За колумната на Шиндре

27.06.2017 10:17
За колумната на Шиндре

Коментар на колумната „Сексуалноста над рационалноста“ на Никола Шиндре

 

Отворањето на расправа за оваа проблематика во јавноста ми е на исто ниво како и инсистирањето да започнеме процес на нулта отпад во Македонија. Според мое мислење, едноставно, нема ни минимум услови за такво нешто и може да биде само контрапродуктивно. За овој аспект на сексуалноста може да се разговара (денес во Македонија) само во најтесни научни кругови (па и таму е проблем).

Од друга страна, постоењето на табу теми ме вади од памет. Дајте бре, луѓе, да разговараме за сè. Посебно за она што ни е непријатно, што нè прави неконформни, што ни буди негативни емоции. Кога некоја тема ќе се прогласи за табу, тоа вообичаено значи дека сакаме да го избегнеме идентификувањето на некој проблем (независно дали е рационален или нерационален), не сакаме да ги откриеме корените на проблемот и не сакаме да изградиме соодветни алатки за справување со проблемот. Сè додека проблемот не нè акне по глава со целата своја набилдана силина добиена во годините на премолчување, заташкување и избегнување.

Дивјачките изливи на бес кои ги гледам по социјалните мрежи и во конзервативните портали кои го величаат ДПМНЕ, кои завршуваат со бесење, убивање, каменување, претепување и слично се само показател на ниското цивилизациско ниво на средината во која живееме, меѓутоа и застрашувачки знак на неспособност да се разговара за горливи теми и навистина да се разрешат комплексни односи меѓу луѓето.

Колку што можам да прочитам, Шиндре во текстот не зборува за педофилите туку за децата од аспект на нивната сексуалност. ПРЕДМЕТ НА РАЗГОВОР СЕ: ДЕЦАТА И ДЕТСКАТА ПЕРСПЕКТИВА. НЕ ПЕДОФИЛИТЕ И НИВНИТЕ ЖЕЛБИ, НАМЕРИ, АКТИВНОСТИ И СЛ. ДАЈТЕ, ВЕ МОЛАМ, СОБЕРЕТЕ СЕ. МЕЃУ ВАС ИМА ПОВЕЌЕ ПЕДОФИЛИ ОТКОЛКУ ШТО САКАТЕ ДА ПРИЗНАЕТЕ И ВИЕ ГИ ПРИФАЌАТЕ КАКО ФИЉАН ЛУЃЕ ЗАТОА НЕ МИ СЕ СИЛЕТЕ МНОГУ! ТОГАШ КОГА ТРЕБАЛО ДА СЕ РЕАГИРА НЕ СТЕ РЕАГИРАЛЕ.

Од друга страна, ако некому му паѓа црвено перде пред очите на спомнување на сексуалност на деца и секс меѓу дете и возрасен, ќе мора прво да го тргне пердето па да почнеме да разговараме. Посебно ако се има предвид дека дете е и човек со навршени 17 години, а возрасен е човек со навршени 18 години. Ајде, ве молам кажете ми што има неприродно во односот (па и сексуален) меѓу еден 17-годишен човек и еден 18-годишен човек. Значи – прво тргање на пердето, па разговор. Впрочем, кај нас е дозволен брак на луѓе кои навршиле 16 години. Многу често станува збор за луѓе кои веќе стапиле во сексуален однос со други (најчесто) полнолетни луѓе (значи, Законот за семејство за овие со пердињава на очите е закон кој штити педофилија).

Она што можам да го видам од текстот е дека се поставува прашањето: каде да се обрати за помош, консултации, поддршка детето и кому да ги постави прашањата поврзани со сексуалноста, своите желби, двоумења, стравови, несигурности…? Еве, кажете ми: кому? Ова е едно многу легитимно прашање на кое мора да најдеме одговор.

И да, децата се сексуални битија, а не асексуални кукли. Не е проблем голото дете. Проблем е детето облечено како секс бомба. И да, најголем дел од детските фестивали, манекенски ревии и роденденски прослави се морбидно извитоперени сексуализирања на децата кои немаат врска со нивната природна сексуалност и само ги претвораат во гротескни фигури.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Фотографии: Лаура Макабреску