Темната страна на емоционалната интелигенција

05.07.2017 12:15
Темната страна на емоционалната интелигенција

Кај некои професии да се биде „во допир со емоциите“ е навистина важно, а оваа многу популарна фраза би воодушевила некои работодавачи. Кај други професии, пак, тоа може да биде вишок. Како и со останатите вештини, умеењето да се прочитаат другите може да биде корисно, но и штетно.

Некои од најголемите настани на човековата историја изобилуваат со емоционална интелигенција. Кога Мартин Лутер Кинг зборуваше за својот сон, говореше со јазик што ги топеше срцата на слушателите. „Наместо да ја почитува оваа света обврска кон слободата“, грмеше Кинг „Америка на црнците им даде непочитување и нееднаквост“. Тој вети дека „земјата што се топи од жештната на угнетувањето“ може да се промени во „оаза на слободата и правдата“, предвидувајќи иднина во која „на црвените планини на Џорџија, синовите на поранешните робови и синовите на поранешните робовладетели ќе можат да седат заедно на трпезата на братството“.

За да се пренесе толку запалива порака потребна е емоционална интелигенција и способност да се препознаат, сфатат и да се управува со емоциите. Кинг покажал исклучителна вештина во управувањето со сопствените емоции и топењето на срцата, што неговата публика ја покренало да преземе акција. Како што кажал авторот на неговите говори, Кларенс Џонс, Кинг на луѓето им давал „совршено избалансирана доза на причини и емоции, надеж и бес. Неговиот тон на болка и огорченост се совпаѓал со чувствата на луѓето.

Препознавајќи ја силата на емоциите, еден друг највлијателен лидер во 20-от век, со години ги проучувал емоционалните последици од говорот на телото. Ги вежбал гестовите, мавтањето со рацете и го анализирал одразот на своите движења, станал „апсолутно фасцинантен говорник“, како што го нарекол историчарот Роџер Мурхаус, тоа е нешто на кое вредно работел.
Неговото име е Адолф Хитлер.

Откако книгата на Даниел Големан, „Емоционална интелигенција“, во 1995 година стана бестселер, постојано се говори за таа способност. Лидери, креатори на политики, едукатори, сите ја користат емоционалната интелигенција за решавање на широк спектар општествени проблеми. Доколку можеме да ги научиме децата да управуваат со емоциите, аналогијата е дека ќе има помалку злоставување, а повеќе соработка. Доколку можеме да ја поцврсто да ја всадиме емоционалната интелигенција помеѓу лидерите, докторите, ќе имаме повеќе колегијалност и грижливост на работното место и многу подобра здравствена нега. Денес ширум светот емоционалната интелигенција се предава во средните училишта, во школите за бизнис и медицина.

Емоционалната интелигенција е многу важна, но нејзината темна страна фрла сенка врз воодушевеноста од неа. Новите докази покажуваат дека луѓето кои ќе ги усовршат своите емоционални способности, стануваат подобри во манипулирањето со другите. Кога сте добар во контролирањето на сопствените емоции, можете да ги прикриете своите вистински чувства. Кога знаете што чувствуваат другите, можете да ги искористите нивните најдлабоки чувства и да ги мотивирате да прават нешто што е спротивно на нивните сопствени интереси.

Науката почнала да ја документира таа мрачна страна на ЕИ. Како што покажало едно истражување на професорот Џошен Меџис од Универзитетот Кембриџ, кога лидерот ќе одржи инспиративен говор кој врие од емоции, публиката помалку ќе ја проучува пораката и ќе запамети помалку пораки. Иронично е што испитаниците од публиката тврделе дека биле толку трогнати од говорот што потешко се сеќааваат што било кажано.

Авторите ова го нарекле ефект на восхитување, но лесно може да се нарече и ефект на замајување или ефект на шок. Еден набљудувач тврдел дека убедливоста и влијателноста на Хитлер доаѓале од неговата способност стратешки прецизно да ги изразува емоциите, можел пред сите „да го отвори своето срце“ – и тие емоции така ги менувале неговите следбеници што престанувале критички да мислат, а само чувствувале.

Лидерот кој го совладал управувањето со емоциите може да ни ги помати разумот. Ако неговите и нашите вредности се во расчекор, резултатот може да биде поразувачки. Новите докази покажуваат дека кога емоционалната интелигенција е во рацете на луѓе што имаат себични мотиви – таа станува оружје за манипулација. Во студијата на психологот Стефани Коте од Универзитетот во Торонто, вработените на факултетот пополнувале прашалник за макијавелистичките ставови, а потоа одговарале на тест на знаење за ефикасните стратегии за контрола на емоциите. Потоа, тимот истражувал колку често колегите меѓусебно си подметнуваат. Вработените што учествувале во повеќе случаи на штетно однесување биле макијавелисти со висок степен на емоционална интелигенција. Тие имале обичај да ги користат своите емоционални вештини за да ги понижат и посрамотат другите заради лична корист. Во една компјутерска компанија што ја проучувал професорот Гидеон Кунда од Универзитетот во Тел Авив, еден од менаџерите признал дека на колегата му кажувал дека „сите се воодушевени од неговиот проект“, но истовремено се дистанцирал себеси и тимот од тој проект, па ако пропадне целата работа, сопственикот на компанијата да го обвини колегата, а не него.

Осветлувањето на темната страна на ЕИ е мисија на истражувачкиот тим од Универзитетот Колеџ Лондон и на професорот Мартин Килдаф. Како што вели овој експерт, емоционалната интелигенција им помага на луѓето да прикријат цел еден збир емоции и да изразуваат нешто сосема друго, што ќе им биде од корист. „Емоционално интелигентните луѓе намерно ги обликуваат сопствените емоции за да фабрикуваат позитивен впечаток за себе. Стратешкото прикривање на сопствените емоции и манипулацијата со туѓите емоции за сопствени цели е однесување кое не постои само кај Шекспир, туку и во канцелариите и ходниците на моќта и трговијата со интересот“, вели Килдаф.

Се разбира, луѓето не ја користат емоционалната интелигенција само за зло. Почесто, емоционалните вештини едноставно се инструмент за постигнување на некоја цел. Во истражувањето на емоциите на Универзитетот Стендфорд, кое го предводеше професорот Џоан Мартин, било откриено дека основачот на фирмата „Body shop“, Анита Родлик, ги искористила емоциите за да ги инспирира своите вработени да учествуваат во хуманитарни акции.

Емоционалната интелигенција може да има скриени трошоци. Психолозите Дана Џозеф и Даниел Њуман од САД, неодамна ги анализирале сите студии што кога било се занимавале со врската помеѓу емоционалната интелигенција и работните резултати. Прегледувајќи стотици извештаи за илјадници вработени на 191 работно место, заклучиле дека ЕИ нужно не значи и подобар резултат во работата. Во професиите што бараат исклучителна насоченост кон емоциите, повисокиот степен на ЕИ значел и подобар резултат. Продавачите, агентите за недвижности, операторите во кол-центрите и советниците биле одлични во својата работа, затоа што знаеле како да ги читаат и насочуваат емоциите, а биле и во состојба поефикасно да излезат на крај со стресните ситуации и со насмевка да пржат подобра услуга.

Но, на работните места кадешто емоциите се помалку важни, резултатите биле обратни. Колку повеќе вработените биле емоционално интелигентни, толку нивните резултати биле послаби. За механичарите, научниците, сметководителите, емоционалната интелигенција била само товар, а не предност. Иако се потребни повеќе истражувања заовие резултати да се сметаат за целосни, било откриено дека тие вработени повеќе внимание обрнувале на емоциите, наместо да се фокусираат на нивната задача. Ако нечија работа е да се анализираат податоци или да се поправаат автомобили, навистина може да биде тешко да се читаат изразите на лицето, бојата на гласот и говорот на телата на луѓето околу вас.

Во едно неодамнешно стражување во здравствена компанија од вработените било побарано да одговорат на тест за управување и регулација со емоциите, додека од менаџерите било побарано да проценат колку време вработените поминуваат помагајќи им на колегите и на клиентите. Не бил пронајден однос помеѓу емоционалната интелигенција и помагањето: помагањето на другите било водено од мотивацијата и вредностите, а не од емоциите. Од друга страна, емоционалната интелигенција имала значајна улога кога кога се испитувало поинакво однесување: кога требало да се доведе во прашање состојбата на статус кво и да се изнесуваат нови идеи и сугестии.

Извор: Nedeljnik
Слики: Роберт Гонсалвес

ОкоБоли главаВицФото