат по своето агресивно известување за Трамп пред и по изборите, во наредните месеци се очекува да вработи повеќе од 60 новинари.

Откако претседателот немилосрдно ги нападна, нарекувајќи ги медиуми за „лажни вести“, една анкета на Универзитетот Quinnipiac, во февруари покажа дека 52 отсто од Американците повеќе им веруваат на медиумите отколку на Трамп. Исто така се зголемија и придонесите за „ProPublica“, некомерцијалниот конзорциум на истражувачки новинари.

Фотографија на Даниел Берехулак која ја доловува мрачната реалност на војната против дрогата на Филипините.

Грасрут истражување и интернационално известување

Каква е врската на Пулицерова награда со сето ова? Забележаниот „Трамп ефект“ тука нема влијание. Една од наградите ја доби Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, кој го вклучува и германскиот „Зидојче цајтунг“, а наградата е за откривањето на скандалот со избегнувањето даноци, во случајот Панамски документи. Јасно е дека конзорциумот не застапува некои корпоративни интереси.

Добитничката на Пулицеровата награда за литература за 2017 година, Лин Нотиџ, во нејзината драма „Пот“ се фокусира на гневот на работничката класа.

Кога „New York Daily News“ и „ProPublica“ објавија стории за луѓето кои се принудени да ги напуштат своите домови поради наводни криминални активности, тоа доведе до промени во законите на градот Њујорк.

И нема зборови што ќе го пренесат ужасот на филипинската „војна против дрогата“ подобро од фотографиите на Даниел Берехулек. Неговите фотографии на убиени зависници откриваат вистини коишто не можат да бидат разубавени или занемарени и ниту една власт не може да ги спинува.

„Демократијата умира во темнина“ е мотото на „Вашингтон пост" во ерата на Трамп.

Уште еден од годинешните добитници на Пулицеровата награда, карикатуристот Џим Моран од „Мајами хералд“, игра на една приказна од американскиот фолклор: Џорџ Вашингтон како момче е толку искрен, што не може да го излаже татко му за сечењето на дрвото со цреши. Во стрипот на Морин, Трамп е прикажан како носи секира во шума од исечени дрвја и вели: „Можам да кажувам лаги колку што сакам, бидејќи на недоволно луѓе им е грижа за вистината“.

Пулицеровата награда, а можеби и јавноста во Америка и во светот - не се согласуваат.

Извор: Deutsche Welle