„Да се убие силувачот?“: реакција на бранот силувања во Индија

04.10.2013 15:46
„Да се убие силувачот?“: реакција на бранот силувања во Иднија

По најновите случаи на силување во Индија, сè повеќе луѓе бараат најстрога казна за сторителите. Филмот „Да се убие силувачот?“ претставува посебен придонес за јавна дебата во таа земја.

Еден сериски силувач со денови следи млада жена. Во моментот кога е сама дома, тој провалува, ѝ става нож под грлото и се обидува да ја силува. Таа некако успева да се ослободи и да го совлада. Но, се поставува прашањето: што со злосторникот? Да го убие и закопа во градината или да ја повика полицијата која важи за корумпирана?

Толку за дејството во „Да се убие силувачот?“ Новиот филм на режисерот Санџај Чел треба да се појави во кината во декември 2013, една година по бруталното силување на една студентка во Њу Делхи, кое ја вознемири целата индиска јавност. „Веќе долго време сакав да снимам филм чија главна тема е силувањето, но и психата на самиот силувач. Ама не сакав да снимам типичен холивудски филм“, вели Санџај Чел, кој веќе дваесет години работи како сценарист и режисер во играни и ТВ филмови.

Просветната функција на кината

Во класичните музичко-танцови драми на индиската кинематографија, жените сè уште имаат подредена улога. Таа слика полека се менува. Се снимаат повеќе алтернативни филмови во кои главни јунаци се силните жени. Таквите филмови по правило не се наменети за пошироката публика, а немаат ни комерцијален успех.

Урваши Буталија од Њу Делхи, која веќе со години се бори за правата на жените, смета дека насловот на филмот на Чел е проблематичен - без оглед на тоа што на крајот има прашалник: „Насловот несвесно сугерира решение, а ние во Индија сепак многу дискутираме за тоа дали смртната казна е исправен начин на застрашување на потенцијалните силувачи.“

Боливуд има голем потенцијал кога станува збор за едукацијата на луѓето, вели Буталија, и веднаш додава дека и покрај тоа индиската филмска индустрија не направила многу во борбата против дискриминацијата на жените. „Самиот изглед на актерките се промени, но филмовите главно не ја отсликуваат разновидноста на задачите кои жените ги извршуваат во индиското општество“.

Голем интерес за темата

По шокот кој го предизвика злосторството и протестите против правосудниот систем предизвикани од минатогодишниот случај на силување и убиство на студентка, индиските медиуми сè уште известуваат за таа тема. Урваши Буталија е горда на тој факт: „Родителите разговараат за тоа како најдобро да ги поучат своите деца на таа тема, се дискутира за воведување сексуално образование. А донесен е и нов закон за казнување на силувачите, иако сè уште има слабости.“

Режисерот Чел е свесен дека индиското општество не може да се промени преку ноќ, уште помалку благодарение на некаков нискобуџетен филм со малку познати глумци, „но барем можеме да поттикнеме да се размислува на темата - а тоа е мојот придонес, колку и да е скромен.“

Извор: Deutsche Welle