Како да се излезе од меката деспотија

03.12.2013 16:31
Како да се излезе од меката деспотија

Со суптилност на друмски разбојници „преродбениците“ јавната сцена ја претворија во машина за магла. Ја претворија во некаква гротескна машинерија како произлезена од лабораторијата на Руб Голдберг или професор Балтазар: комбинација од машина за магла, касарнска труба и проточен бојлер - тоа е македонската јавна сцена денес.

Една активистка за човекови права уште поекспресивно ја опиша медиумската стратегија на груевистите: „Едни ќе ги поткупиш, други ќе ги купиш, трети ќе ги ставиш во затвор, четврти само ќе ги стегнеш за јајца. Резултатот е, Македонија ја покри медиумски мрак“.

Груевистите ставија превез врз кафезот зашто ја сфатија моќта на медиумите. Превезот на медиумите се користи наместо институциите, законите и другите демократски механизми. Низ медиумите божем се води политика и божем се решаваат проблемите; иако суштински тие не се решаваат. Низ медиумите тие се извртуваат, лажираат и прикриваат.

Живееме во маѓепсан круг на немоќта: апатијата на граѓаните ја зголемува неодговорната моќ на власта, со што се засилува беспомошноста и одново се произведува апатија. Таквата власт, која почива врз апатични граѓани, Токвил ја нарекува мека деспотија.

За да се спасиме од тој маѓепсан круг мораме да ја развиваме јавната сфера; мораме да ги учиме вештините на здружување; мораме да ја унапредуваме автономијата на поединците; мораме да се бориме!

Чарлс Тејлор ја дефинира јавната сфера како нов металокален простор во кој граѓаните можат да разменуваат идеи и да донесуваат заеднички заклучоци. Вонполитички (во партиска смисла), секуларен и металокален простор - тоа е суштината на јавната сфера, според Тејлор.

Освен тоа, границата помеѓу политичкиот систем и јавната сфера мора да омекне, смета Тејлор. А самата јавна сфера треба да стане збир од многубројни и повеќекратни јавни сфери вметнати едни во други. Либералниот политички систем тежнее кон рамнотежа помеѓу партиско-изборниот систем, од една страна, и мноштвото движења кои застапуваат одредени цели неврзани за партиската борба.

Либералната политика треба да се позанимава со условите за едно автентично демократско одлучување, при што јавната сфера не смееме да ја гледаме само како општествена форма која го ограничува политичкото, туку треба да ја разбираме и како медиум на демократската политика. Со еден збор: разумот мора да ја припитоми моќта.

Ова е особено важно да се нагласи кај нас, зашто често пати - на пример, во граѓанскиот или во културниот сектор - аполитичноста, ескапизмот, дефетизмот, опортунизмот, се сметаат за доблести само зашто се неконтаминирани со политичкото. Затоа уште еднаш треба да повториме: јавната сфера не само што го контролира политичкото туку таа на одреден начин и го обликува.

Се разбира, дискутабилно е прашањето кои се границите на јавната сфера и што воопшто претставува јавниот интерес. Во јавната сфера дејствуваат секакви видови чинители, вклучувајќи ги и оние со крупни политички цели, и оние поврзани со актуелната власт. Меѓутоа, иако во одредена мера се узурпирани, фактот дека овие области функционираат со сопствена динамика има пресудна важност за ограничувањето на власта и со самото тоа за одржувањето на слободата на модерниот Запад. Во модерното демократско уредување, да повториме уште еднаш, границите помеѓу политичкиот систем и јавната сфера треба да бидат максимално пропустливи.

Токвил велеше и една друга исклучително важна работа: во демократските земји науката за здружувањето е мајка на сите науки. Успешната заедничка акција на луѓето им носи чувство на поголема моќ и поистоветување со политичката заедница. Расправата која во преден план ги става заедничките цели, дури и ако постои радикално несогласување во однос на средствата, може да предизвика чувство на политичка заедница, т.е. да ги неутрализира длабоките политички поделби при кои противниците се прикажуваат како застапници на потполно туѓи вредности.

Да заклучам: меѓусебното здружување на луѓето, јакнењето на автономијата на поединците, развојот на децентрализацијата, јакнењето на јавната сфера, посилната невладина граѓанска сцена се некои од начините како Република Македонија да стане поурамнотежено и поумно општество.

П.С.
Свесен сум дека на ваквите совети многумина гледаат како бајрам на (западниот) ум, копање бетонски блок со пластична лажица. Свесен сум дека сеуште премногу луѓе во Македонија на демократијата и на медиумите гледаат како деца на роденденска забава кои од кловнот очекуваат да извлече уште еден букет цвеќе. И тоа го прифаќам. Затоа, еве уште една китка, од кловнот.

Слики: Edward del Rosario

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото