Штрајк со глад во Колонија број 14

30.09.2013 11:36
Штрајк со глад во Колонија број 14

Во понеделник на 23 септември стапив во штрајк со глад. Тоа е екстремен чекор, но уверена сум дека ми е единствен излез од моменталната ситуација.

Управата на казнената колонија одбива да ме чуе. За возврат, јас одбивам да попуштам во своите барања. Нема да останам нема и резигнирана додека гледам како други затворенички колабираат под товарот на робовските услови. Барам управата на колонијата да ги почитува човековите права; барам затвореничкиот камп во Мордовија да работи во согласност со законот. Барам да нѐ третираат како човечки суштества, а не робови.

Во казнената колонија број 14, во мордовиското село Парц, дојдов пред една година. Затвореничката пословица вели: „Кој не бил во Мордовија, не знае што е затвор“. За мордовиските казненички колонии слушнав уште додека пред судењето бев во притворскиот центар број 6 во Москва. Највисок степен на безбедност, најдолг работен ден и најтешки кршења на човековите права. Кога ќе те испратат во Мордовија, како да одиш на бесилка. Моите се надеваа сѐ до последниот момент: „Можеби сепак нема да те пратат во Мордовија? Можеби ќе поминеш полесно?“ Ништо не помина и во есента 2012 стигнав во кампот на брегот на реката Парц.

Мордовија ме дочека со зборовите на заменик шефот на казненичката колонија, поручникот Кипријанов, кој де факто е главен управник. „Кога станува збор за политика, треба да знаеш дека јас сум сталинист“. Полковникот Кулагин, вториот главен управник - со колонијата раководи тандем - ме повика на разговор првиот ден, со намера да ме присили да ја признаам вината. „Упадна во неволја, нели? Осудена си на две години во колонијата. Луѓето обично се предомислуваат кога ќе им се случи нешто лошо. Ако сакаш помилување што побрзо, мораш да ја признаеш вината. Ако не ја признаеш, нема да добиеш прошка“. Веднаш му реков дека ќе работам само 8 часа дневно, во согласност со законот за присилна работа. „Законот е едно; овде е важно да ја исполниш својата квота. Ако не ја исполниш, ќе работиш прекувремено. Знај дека сме скршиле и посилни од тебе“, возврати Кулагин.

Мојата бригада во кројачката работилница работи 16 до 17 часа дневно. Од 7:30 наутро до триесет минути по полноќ. Во најдобар случај успеваме да составиме четири часа спиење. Секој месец и пол имаме по еден слободен ден. Работиме речиси секоја недела. Затворениците поднесуваат барања да работат за време на викендот „по своја желба“. Во стварноста, нормално, нема никакви желби. Тие барања се пишуваат по наредба на управата и под притисок на затвореничките кои помагаат да се спроведуваат наредбите.

Никој не се осмелува да не ја послуша наредбата и да не поднесе барање за дозвола за влез во работната зона во недела, што подразбира работа до 1 часот наутро. Еднаш една 50-годишна жена побара да се врати во станбената зона во 8 наместо по полноќ, за да може да легне до 10 часот навечер и барем еднаш во неделата да состави 8 часа спиење. Се чувствуваше лошо; имаше висок притисок. Наместо одговор, единицата одржа состанок на кој ја понижуваа и навредуваа жената како паразит. „Што е, мислиш дека си единствената која треба да се наспие? Треба да работиш повеќе, краво!“ Ги малтретираат и оние кои не доаѓаат да работат по совет на лекар. „Јас работев со температура од +40, па не ми беше ништо. Што мислиш - кој ќе работи место тебе?“

Мојата станбена единица во кампот ме дочека со советот на затвореничките при крајот на својата деветгодишна казна. „Свињите се плашат да те допираат. Затвореничките ќе го прават тоа место нив“. Во колонијата, затвореничките задолжени за бригадата и постарите членки имаат задача да ги лишуваат од правата останатите затворенички, тероризирајќи ги, претворајќи ги во беспоговорни робови - а сѐ по наредба на управата.

За одржување на дисциплината и послушноста, широко се применува системот на неофицијални казни. Затвореничките се присилени да „стојат во локалката“ (ограден приод помеѓу два круга во кампот) до гасењето на светлото“ (тоа значи дека на затвореничките им е забрането да влезат во бараките - и на најголем студ. Во друга бригада, која е сочинета од немоќни и стари, имаше жена која толку гадно премрзна во локалката што мораа да ѝ ги ампутираат прстите на рацете и едното стапало); тука се и „губењето на привилегијата на хигиена“ (на затворениците им е забрането да се капат и да ја користат бањата), „губењето на привилегијата на кантината и чајџилницата“ (на затворениците им е забрането да ја користат својата храна и пијалак). И смешно е и страшно да се чуе 40-годишна жена кога вели: „Изгледа дека денес сме казнети. Се прашувам дали ќе нѐ казнат и утре“. Не може да излезе од работилницата да моча ниту да го земе чоколадото од својата чанта. Забрането е.

Кога мисли само како да отспие или да испие голтка чај, изгњавената, валкана затвореничка се претвора во послушна кукла во рацете на управата која нѐ третира исклучиво како бесплатна работна сила. Оваа година мојата јунска плата изнесуваше 29 рубљи (околу половина евро). Нашата бригада шие по 150 полициски униформи дневно. Каде одат парите кои се добиваат за нив?

Казнената колонија повеќе пати добиваше средства да купи сосема нова опрема за работа. Меѓутоа, управата се ограничи на фарбање на машините за шиење - со рацете на своите работнички. Машините на кои работиме се под техничките и етичките стандарди. Според законот за присилна работа, кога опремата не одговара на современите индустриски стандарди, квотите мораат да бидат пониски од вообичаените. Но квотите само растат, и тоа одненадеж. „Ако видат дека можеш да испорачаш 100 кошули, ќе го покачат минимумот на 120!“, велеа ветеранките за машините. А не смееш да не ја исполниш квотата, бидејќи твојата единциа ќе биде казнета, дури и целата бригада. Да речеме, сите ќе бидете присилени да стоите со часови во затворскиот круг. Без дозвола за тоалет. Без дозвола за голтка вода.

Пред две недели, производните квоти за сите бригади во колонијата арбитрарно се зголемени за педесет парчиња. Ако порано минимумот беше 100 униформи, сега е 150. Според законот за присилна работа, работниците мораат да бидат известени за промената во производната квота најмалку два месеци пред стапувањето на сила. Во Колонијата 14, едно утро дознавме дека од сега имаме нова квота, бидејќи така се досетиле управниците на нашиот „sweatshop“ (како што затвореничките ја нарекуваат колонијата). Бројот на лица во бригадата опаѓа (ослободени се или префрлени на друго место), но квотата расте. Оние кои остануваат работат сѐ повеќе. Механичарите велат дека немаат повеќе резервни делови за поправка на машините и дека нема да ги добиваат. „Нема делови! Кога ќе стигнат? - Се шегуваш? Ова е Русија. Зошто воопшто прашуваш такви работи?“ Во првите два месеци во работната зона, практично станав механичар. Научив од нужда. Се фрлав на машината со шрафцигер во рацете, очајнички обидувајќи се да ја поправам. Рацете ти се избодени од иглата, изгребани, крвта ти капе по работната маса, но шиеш и понатаму. Дел си од подвижна лента и мораш да го завршиш својот дел како да си искусна шивачка. А проклетата машина се расипува. Кога си нова, а инаку ти фали сѐ, те ставаат на најлошата опрема. Сега повторно се расипа, и повторно залудно бараш механичар додека викаат по тебе, те пцујат зашто го забавуваш производството. Во колонијата нема лекции за шиење, на новите затвореници само им се покажува машината и им се доделува задача.

„Да не си Толоконикова, одамна би го убиле бога во тебе“, велат затвореничките блиско поврзани со управата. Вистина е: останатите ги претепуваат. Затоа што не се во состојба да држат чекор. Ги удираат во бубрезите, во лицето. Затвореничките сами ги спроведуваат овие казнени мерки, а тоа никогаш не го прават без одобрување и целосно знаење на администрацијата. Минатата година, пред да дојдам, една Ромка од третата единица е претепана до смрт (третата е единица за притисок, каде ги испраќаат затвореничките на кои им следува секојдневно претепување). Почина во здравствената станица на Колонијата 14. Управата го заташка случајот: официјално, умре од срцев удар. Во друга единица, новите кројачки кои не успеаја да држат чекор се соблечени и присилени да шетаат голи. Никој не се осмелува да се жали на управата, бидејќи тие само ќе се насмеат и ќе ја испратат затвореничката назад, за „кодошот“ да добие ќотек - по наредба на управата. За администрацијата на колинијата, контролираното гњавење е вистински метод за присила на затвореничките на целосно покорување на системското кршење на човековите права.

Заканувачка, мачна атмосфера владее во работната зона. Постојано ненаспани, совладани од бескрајната трка да ги исполнат нехумано високите квоти, затвореничките секогаш се на работ на слом; врескаат една на друга, се тепаат за секоја ситница. Неодамна една млада жена е избодена со ножици по главата бидејќи не ги предаде панталоните на време. Друга се обиде да се исече по стомакот со пила. Ја спречија.

Кој се затекнал во Колонија 14 во 2010, во годината на чад и оган, вели дека работничките ги исполнувале своите квоти додека пожари беснееле околу ѕидовите на затворскиот камп. Од чадот не се гледало ни до два метри, но покривајќи ги лицата со навлажнети марамчиња, сите оделе на работа. Поради вонредната состојба, затвореничките не се водени во кафетеријата на ручек. Неколку жени ми кажуваа дека биле толку страшно изгладнети што воделе дневници за да го документираат ужасот на кој се подложени. Кога пожарите се конечно угаснати, обезбедувањето се погрижило овие белешки да не стигнат до надворешниот свет.

Хигиенските и станбени услови во кампот се уредени така што затвореничката се чувствува како валкано животно без какви било права. Иако во спалните постојат посебни „хигиенски простории“, за казнено-поправни цели тука е „општата хигиенска просторија“. Во оваа просторија можат да влезат пет лица, но таму на капење се испраќаат сите 800 затворенички од колонијата. Зошто би се капеле во своите бараки - тоа би било премногу лесно. Во „општата бања“, како под преса, жените се обидуваат да ги измијат своите „дадилки“ (како што ги викаат во Мордовија) што е можно побрзо, натрупани една преку друга. Миењето на косата ни е дозволено само еднаш неделно. Меѓутоа, дури и тој ден за капење се откажува. Некоја пумпа ќе се расипе или канализацијата ќе се затне. Одвреме-навреме, во мојата единица нема капење и по две-три недели.

Кога канализацијата ќе се затне, од бањата се излеваат урина и фекалии. Научивме сами да ги одзатнуваме цевките, но нашите успеси се краткотрајни - наскоро пак се затнуваат. Колонијата нема опрема за одзатнување цевки. Еднаш неделно ги переме алиштата. Пералната е мала просторија со три славини од кои тече студена вода.

Следувањето од бајат леб, разводнето млеко, мувлосано просо и трули скапани компири веројатно е уште една воспитна мерка. Ова лето донесоа лигав, црн компир. Потоа ни го послужија.

Неизмерни се кршењата на животните и работните услови во Колонијата број 14. Меѓутоа, мојот главен и најважен проблем не е меѓу нив. Управата на колонијата, имено, со најстроги можни средства спречува која било жалба или барање поврзано со условите во Колонијата број 14 да стигне надвор од ѕидините. Управата ги присилува затвореничките да молчат, не воздржувајќи се ниту од најниските и најсуровите средства. Сите опишани проблеми произлегуваат од тоа - и повишените квоти, и 16-часовниот работен ден, и сѐ останато. Управата знае дека е недопирлива и безгрижно ги малтретира затворениците. Не можев да разберам зошто сите молчат сѐ додека не почувствував на своја кожа што му следува на оној кој ќе одлучи да проговори. Жалбите просто не го напуштаат затворот. Единствена шнса е да се жалите преку адвокат или роднина. Управата, пакосна и одмазничка, во меѓувреме ќе ги искористи своите механизми за притисок на затворениците за да сфати дека жалбите не помагаат никому, туку само ги влошуваат работите. Ја користат колективната казна: се жалиш дека нема топла вода, а тие сосема ја укинуваат водата.

Во мај оваа година мојот адвокат Дмитри Динзе поднесе жалба до обвинителството за условите во Колонијата број 14. Заменикот управник на колонијата, поручникот Кипријанов, веднаш ги направи условите уште повеќе неподносливи. Претрес по претрес, поплава од пријави против сите мои познаници, одземање на топлата облека, закана за одземање на топлите обувки. На работа се одмаздуваа со компликување на работните задачи, со зголемување на квотите и подметнување дефекти. Водачите на единицата покрај мојата, помагачи на поручникот Кипријанов, нескриено бараа од другите затворенички да го расипуваат моето производство за да ме испратат во казнена ќелија поради „уништување државна сопственост“. Исто така, им наредуваа на затвореничките да предизвикуваат кавги со мене.

Може да се истрпи сето ова додека се однесува само на мене. Но, методот на колективно казнување ги надминува границите. Тоа значи дека мојата единица, или целата колонија, мора да ја трпи казната заедно со мене. Најлошо од сѐ ми е тоа што се казнети и жените кои во меѓувреме ми станаа драги. На една од моите пријателки ѝ е одбиена молбата за предвремено пуштање на слобода, на што чекаше седум години и напорно работеше за да ја надмине работната квота. Ѝ замеруваа што пие чај со мене. Тој ден поручникот Кипријанов ја распореди во друга единица. Уште една блиска познаничка, образувана жена, е фрлена во „единицата за притисок“ на секојдневно претепување, бидејќи читаше со мене и разговараше за документот на Министерството за правда под назив „Правила за постапување во поправните установи“. Поднесуваа пријави против секој што ќе го затекнат да разговара со мене. Ме боли тоа што страдаат луѓе кои ми се драги. Поручникот Кипријанов тогаш ми рече: „Сигурно немаш повеќе пријатели!“ Ми објасни дека сето тоа се случува поради жалбите на мојот адвокат.

Сега сфаќам дека требаше да стапам во штрајк со глад уште во мај, кога започна сево ова. Меѓутоа, огромниот притисок на кој управата ги подложува останатите затворенички поради моите постапки, ме спречи понатаму да се жалам на условите во колонијата.

Пред три недели, на 30 август, побарав од поручникот Кипријанов да им овозможи на затвореничките во мојата бригада осум часа спиење. Расправавме за скратувањето на работниот ден од 16 на 12 часа. „Во ред, од понеделник бригадата ќе работи само по осум часа“, одговори. Знаев дека станува збор за замка, бидејќи физички е невозможно да се исполни зголемената квота за тоа време. Така бригадата не би стигнала да ја исполни задачата, па би била казнета. „Ако некој дознае дека ти си виновна за тоа, никогаш повеќе нема да се жалиш“, додаде поручникот. „Впрочем, нема ни да имаш жалби на оној свет“. Кипријанов застана. „И, на крајот, никогаш не барај ништо за другите. Барај само за себе. Работев во кампови многу години и тие кои доаѓаат да ми бараат нешто за другите, од мојата канцеларија одат право во казнена ќелија. Ти си прва на која нема да ѝ се случи тоа“.

Следните недели, животот во мојата единица и работна бригада стана невозможен. Затвореничките поврзани со управата почнаа да ги малтретираат останатите. „Забрането ти е да земаш чај и храна, да излегуваш на пауза за тоалет и пушење една недела. Секогаш ќе бидеш под казна ако не го промениш односот кон новите, особено кон Толоконикова. Однесувај се кон нив онака како што ветеранките се однесуваа кон тебе кога дојде. Те тепаа ли? Нормално дека да. Ти удираа шлаканици? Да. Заеби ги. Па нема да бидеш казнета“.

Секогаш ме предизвикуваат да се степам со некоја од нив, но која е поентата да се тепаш со лица кои не владеат со себе, кои се само во служба на управата?

Мордовиските затвореници се плашат од сопствената сенка. Сосема се преплашени. Колку вчера беа добронамерни и молеа, „направи нешто со тие 16 часа работен ден!“, а откако управата ми се наврти, се плашат дури и да ми се обратат.

Се обратив до управата со предлог да се разреши конфликтот. Барав да го запрат притисокот кој го спроведуваат затвореничките под нивна контрола; барав да ја укинат ропската работа во колонијата со скратување на работниот ден и снижување на квотите, во согласност со законот. Меѓутоа, притисокот стана уште полош. Затоа, од 23 септември, стапувам во штрајк со глад и одбивам да учествувам во ропската работа во колонијата. Ќе истраам во тоа сѐ додека управата не почне да го почитува законот и престане да ги третира затворените жени како стока исклучена од поредокот на правдата поради поттикнување на кројачкото производство; сѐ додека не почне да нѐ третира како човечки суштества.

Извор: The Guardian, 23.09.2013.

ОкоБоли главаВицФото