Лажна еуфорија и платеничка реалност!

18.11.2013 10:07
Лажна еуфорија и платеничка реалност!

Лажната еуфорија и егзалтација, или самоегзалтацијата на одредени новинари, квазиновинари, експерти и медиуми кога зборуваат за опозицијата и претерано ја фалат или нудат погрешни комплименти и споредби, можaт само да ѝ направат штета на опозицијата. Уште поголема штета можат да направат пофалбите од погрешните луѓе, оние кои од јавноста се прочитани како двојни, тројни или префригани играчи.

Колку само се заразни пропагандата и манипулациите на власта може да се забележи токму од постапките на одредени новинари и експерти, кои неаргументирано, лажно и во духот на вмровските кампањи ја фалат или пак ја замислуваат опозицијата.

Постојат луѓе кои мислат дека само со контрапропаганда, а не со реална работа, односно со единствената работа која очигледно знаат да ја прават, а тоа е спинувањето, оваа власт и овој режим ќе се победат. Некои други пак, мислат дека проблемот со режимот и со неговото совладување е само психолошки, а не суштински реален, материјален, врзан за реалните состојби на терен. Има и трети, кои бараат некаква си паралелна вера на груевизмот како рецепт за опозицијата, или дајте повеќе од истото, ама со различни луѓе!

Најголемите идиоти и најплитките промислувачи на политичките состојби имаат едноставен рецепт. Лажи, фали се, нека те фалат други лажно и за пари, нуди го невозможното и така ова лудило ќе се совлада, а народот ќе ти поверува. Прво, не разбираат дека народот секогаш повеќе му верува на оној што веќе го прави тоа, а притоа има и моментални средства и моќ нешто да испорача. Како, второ, токму лажната егзалтација создава погрешни и нереални психолошки перцепции, кои потоа ќе се рефлектираат и во процените на самата опозиција, и во дејствувањето на самите граѓани. А, верувајте, погрешни и нереални процени денес најмалку ни требаат. Како што најмалку од сѐ на граѓаните им треба лажна надеж, само убави зборови, повеќе од истото, а потоа и големи разочарувања.

Гледам дека оваа болест, покрај една акутна будала, има зафатено и некои посериозни луѓе, од кои некои не ги ценам воопшто и мислам дека инструментализираат, и други кои длабоко ги почитувам и мислам дека паѓаат во лоша стапица.

Не знам како во целата работа и заради чиј интерес во еуфоријата се приклучи и еден денес прорежимски медиум во сопственост на Камчев, а кои некои и понатаму обожуваат да му даваат аура на левичарски, „Утрински весник“. Весник, за кој некој ќе рече дека имам лична одбивност, затоа што таму пред две години бев цензуриран, и покрај тоа што татко ми и имиња како Тричковски, Ризаов, Поповски, Митевски, кога го формираа, му дадоа еден левичарски и слободараски дух и карактер. Денес, нивните имиња од импресумот се избришани, како никогаш да не постоеле, но тоа е помалку страшно од тоа што е изгубен духот и квалитетот, па и довербата на читателите, кои тие со макотрпна работа ги всадија и ги уживаа. Така што, не е само лично, како што не е личен и фактот што актуелната уредничка избрка неколку од најквалитетните новинари од овој весник, и под секоја колумна воведе кукавички дисклејмер, за нејзините газди случајно да не помислат дека уредничката се согласува со искажаните ставови! Како и да е, овој весник, деформиран и десеткуван каков што е, влезе во наводна поддршка на опозицијата. Почитуваните Поповски и Ризаов се единствените кои опстојуваат на доблесното ниво на критика и новинарство, иако и тие самите искажуваат некои погрешни тези врзани за опозицијата.

Една работа, меѓутоа, не разбирам, од каде ѝ е особено на уредничката тоа убедување дека Заев морал нешто да победи, да ресетира или да трансформира во СДСМ ако сакал да го победи режимот?! Која е таа франкенштајновска идеја за функционирање што многу луѓе, кои ѝ се упикуваат на опозицијата, сѐ почесто ја промовираат? Таква идеја може да дојде само од еден медиокритет од уредник, кој се обидува своите паланечки манири и логики да ни ги прошверцува како успешни рецепти во политиката. Нели сфаќаат дека само подгреваат внатрешни поделби и раздор, или пак тоа им е целта?! И која е таа поранешна „одбранбена социјалдемократија“, кога никој не може да оспори, дека токму порано се водела најсилната радикализација во однос на власта?!

Тезата на Поповски дека Заев треба да стане трансформативен лидер, со своја вера, каков што е Груевски, е катастрофална! Исто како и Крамарска, се форсира идејата дека не само што ни треба контрапункт на Груевски и негов репер, туку треба и човек, лидер, кој сите нас ќе нѐ чипира да бидеме послушни идиоти или папагали, па така потоа ќе ја оправи работата. Демек, така се прави дисциплина, така се тренира „строгоќа“. Ете, тоа што особено ме иритира кај ваквите тези, е до кое ниво е пропаднато нашето конеципирање на одговорно и алтернативно политичко дејствување, и дека најголем комплимент кој денес може да му се искаже на опозицискиот лидер е дека наликува, потсетува или е на добар пат да стане новиот Никола Груевски. Комплетно луди идеи, тотална забеганост!

Друга работа,„ Утрински“, демек, преку воведување на еден симпатичен и прашален сомнеж кон опозицијата, сака да пласира сомнителни фалби за новото и остри критики за претходното раководство. Како да сакаат да направат услуга, а само прават штета! Искрено, мене фактот што еден весник на Камчев толку многу бутка нос во опозицијата и сака да кокетира, ми е сомнително. Од аспект на конвертитството на уредничката сѐ ми е јасно, но не знам што другите мислат.

Особено ме разочараа тезите на професорот Ѓорѓи Спасов кој пишува во истиот весник. Неговата теза дека победите на СДСМ во Центар и Струмица се доказ дека опозицијата може да победи секаде, е најплитката политичка теза и процена што сум ја чул во последните години. Струмица и Центар се исклучоци суи генерис, случаи кои не треба да се генерализираат, ниту од маркетиншки аспект, а уште помалку од техничко-технолошки. Ниедна опозициска општина ги нема ресурсите на Струмица, а ниту успесите на локално ниво на Заев. Таму, тоа е пресудно, како што е пресудно Заев тие локални успеси да ги објективизира на национално ниво. Од друга страна пак, да бидеме искрени, Центар сам победува, никој не може да го сработи Центар, затоа што ДПМНЕ направи толку катастрофи, што сами си ја минираа победата. Друг аспект е дека во Центар живее најобразованото, најградското, најкултурното население во Македонија, и на тие граѓани нема што многу да им се објаснува кога повеќе од кого било на своја кожа и пред свои очи ги живеат катастрофите на ДПМНЕ и СК 2014.

Второ, кога веќе прави математики и се повикува на бројки и перцепции, ме интересира каде беше професорот и што му фалеше за да дојде до слични заклучоци и да и ги соопшти на јавноста во изминатите две - три години кога опозицијата мобилизираше огромни маси на народ, не само на митинзи, туку и на улица, во зима, речиси секоја недела. Тогаш, сѐ нешто му фалеше, наоѓаше мани, немаше убави бројки за жонглирање, а денес со истите тие бројки пишува рецепти за успешни епопеи. Сега, оп - одеднаш, не гледаме ни пола од активностите на опозицијата, ама професорот е подготвен да фали и да кити со лаври. Моќ и бројност опозицијата демонстрираше и се надевам ќе демонстрира, но реалноста на изборите во услови на режим ја погази тезата на професорот, дека само со демонстрација на сила и со психолошка еуфорија ќе се променат работите. Постои една многу поважна компонента, а таа се вика издржливост, кохерентност, способност политичарите да се жртвуваат како и граѓаните или, просто кажано, да се има муда да се оди докрај во намерите, да се сработи и да не се капитулира, за да се победи еден режим. Тоа ниедна бројка нема да ви го покаже, ама граѓаните тоа најдобро знаат да го видат и почувствуваат.

Во овие неколку години сум видел сѐ што нашата политика, особено опозициската, знае да понуди. Понудила многу, доживеала многу порази од причини за кои да ги наведам ќе треба да напишам книга. И знам дека денес се обидува да понуди многу работи кои можеби се слични и на минатите понуди, но некои одбираат да ги стават во различна обланда. Многу работи не се слични, но за оние што се, не може вчера да биле катастрофа, а денес полн погодок! Денес, некои веруваат и продаваат приказна дека ако опозицијата направи паралелизам и го копира режимот, ќе ја добие наклонетоста на граѓаните. Опасно се лажат. Каде и да сум бил низ Македонија, со кого и да сум разговарал или слушал, не сум сретнал човек, од најсиромашен до најбогат, од најмалку образован до највеќе, да бара, посакува, или мисли дека ни треба повеќе од истото, од истите политики, од истиот маректинг, од истата вера, како и сакате наречете го!

Опозицијата денес треба да продолжи како континуитет, не само како нова приказна, треба да црпи искуства и лекции од претходното и да се обидува да се подобри. Нормално, многу работи ќе бидат и треба да се различни. Но, бегањето од од тоа што било пред тебе, е опасна илузија дека ќе имаш подобра иднина. И не ѝ треба на опозицијата некој што ќе продава филмови, ќе создава лажна еуфорија и егзалтираност, а притоа само ќе краде содржини од оние што навистина нешто сработуваат и ќе се продава како многу паметен. Добриот глас далеку се слуша, ако е заслужен и е вистински. Некои луѓе, макар и биле од провинција, кои секогаш зборуваат дека го знаат народот, изгледа одамна не се симнале кај народот да го чујат или да му соопштат нешто искрено и вистински.

Опозицијата сега тргнува кај граѓаните, сега за сега тоа го прави совесно и одговорно, темелно и организирано. И народот тоа го гледа, не му треба некој да му набива тахикардија од возбуда, кога искрено нема ниту потреба, а ниту услови за неа. Од она што знам и што сум видел, е дека луѓето сакаат реален разговор, да слушнат и да бидат чуени, не некој да им вика, да им се дере, да ги лаже во очи, да им прави лиги, продава филмови или некаква си вера. Верата и вербата сами ќе си дојдат кога луѓето ќе ја увидат сериозноста и работливоста. А, овие фалбаџиски муабети и лоши комплименти за опозицијата, евтини и упикувачки викачи на пароли, само прават врева од која граѓаните не можат да ја чујат опозицијата. И конечно, нека не се лажат денешните упикувачи, дека единсвената рецептура е ова што сега го промовираат. Има една поважна и многу потешка работа. Работата на терен бара постојан контакт со народот, големи жртви и истрајност и се вика: Отпор!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото