Што се емоциите и зошто не треба да ги силуваме

02.09.2013 09:32
Што се емоциите и зошто не треба да ги силуваме

Тој. Се наведнува напред. Пригушено, напнато: „Идејата да му се обратиме на брачниот терапевт не беше моја. Колку што разбрав, оваа терапија се врти околу емоциите. Е, па, тоа значи дека не ми е местото тука. Прво, немам емоции како што ги има таа...“ Со раката покажува кон својата жена. Таа, налутена, гледа во подот. „Второ, јас не сакам да ги имам и да зборувам за нив. Го идентификувам проблемот и го решавам со сивите клетки.“

Додека зборува, со показалецот се потчукнува по слепоочницата. Устата му е стисната. „Кажете ми кој е нашиот проблем – зошто таа постојано е вознемирена – и јас ќе го решам. Кажете ми што треба да кажам и ќе го кажам токму тоа... Сè беше во ред, а потоа дојдоа децата и таа почна да се жали постојано. Веќе не знам од каде ѝ доаѓаат тие емоции, но знам дека само ги влошуваат работите.“

Се исправува. Потпрен на софата, со прекрстени раце. Како да сака да додаде: „Го кажав своето.“

Ја забележувате ли парадоксалноста на драмата? Во едно од најемотивните сценарија – бракот се распаѓа – еден од партнерите смета дека игнорирањето на емоциите е најдобар начин со кој ќе се спречи распадот.

Традиционално, емоциите се сметаат за дел од нашата примитивна, анимална природа. За разлика од нив, разумот би требало да го претставува нашето возвишено, спиритуално јас. Тезата често се поткрепува со откритијата на невронауката: со емоциите управува примитивниот лимбички кортекс (присутен и кај пониските видови); седиштето на разумот е во префронталниот кортекс (кај останатите примати е развиен значително помалку).

Зарем не би било идеално кога би можеле да имаме свесна контрола над лимбичкиот кортекс. Згора на тоа, револуцијата на полето на психологијата на емоциите, започната некаде во деведесеттите, денес е на врвот и генерира сосема ново сфаќање на чувствата. Тоа за што некогаш се зборувало како за „црна дупка на човечката психа“ и „седиште на лудилото“, полека се преобликува во „организирачка сила“, која е суштински важна за опстанокот на видот, на која почиваат некои од клучните елементи на цивилизираната општественост – на пример, моралот и емпатијата. Излегува дека емоциите го обликуваат и организираат нашето искуство. Нè подготвуваат за акција; имаат улога на силен мотиватор. Целосно во согласност со латинскиот корен (movere – се движи, се поместува), емоциите нè движат буквално за да се доближиме, да побегнеме, да избегнеме, да делуваме...

Пред оваа револуција терапевтите сфатиле дека нивната задача не смее да се сведе на учење на клиентите како да ги контролираат своите емоции. Одамна ја имале идејата за тоа дека корективното емоционално искуство нужно мора да биде дел од ефикасната психотерапија, но секогаш било тешко да се дефинира што точно би требало тоа искуство да подразбира и како да се стигне до него во работата со клиентот. Во работењето со двојките и семејствата, работата е уште покомплицирана, бидејќи комплицираните и дисфункционални односи со оние кои ги сакаме подразбираат поинтензивни емоции отколку конфликти со луѓето за кои не негуваме долготрајни и силни емоционални врски.

Наспроти тоа што денес го знаеме за емоциите, терапевтот најпрвин ќе посегне кон сигурното решение – ќе ги подучува клиентите како да ги вратат емоциите во колосек. Меѓутоа, токму заради тоа што денес го знаеме за емоциите, знаеме и дека тоа не е доволно. Имено, бесцелно е да му кажеме на партнерот „не сум лут“, а да ги држиме забите стегнати, или да сочувствуваме, а да комуницираме со рамен израз на лицето, а тонот на гласот да биде како да презентираме вести. Дури и ако воопшто не го воочи тоа, партнерот несвесно ќе ја обработи пораката како лага.

Што се емоциите?

Ако човекот го разбереме како систем кој свесно и несвесно тежнее кон самоодржување, емоциите би биле подсистем кој во тоа игра одлучувачки важна улога. Меѓу другото, емоциите ни помагаат, без посебен свесен напор, од морето стимуланси на кои сме изложени, да ги издвоиме оние кои се битни.

Од работата со пациентите со потешки оштетувања на мозокот научивме дека со бришењето на емоциите исчезнуваат, на пример, и преференциите – буквално не знаеме што сакаме, што ни е битно, кон што се стремиме; ова последното е особено интригантно, затоа што живееме со убедувањето дека сите свои цели ги дефинираме исклучиво врз основа и со помош на разумот. Истовремено, емоциите се основа на еден вид сигнален систем, невербален јазик преку кој со своите намери комуницираме со другите. На нашиот мозок му се потребни околу 100 милисекунди од лицето на соговорникот да ја прочита и најмалата промена на емоционалниот тон. За помалку од 300 милисекунди нашето тело физиолошки реагира на прочитаната емоција, така што без претерување може да се каже дека ги чувствуваме емоциите на другите. Тоа читање на намерите преку фацијалната експресија ни овозможува да го координираме делувањето, што е еден од условите за преживување.

Што е емоционално доживување?

Иако секое емоционално доживување е единствено, тие сепак се развиваат според вообичаена матрица. Пред сè, постои сигнал што го „фаќаме“ од средината. Во дел од секундата, грубо го обработуваме како добро или лошо, загрозувачко или пожелно. Паралелно, под нивото на свеста, нашето тело генерира физиолошка реакција на тој ист знак од окружувањето. Дел од информациите за физиолошката реакција се пробиваат до нашата свест. Двете информации – првобитната, грубата слика за сигналот од окружувањето и физиолошкиот маркер – ги обработуваме на повисоко, порационално ниво. Потоа, подготвени сме за акција (movere). За целиот процес, во најсложени услови, потребни ни се максимално шест секунди!

Ако нештото е толку брзо и едноставно, тогаш зошто емоциите се проблематични? Да го погледнеме примерот на „нашата“ двојка од ординацијата на брачниот терапевт:

ТОЈ доаѓа од работа. ТАА го прашува каков му бил денот. ТОЈ само одмавнува со раката и брза кон бањата. „Цел ден е со две хиперактивни деца. Не ѝ се потребни уште и моите проблеми од работа,“ си мисли во себеси.

Одмавнувањето со раката е сигнал кој ТАА, односно нејзиниот мозок, го толкува како лошо, опасно. Не е ни свесна дека срцето веќе забрзано ѝ чука, дека дише кратко и брзо, дека мускулите ѝ се затегнати. Тоа набрзо ќе се промени; информацијата за влажните дланки и забрзаното дишење ќе се пробие до свеста. „Исклучен е. Нема шанси да допрам до него.“ Стапува во акција; тргнува по него. Со повишен тон: „Никогаш не зборуваш со мене за ништо.“

ТОЈ ја препознава лутината и вознемиреноста во нејзиниот глас. „Морам да останам со ладна глава. Караницата ни е најмалку потребна сега.“ Сега навистина се исклучува, а ТАА навистина останува со впечатокот дека тој ѝ ја тресна вратата пред носот.

Што всушност се случува? ТАА и ТОЈ веќе одредено време се во дисфункционален однос. ТАА стана експерт за „фаќање“ на сигналите кои ТОЈ свесно или несвесно ѝ ги испраќа и особено се фокусира на сето тоа што би можело да упатува кон тоа дека таа е отфрлена. На секоја ознака од тој вид ѝ се случува тоа што во психологијата се нарекува примална паника. Кажано со јазикот на невронауката, се активира невралниот пат што го поврзува таламусот и амигдалата, која кај цицачите е изразено чувствителна на одговорите кои ги добиваме од битните поединци од окружувањето (attachment figures). Бидејќи се работи за информации од пресудна важност за преживувањето на видот, нивната обработка мора да биде брза и не може да се одвива на нивото на „умниот“ префронтален кортекс, каде што ја согледуваме пошироката слика, генерираме алтернативни планови за делување, одлучуваме кон кој план да пристапиме. Како и да е, ТАА го толкува сигналот како „отфрлена сум“ – „тоа е опасно“. Реакцијата „ти никогаш не разговараш со мене“ е само обид да се издејствуваат деманти на заклучокот до кој дошла таа. ТОЈ, пак, тоа го толкува како интрузивност, се повлекува и, гледно од нејзиниот агол, ѝ дава потврда дека е отфрлена.

Она што недостасува во оваа слика е тоа дека ТАА се обидува да ги регулира емоциите. Регулацијата треба да настапи некаде од моментот кога иницијално ќе го протолкуваме сигналот од окружувањето и дека потоа се одвива ад хок, додека емоционалното доживување се одвива во реално време. Тука настануваат „грешките“ и тоа ги прави емоциите проблематични.

Првобитната реакција на партнерката од нашиот пример е стравот дека таа е отфрлена. Неадекватната интервенција ќе ја трансформира во лутина, затоа што е отфрлена. ТАА воопшто не го воочува стравот, ѝ бега и го „обвинува“ својот партнер.

Зошто оваа првобитна емоција ни бега? Ако емоциите се неопходни за да преживееме, како тогаш не знаеме да ги „фатиме“? Работата е во тоа што психолозите го нарекуваат рефлексивни емоции – емоции што ги имаме за сопствените емоции. Другите цицачи ги немаат. Ги немаат ниту повисоките примати. Тие се производ на општественоста и културата: полот, родот, класата, образованието... „Ако го препознаам и објавам стравот, сите ќе знаат дека сум слаба и несигурна, дека лесно излегувам од колосек.“

Во што грешиме со емоциите?

Кога сме во состојба да им пристапиме на своите емоции, да ги регулираме и интегрираме, тие се водич низ животот. Како и сè друго, емоциите можат да скршнат во погрешен правец. Познатиот психолог од Стенфорд Џејмс Грос ги дефинирал емоциите како приближни претпоставки за тоа како би можеле да постапиме во одредена ситуација; во ниту еден случај не станува збор за сигурни, готови решенија. Во таа смисла, демистификацијата на емоциите и грешките кон кои сме склони, кога станува збор за нив, би можеле да ни бидат од голема помош.

Каде греши ТОЈ? Всушност, сличноста со механизмите и кратките споеви кои ги прави ТАА при толкувањето на сигналите и интерпретацијата на неговите и нејзините реакции е фрапантна. Кога ТОЈ ќе „побегне“ во бањата и ќе ја тресне вратата, соочен со нејзината констатација „никогаш не разговараш со мене“, не го прави тоа заради алтруистички обид да не долева масло на огнот. Односно, не го прави само тоа. Станува збор за рационализацијата со која се штити себеси од сопствениот страв – дека ситуацијата ќе ескалира и дека ќе мораат да се „договорат“ дека не можат да направат ништо повеќе. Како што ТАА не го препознава сопствениот страв од отфрленоста и го претвора во лутина заради отфрленоста, така ТОЈ не може себеси да си го претстави сопствениот страв од крајот на врската и го претвора во контрола над можниот крај.

Што може да се научи за емоциите?

Изложеноста кон погрешното толкување на сопствените и туѓите емоции и однесувања, која е базирана на емоциите, е универзална. Емоциите, особено интензивните, го стеснуваат опсегот на вниманието, нè наведуваат кон пристрасноста – стремеж да ги забележуваме само сигналите кои се вклопуваат во сликата што сме ја конструирале, па дури и насилно во неа да ги вклопуваме сигналите кои упатуваат кон сосема спротивното. Како што често зборуваат невронаучниците, мозокот е суров капиталист. Постојано се стреми со што помалку ресурси да продуцира што повеќе однесувања. Тој рестриктивен буџет, тоа настојување да не се пречекори, има своја цена. Колку емоциите се поинтензивни, толку оваа рестриктивност е поопасна. Од тој агол, не е чудно што љубовните односи, одбележани со интензивни емоции, се најкомплицирани и дека најчесто тука ги правиме грешките.

Тоа што е важно да се разбере во врска со емоциите е дека тие не ни се случуваат на нас, во смисла дека тие ни се наметнати од виша сила и дека нашата улога е само рецептивна. Ги конструираме во голема мера, со што барем делумно го обликуваме и емоционалниот одговор на оние кон кои се насочени нашите емоции.

Да се вратиме на примерот. Замислете ситуација во која ТОЈ излегува од бањата, седнува покрај неа, со тивок глас, зборувајќи малку побавно од вообичаеното (емоциите се брзи и добро е со свесен труд да се создаде контрапункт за да се зборува побавно): „Знам дека те исклучувам. Не знам поинаку. Кога ќе почнеме да се расправаме се чувствувам изгубено, конфузно. Се плашам дека ќе ми кажеш дека повеќе и не знаеш зошто си ме сакала...“ „... Ги разбирам твоите причини за лутина и бес, не мислам дека треба да ги криеш, но не знам да се соочам со твоите постојани изливи на бес. Не сакам да се чувствуваш како да си сама, сакам да веруваш и да знаеш дека сум тука, но јас не знам како да го направам тоа. Единствениот начин е да ми помогнеш во тоа, а изливите на бес не ми помагаат...“

Од круцијална важност е некој да го направи првиот чекор. Човечкото однесување, особено интерперсоналното, ако го анализирате малку подлабоко, во основа е реципрочно: не му се отворате некому кој никогаш не ви доверува ништо за себе; обратно, непријатно ви е да ѝ се доверите на личноста која во вас има доверба и се отвора пред вас.

ТАА е лута и понатаму – поточно, исплашена – но неговиот настап е разочарувачки. Нејзиниот страв од отфрленоста не е безличен и генерален – тоа во голема мера е страв дека ТОЈ ќе ја отфрли. Тоа значително ја зголемува веројатноста дека неговото отворање нема да наиде на индиферентност и ќе остане невозвратено. За тоа постојат и објективни причини. Јасната и кохерентна порака на партнерот остава помалку простор за слободно толкување и ги зголемува шансите за добивање на јасен и кохерентен одговор. Тоа е суштината на она што во теоријата се нарекува корективно емоционално доживување.

Се разбира, корекцијата не треба да се сфати како чудо кое се случува во еден замав. Сите претходни негативни емоционални искуства се и понатаму тука. Не се избришани, ниту е можно тоа да се направи. Повеќе се работи за некаков вид завет за да се има нов пристап. „Ако побегне во бањата и ја тресне вратата, тоа не значи дека сака да ме нема. Тоа значи дека во дадениот момент не знае подобро.“

Со неговото отворање нејзиниот бес за момент добива легитимитет. „Тој сфаќа како сум се чувствувала и ’признава‘ дека сум била во право. „Тоа што е поважно е дека ја приближува до сознанието дека „од утре“ не може и не треба лесно да посегнува за тоа, токму затоа што издејствувала „признание“. На некој начин, топката е во нејзиниот двор и со оглед на тоа дека неговата реакција создала услови да се чувствува сигурно, шансите и таа да истапи се значајни. „Јас се плашам дека ќе ме остави, тоа ме плаши и побеснувам.“ Можеби ова не е изјава што ќе настапи веднаш, но положен е темелот за да дојде до тоа.

Во овој контекст, паралелата со фобиите може да биде од корист. Личноста која постојано лета со авион и притоа упорно има зголемен страв од летање, како што покажува работата со таквите клиенти, всушност е фиксирана во својот прв лет кога го искусила стравот. Целосно се затворила за ново доживување при летањето. Не се сеќава на ниту еден детал од неодамнешните летови, затоа што влегувањето во авионот за неа го означува тој „првобитен лет“. Во моментот кога со терапија ќе стане подготвена секој лет да го доживува како изолирано, поединечно искуство, стравот во голема мера ќе се намалува.

Во нашиот пример, ако ТАА барем за момент прифати дека треснатата врата не е знак за „не ми требаш, не те сакам“, создадена е можност следниот пат тој знак да не го прочита така и да се обиде да го толкува на нов начин. Ако ТОЈ го толкува секој нејзин повишен тон како „подготвена сум да си одам“, имулсот дека таа ќе си оди ќе ослабне.

Ако ви се чини дека вака формулираната приказна за емоциите е рекла-кажала, ве упатувам на трудот на Џим Коан. Имено, тој е автор на неколку ингениозни студии базирани на невроимиџинг за делувањето на емоционалната сигурност на перцепцијата на заканата, стравот, загрозувачките стимуланси. Снимките направени со функционалната магнетна резонанца покажуваат дека мозокот поинаку го обработува електрошокот доколку, во лабораториски услови, го прими самостојно или држејќи ја за рака личноста со која е емоционално поврзана. Пренесено во „нашата“ ситуација, потсетувањето на тоа дека емоционалната врска постои, создава можност стимулансот што се доживува како закана за опстанокот на врската – да се доживее како закана од помал интензитет.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото