Дали да се имаат деца?

30.09.2013 12:32
Дали да се имаат деца?

Во нашите времиња детето, како прво и најважно, е објект на емоционална потрошувачка.

Објектите на потрошувачката служат на потребите и желбите на потрошувачите; исто така и децата. Децата се посакуваат поради радостите на родителските задоволства за кои постои надеж дека ќе ги донесат - вид радост кој не може да го понуди ниеден друг објект на потрошувачка, колку и да е добро осмислен и софистициран. За незадоволство на трговските стручњаци, пазарот на стоки не може да понуди вредни замени, иако тоа незадоволство пронаоѓа некаква надокнада во сè пошироката позиција којашто светот на трговијата ја добива при производството и одржувањето на „вистинските работи“.

Кога зборуваме за објекти на потрошувачка, се чини дека очекуваното задоволство се мери во однос на цената; човек бара „вредност за парите“.

Децата се наоѓаат меѓу најскапите работи кои просечните потрошувачи веројатно ќе ги купат во текот на својот севкупен живот. Во чисто монетарна смисла, децата чинат повеќе отколку луксузен, најмодерен автомобил, крстарење околу светот, дури и здание на кое сте горди. Уште полошо, вкупната цена веројатно ќе порасне во текот на годините и нејзиниот износ не може да биде однапред утврден, ниту проценет со која било доза на сигурност. Во светот кој веќе не нуди сигурни патишта за кариерата и стабилни работи, за луѓето што се движат од еден проект до друг и заработуваат за својот живот во од, потпишувањето договор за кредит со непознати или неодредено долги отплати значи изложување на некарактеристично високо ниво на ризик и богат извор на вознемиреност и страв. Се чини дека човек порадо добро ќе размисли пред потпишувањето, и колку повеќе некој ќе мисли - толку поголеми и поочигледни ќе бидат вклучените ризици, и никакво промислување ниту внатрешно истражување нема да го отстранат црвот на сомнежот кој порано или подоцна ќе ја помати радоста. Освен тоа, да се имаат деца во нашево време е работа на одлука, а не случајност - околност која уште повеќе ја слошува вознемиреноста. Да се имаат или немаат деца неоспорно е одлука со најмногу последици, која има најтрајно влијание меѓу сите други, и затоа е тоа одлука која најмногу ги тестира нервите и создава најмногу тензии со кои некој може да се сретне во текот на целокупниот живот.

Дотолку, не се сите цени монетарни, а оние што не се не можат никако да се мерат и сметаат. Тие ги побиваат увежбаните капацитети и склоности на оној вид рационални агенти какви што сакаме да бидеме, па се бориме и вежбаме за да станеме такви. „Создавањето семејство“ е како главешкум да скокате во непознатите води на сосема нејасните длабочини. Отфрлувањето или одложувањето на други примамливи потрошувачки радости, чијашто привлечност сеуште не е испробана, позната и предвидлива, што само по себе е ужасна жртва која е во директен расчекор со навиките на разборитиот потрошувач, не е нејзина единствена веројатна последица.

Да се имаат деца значи да се одмерува благосостојбата на друго, послабо и зависно суштество со сопствениот комфор. Автономијата на сопствените желби ќе мора да биде компромитирана, и секогаш одново: година по година; секојдневно. Човек може да стане, о каков ужас, „зависен“. Да се имаат деца може да значи потреба да се намалат професионалните амбиции, да се „жртвува кариерата“, оти луѓето коишто седат и ги просудуваат професионалните достигнувања подозриво ќе гледаат на секој знак на поделена лојалност. Најболно е тоа што да се има деца значи прифаќање на таквата зависност која ја дели лојалноста на неодредено време и влегување во неотповиклива обврска со невидлив крај, без приложената реченица „до потаму“; вид обврска која оди против природата на политиката на флуидниот модерен живот, која повеќето луѓе најчесто внимателно ја избегнуваат во другите аспекти на својот живот. Соочувањето со таквата обврска може да биде трауматично искуство. Постпородилната депресија и брачната (партнерска) криза по породувањето изгледаат како посебно „флуидни, модерни“ маки, на ист начин како анорексијата, булимијата и бескрајните варијации на алергиите.

Радостите на родителството изгледа дека доаѓаат во пакет со тагата на саможртвувањето и со стравовите на неистражените опасности.

Трезвената, сигурна пресметка на добитоците и загубите останува, тврдоглаво и упорно, надвор од дофатот и разбирањето на потенцијалните родители.

Ризиците се присутни во секоја потрошувачка набавка - но трговците на друга потрошувачка стока, а посебно на стоката погрешно наречена „трајна“, паѓаат на грб за да ги убедат своите потенцијални клиенти дека нивните ризици се сведени на минимум. Тие нудат гаранции, продолжени гаранции (иако само неколкумина од нив можат совесно да тврдат дека компанијата која ги издава гаранциите ќе опстои додека трае гаранцијата, а практично никој не може да ги увери клиентите дека привлечноста на купената стока, која ја држи подалеку од кантата за ѓубре, нема да избледи многу пред тоа), гаранции со враќање пари и ветувања за долг или доживотен сервис по купувањето. Колку и овие гаранции да влеваат доверба или се сомнителни, ниедна од нив не е на располагање во случај на раѓање дете.

Не е ни чудно што институтите за медицинско истражување и клиниките за бременост се полни со пари од комерцијалните компании. Постои потенцијално бескрајна потрошувачка по намалување на ризиците што се јавуваат при раѓањето дете - барем до нивото кое го потенцира стоката на полиците во продавница. Компаниите што нудат можност „да изберете дете од каталогот на атрактивни донатори“ и клиниките на глас, кои составуваат спектар од гени на нероденото дете, по нарачка на клиентите, се чини не треба да се грижат за кусокот заинтересирани клиенти или за недостигот на исплатлива работа.

Да сумираме: широкото забележливо одвојување на сексот од репродукцијата е помогнато од моќта. Тоа е заеднички производ на опкружувањето на флуидниот модерен живот и потрошувачката како избрана и единствено расположлива стратегија на „трагање по биографски решенија за општествено создадени проблеми“ (Улрих Бек). Мешавината на овие два фактора води до придвижување на прашањето на репродукцијата и раѓањето дете од сексот кон една сосема поинаква сфера, раководена од потполно различна логика и со низа правила поинакви од оние во сексуалната активност. Ожалостеноста на homosexualis така е и повеќе од потврдена.

Од книгата Liquid Love, Zygmunt Bauman, 2003
Слики: Aisha Franz