1031 hPa
62 %
11 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 16:59
Во 2007 година (три години пред да биде јавно презентиран), преродбеничкиот проект Скопје 2014 започна да се изведува во тишина, преку серија на измени и дополнувања на деталниот урбанистички план на централното градско подрачје на Скопје - Мал ринг, донесен во 1997, за потоа да продолжи како епидемија да се шири низ поширокото подрачје на центарот на градот. Иако проектот Скопје 2014 придонесе за обезвреднувањето на најмалку четири различни урбанистички планови, овој краток илустриран текст ќе им биде посветен само на измените на ДУП Мал ринг, планот со кој ДПМНЕ ја започна својата „архитектонска преродба“. Сите архитектонско-урбанистички трансформации во јадрото на Скопје од 2007 година наваму, се „озаконети“ со измените и дополнувањата на ДУП Мал ринг. Но, за колку (на број) и за какви (по квалитет) плански измени всушност станува збор? И дали се тие законски?
Познато е дека планот беше изменет многу пати. Некои од измените јавноста ги сметаше за контроверзни, а некои воопшто не беа забележани; една од нив беше поништена откако Уставниот суд ја прогласи за незаконска. Но, до кој степен е деградиран и банализиран целиот процес на урбанистичко планирање и постапките за донесување плански документи станува јасно дури откако внимателно ќе се разгледаат сите одлуки донесени во Општина Центар, во периодот 2007-2012 година. Тогаш ќе се сфати дека станува збор за дури ДЕВЕТ ИЗМЕНИ НА ДУП МАЛ РИНГ во период од околу ПЕТ години!
Датуми на донесување на сите (достапни за јавноста) измени и дополнувања на ДУП Мал Ринг
Секако, сите актери вклучени во процесот заслужуваат восхит - за нивната работливост, брзина, вештина и невидена координација, а воодушевува и ускладеноста помеѓу одговорните институции кои успеаја да изведат девет измени на урбанистичкиот план за толку кратко време. „Ефикасноста“ на сите инволвирани во изменитеи дополнувањата на ДУП Мал ринг станува уште поопиплива откога ќе се запознаете со сите процедури кои се законски неопходни при донесувањето на секоја измена на урбанистички план. Имено, според законот, по изработката на нацрт-план за измена на ДУП, а пред тој да биде усвоен од советот на општината, планот треба да биде ревидиран по дадените мислења, коментари и критики од: стручната комисија од архитекти и урбанисти, граѓаните на општината, еколошките здруженија задолжени за заштита на животната средина, Министерството за култура, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје итн. итн. И додека кај сите други урбанистички планови во Републиката процесот за изработка и донесување трае најмалку една година, процедурите за измените на ДУП Мал ринг во Општина Центар во просек се завршуваа за два-три месеци, вклучувајќи го и времето за изработка на планот! Ако тоа не е ефикасност, не знам што е!
Нетемелноста и недостигот на стратегија за архитектонско-урбанистичкиот развој на центарот на Скопје се јасно читливи веќе од пречестите измени на ДУП Мал ринг, но стануваат уште поочигледни кога повнимателно ќе се разгледаат спроведените измени. За илустрација на овој непромислен процес на додавање, одземање, зголемување, намалување и сецкање на архитектонски објекти и урбанистички целини, погледнете ја планската еволуција на два „планирани“ објекти низ измените на ДУП Мал ринг: контроверзната парцела на Плоштад Македонија, која требаше да биде православна црква, и старата жолта зграда зад некогашната стоковна куќа Беко, во која беше сместено седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Еволуција низ измени на ДУП, парцела на Плоштад Македонија
Низ прикажаната еволуција, извадена од деталните урбанистички планови, се гледа како во 2008 година, помеѓу Пелистер и City Gallery беше неочекувано впишана градежна парцела насред отворен плоштад (и врз колекторски вод на фекална канализација!), наменета за православна црква. Откако предизвика бурни негативни реакции во јавноста, парцелата се пренамени за дванаесеткатна државна институција со монументални влезни „Шпански скали“, за на крај да се истенчи и да стане четирикатен деловен објект со модифицирана верзија на бесмислените скали кои не водат никаде. Ниту една од овие несмасни измени, прилагодувања и допишувања не произлегуваа една од друга, не беа објаснети, ниту образложени. Секој чекор од произволното менување на планот ги заобиколи сите урбанистички стандарди и нормативи, како и стратешката аргументација која треба да претходи на секое изменување на урбанистички план. Згора на тоа, „планирањето“ на овој објект придонесе за маргинализација на интересите на пошироката јавност, уништувајќи плоштадно земјиште за општа употреба и загушувајќи ги двете пристапни улици кон плоштадот Македонија, а со тоа, и самиот плоштад.
Еволуција низ измени на ДУП, старо седиште на ВМРО-ДПМНЕ
Развојот на старото седиште на ВМРО ДПМНЕ низ серијата на измени на ДУП Мал Ринг одново е едноставна илустрација на арогантната алчност поради која е присвоена и приватизирана јавна површина за партиски цели. Притоа, корисната површина на зградата од неколку стотини квадратни метри во 2010 година, се зголемува до неверојатни 12.240 м2! Згора на тоа, малата зграда постепено расте во зградиште со нелогична форма, за чија изведба ноншалантно беше уништено цело паркче со 33 возрасни дрва! Овој објект, меѓу останатото, од план во план ја менува предвидената намена – прилагодувајќи се веројатно на заинтересираните инвеститори. Па така, од деловен простор, станува семејна зграда, за на крај да стане комерцијален деловен објект, со приватен влез од улица, приватен плоштад и фонтана (означена со испрекината розова линија)! Така, планираниот објект станува школски пример за неодговорно планирање и некомпетентност, не само со случајната триаголна форма со која грубо ѝ противречи на секоја професионална архитектонска логика за оформување рационална градежна парцела, туку и со безгрижниот однос кон непосредната околина и бескомпромисното уништување на еден од ретките преостанати зелени простори во строгиот центар на градот.
ДУП Мал ринг уште од првата негова измена и дополнување во 2007 година престана да биде урбанистички план и се претвори во подлога за поединечни псевдо-архитектонски интервенции, на која произволно се додаваа и одземаа згради, мостови, бродови и споменици. Меѓутоа, од приложените извадоци од плановите, станува јасно дека тие интервенции се стручно сосем неартикулирани и се менуваат прилагодувајќи се единствено на политичките околности, односно на интересите на власта и на алчноста на инвеститорите.
Овој принцип на непромислено, некомпетентно и арбитрарно измислување, одземање и додавање објекти и споменици со налудничавото темпо на менувањето на ДУП Мал ринг толку многу се повторува во планерските интервенции на Владата во центарот на Скопје, што очигледно не се работи за грешка или исклучок, туку, напротив, за правило. Така, касапењето на градското јадро на македонската престолнина, кое сигурно ќе остане уништено за нас и за неколку наредни генерации, е последица не на професионални, архитектонско-урбанистички мисли и стратегии, туку на нечии некомпетентни, неразумни одлуки, водени од политички, идеолошки и лукративни побуди.
Претходен текст: Зошто „Скопје 2014“ воопшто не е проект