Не знаат што сака Меркел, ама ѝ веруваат

23.09.2013 11:04
Не знаат што сака Меркел, ама ѝ веруваат

Spiegel

Толку долго се шпекулираше за можните резултати на овие избори, и сега - ова: Меркел е убедлив победник. CDU повторно е таму каде што беше во времето на Конрад Аденауер: државна партија која регулира сѐ во федерацијата и која безмалку сама ги запоседна сите важни функции. (...) Партијата за тоа може да ѝ се заблагодари на канцеларката која со президијалниот стил на владеење им се обраќа на широките слоеви на населението, која не предизвикува судири туку интегрира. Никој не знае точно да каже за што таа се залага, но многу граѓани очигледно сметаат дека се во добри раце. Уште еднаш се покажа дека, кога политичките прашања стануваат комплицирани, довербата претставува важна монета во политиката.

SPD остана во процентуалниот подрум. Една народна партија не изгледа така. Пер Штајнбрук се трудеше колку што може, но тоа за него на крајот беше претешка задача. Остана без дејство врз центарот на гласачкото тело. Еден десно ориентиран кадидат и една лево ориентирана програма - не одат заедно. Гласачите го гледаат тоа. Пред Социјалдемократите се тешки времиња. Либералите (FDP) се разбиени, отстранети од Бундестагот, понижени. За тоа се виновни самите. Пред изборите пред четири години ветуваат дека ќе го намалат данокот, што не се случи, и цело време во текот на мандатот кој уследи не направија пратично ништо што ќе им остане во убаво сеќавање на гласачите. Сега се само сенка на некогаш гордите Либерали на еден Ханс-Дитрих Геншер. На нивно место дојде Алтернатива за Германија, која не влезе во Бундестагот, но дојде од никаде, опасна, непресметлива. Тоа е вистинска револуција: прв пат десно имаме посилна партија од Демохристијаните.

Süddeutsche Zeitung

Ја критикуваа како канцеларка која не е конкретна. Зборуваа дека со нејзиното доаѓање од редовите на Демохристијаните исчезна она што е конзервативно, а настана нешто небулозно. Но, за гласачите на Ангела Меркел, таа не е толку безлична и без убедувања. Тие во Ангела Меркел гледаат претставничка на либералниот конзервативизам кој не се плаши да ги легализира хомосексуалните бракови. Меркел во еврокризата одигра мајсторска - својата досега најголема - улога на швапска домаќинка која води сметка за парите. Тоа им се допаѓа на многу Германци. Власта за неа не е спектакуларна појава. И тоа им се допаѓа на многу Германци. Така ѝ успеа уште нешто: скромниот биланс на владејачката коалиција не нанесе штета на нејзиниот имиџ: она што е добро, тоа е дело на канцеларката, она што е лошо, е дело на црно-жолтата коалиција.

Rheinland pfalz online

Посебно за Ангела Меркел ова е триумф без преседан. Никогаш досега не освоила толку гласови. Предизборната кампања беше скроена во целост по нејзина мерка. Оние кои ја критикуваа од редовите на нејзината сопствена партија, сега веќе немаат муниција. Ја обвинуваа дека им ја одземала суштината на Демохристијаните и дека може да победи на изборите само така што своите политички противници ќе ги направи уште послаби од CDU. А сега ја чека уште еден канцеларски мандат. Како најсилна партија, таа може да си избере коалиционен партнер. Но, се поставува прашањето: кој доаѓа предвид како партнер? Тоа ќе биде и најголемото прашање на овој изборен трилер.

Tageszeitung

Дека Германците избегнуваат остри контроверзи и дека ја сакаат средината, тоа не е новост. Но, дека гласачите ќе ја прогласат Ангела Меркел речиси за кралица, тоа и за овдешната култура на политички консензус е запрепастувачки. Меркел тоа го постигна со мек патернализам и рафиниран опортунизам. Го испрати слоганот до јавноста: добро ни оди, и со тоа ја поврза пораката: и јас ќе се погрижам така и да остане. Предизборната кампања на CDU имаше три содржини: Ангела Меркел, Ангела Меркел и Ангела Меркел. Рецептот за успехот на канцеларката е релативно едноставен. Сѐ останува неодредено. Политиката која ја презентира нема високо поставени цели. Така отприлика функционира чувството наречено Меркел.

Neue Osnabrücker Zeitung

Едно е сигурно: CDU како победник на овие избори забележливо ја зголеми разликата пред другите партии. Поради тоа нема пат кој може да ја заобиколи Ангела Меркел. Таа на европската сцена во кризите ја зачува главата студена, а во Германија, и покрај слабата екипа во владата, ја остави опозицијата без теми кои би ѝ пружиле шанса да се истакне. Но, сѐ уште не е јасно со кого ќе владее: со Социјалдемократите или со Зелените. Ако се формира Големата коалиција, SPD би излегла од игра како делотворна опозиција. Свеж ветер во политичкиот живот би можела да внесе црно-зелената влада со црвената опозиција.

Извор: Deutsche Welle